ТОНИ САЛИ

Ќе ја намалеле платата на функционерите до крај на мандатот. А зошто не ја намалат сега? На крај на мандатот ќе имаат ли поголемо мнозинство во Собранието отколку што имаат сега?

    ТОНИ САЛИ

    1 Матурантот Тони Сали почина на 19 години. Десет години се бореше со државата да добие матичен број. И бидејќи Тони немаше матичен број, не можеше да има ни матичен лекар. Ни социјална помош. Ни сметка во банка. Семејството му било сиромашно, па не можел да се лекува ни приватно. И – си умре Тони. Kако никогаш и да не постоел. Останаа само петките во свидетелствата, оти некому во државава сепак му текнало дека врз основа на Конвенцијата за права на детето, Тони може да се запише во училиште иако немал матичен број.

    Сè е по закон во оваа држава каде што се креираат матични броеви на непостоечки граѓани, се издаваат по неколку лични карти на различни адреси на исти луѓе за крадење на избори, за пари се издаваат регуларни фалсификат пасоши на белосветски криминалци, ама ете – баш за Тони, одличниот ученик од Шуто Оризари, никој во државата не успеал да најде решение.

    За Тони сум пишувал вака во мај 2021 година. Пред тоа, најмалку две години нашата редакција пишуваше за проблемите на лицата што немаат матични броеви. Конечно, во 2023 година беше донесен законот што ги регистрира и неевидентираните. Ама колку тој закон е усогласен со другите државни институции, гледаме секојдневно. А протестите на граѓаните во ромските средини затоа што полицијата им ги одзела колите што не им биле регистрирани и ги возеле без довола, одново на површина ја извади темата колку таа ранлива група е оставена сама на себе. И колку лесно се буди расизам.

    Сосема е беспредметна расправата дали може некому да му се дозволи да вози без возачка дозвола, па уште и нерегистрирана кола. Тоа не може да биде тема за дебата. Како што не може да се дебатира дали повеќе камери имало на патиштата каде што се возат Македонци, Албанци или странци. Еднаш решија властите да направат нешто за општата безбедност во сообраќајот и сега се дебатира дали се прекршени човековите права на тие што ги кршат законите.

    Но, во случајов – непостоечки луѓе возат непостоечки коли – а за тоа не се ни дискутира. А тоа што една група наши сограѓани почетокот на примената на законот за казни во сообраќајот „Безбеден град“ го сфатија како казна за сиромаштијата, и тоа како е за дискусија.

    Море колку пари се потрошени, што европски, што домашни за разни проекти за еманципација на Ромите, па неколку партии имаат со сите идеолошки предзнаци, па Декада на Ромите славевме, па министри без ресор, па едно чудо невладини организации… Ама, невладините се со проекти. Колку пари, толку музика. Џабе нивниот ангажман, ако потоа проектот не стане пракса на државата. Џабе се сите истурени пари за семинари и обуки, ако овие граѓани останат надвор од системот.

    Еден од демонстрантите рече: „На нашата држава ѝ требаме само кога има избори“.

    Сега да има избори, можеби партиите и возачки дозволи ќе им дадат за да гласаат за нив. И колите ќе им ги регистрираат.

    А тие што добија кривични пријави за заканите што ги упатуваа до државниот врв за време на протестите нема само да се извинуваат. Не беше толку одамна кога слушавме во прислушуваните разговори: „Циганите за уши ќе ги влечеме“.

    2 Премиерот Христијан Мицкоски на интервју за јавниот сервис МРТ, зборувајќи за петте тона дрога што ги фатиле во Србија, а влегле преку македонската граница, рече дека тоа било резултат на политиката на Владата на СДСМ и ДУИ оти довеле голем број граѓани и инвеститори во заблуда дека ќе станат милионери ако отворат бизнис за медицински канабис.

    „Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов којашто во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија“, рече Мицкоски на телевизија.

    Прво, дали премиерот ја компромитираше акцијата на полицијата штом јавно ја најави?

    Второ, од каде знаел премиерот колку марихуана ќе пронајде полицијата во акција што е во најава?

    И трето, ако полицијата знаела колку дрога имало во складиштата кај нас, што чекала досега? Прво српската полиција да најде пет тона? Или чекале граѓаните што биле доведени во заблуда од СДСМ и ДУИ дека ќе станат милионери ако произведуваат марихуана, сега да немаат каде да ја продадат, па морале да ја шверцуваат преку границата што сега ја контролираат ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“?

    3 Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека за кратко време успеал да ги стабилизра финансиите на главниот град и најави: „Тргаме во најголемата инвестициска офанзива досега“.

    Орце Ѓорѓиевски сигурно не памти каква инвестициска офанзива имало во Скопје по завршувањето на Втората светска војна, кога се правела инфраструктурата на главниот град на новата македонска држава.

    Не може да ја памти ни градежната офанзива со инвестиции од сите страни на светот и од цела Југославија по катастрофалниот земјотрес во 1963.

    Ама, белким не го заборавил проектот „Скопје 2014“. Каква офанзива беше тоа што нѐ чинеше 700 милиони евра. Мал инвестициски бум ли беше тоа? Уште ги плаќаме кредитите, уште ги чувствуваме последиците.

    Разбирам јас што е пропаганда, ама не е баш сѐ толку историско. Пред неколку дена, премиерот Христијан Мицкоски рече дека одлуката на Советот на Европа по 26 години да се затвори постмониторинг дијалогот со Македонија е „историски ден, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста“. Како може „укинување постмониторинг“ да биде еднакво историски значајно како прогласување независност на државата, тоа галиба само премиерот знае. Ако разбираат 99 отсто од граѓаните што е тоа „постмониторинг дијалог“, еве – на!

    Ова современиве вмровци нека намалат малку со занесот дека од нив почнува историјата. Па и ние не сме од вчера.

    4 Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за „360 степени“ зборувајќи за линеарното покачување на пензиите едноставно објасни: „Од купот поделивме на сите подеднакво“.

    Кога министер за финансии така едноставно ќе ти ја објасни финансиската политика на државата базирана на „тоа го ветивме на избори, така изгласаа граѓаните“, се прашувам зошто воопшто се водат дебати, се прават протести, се глуми конструктивност во социјалниот дијалог и кога се дискутира на темата за зголемување на платите, особено на платите во државната и јавна администрација, вклучувајќи ги тука и функционерите, од претседателката на државата, премиерот, па до градоначалниците. Зошто властите лицитираат со проценти, па 10 проценти, па 8 проценти, па оваа година ќе биле толку, па следната ќе пораснеле уште толку… Зошто на сите не им дадат линеарно, еве да речеме по 1.500 денари. Од министер до најмлад референт за копирање. Буџетот е тој. Еден е купот. Батали процентите. Од купот, на сите подеднакво.

    Премиерот Мицкоски на интервју за јавниот сервис рече дека ќе направи „уставно и законско намалување на коефициентите на платите на функционерите до крајот на мандатот на оваа Влада до 2028 година“.

    Ќе ја намалеле платата на функционерите до крај на мандатот. А зошто не ја намалат сега? На крај на мандатот ќе имаат ли поголемо мнозинство во Собранието отколку што имаат сега?

    СДСМ е декор во политичкиот пејсаж, колку да се брои дека сме некоја демократија, дека ете и ние имаме опозиција. Па затоа и министерката за финансии и премиерот можат вака бесрамно да ни раскажуваат приказни за мали деца.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира