РАСФАТИ ЈА ДНЕВНАТА

Да не биде после „Друг Тито није знао“.

РАСФАТИ ЈА ДНЕВНАТА

1 Ѓорге Иванов и Зоран Заев стојат еден до друг на платформата на Скопскиот аеродром. И молчат. Чекаат авионот на папата да се одвои од пистата да му мавнат за добар пат. Ги снима камера и ги дава на директен пренос на телевизија. Ги фаќа во крупен кадар. И тие молчат. Арно ама, процедурата пред полетување бара време. И, видоа-не видоа, некако ја прекинаа таа непријатна тишина и – прозбореа. Од тоа што можеше да се слушне од муабетот, Иванов викаше „Не, не, прескапо е тоа, стварно е прескапо“. А Заев викаше: „Мислевме да видиме нешто без пари дали ќе може“.

За што ли збореа претседателот во заминување и премиерот испраќајќи го папата? Што е тоа што е прескапо, а што може и без пари да се најде? Којзнае како заврши муабетот. Ама, видовме дека двајцата му мавтаа на авионот додека полетуваше. И тоа синхронизирано.

Ова е само една од сликите што ја одбележаа оваа историска недела во Македонија. Претседателските избори успешно завршија. Папата дојде во прва посета на Македонија. И Ѓорге Иванов си заминува од претседателската функција. Завршува најлошата деценија од современата историја на македонската држава, во која токму Иванов ја имаше историската одговорност за злото што го поддржуваше. До последниот ден од неговиот мандат.

И белким веќе ќе завршиме со историски настани. Историски преговори, историски договори, историски документи, историски судења, историски посети, историски извештаи, историски избори… Дај сега веќе од историја да се преселиме во сегашноста. Да се бавиме со животот.

2 Од идната недела мене ме интересира само како ќе владее Заев. И фино што си зел неколку слободни денови. Малку од дистанца да погледне каде бевме, до каде дојдовме и што треба да правиме. И со кои луѓе.

Допрва почнува неговото вистинско владеење. Ова до сега беше гасење пожари и вадење од калта. И допрва ќе го цениме дали го бива или не. Оти, веќе нема нема оправдување за калкулации. Не се сомневам дека Заев ја сфатил пораката од граѓаните помеѓу двата изборни круга. Затоа и вети метла. Дека ќе се фати за метла, ќе се фати. Ама не сум баш супер оптимист што таа метла ќе значи. Дали ќе донесе темелно чистење на системот. Или само ќе крене прашина.

Тоа сигурно не е лесно. Имајќи ги предвид непријателите што глумат опозиција, ама и  сојузниците во ДУИ и особено сопартијците во СДСМ со сите бизнис, семејни и други приватни интереси. Ама, ако сака да остане во политиката и да се памети како успешен политичар и лидер, Заев ќе мора да почне да се однесува како што би се однесувал во сопствените успешни компании. Како извршен директор. Кој е способен, ќе остане. Кој не е способен, нека си бара друга работа. Имаше доволно време да види кој колку е способен и досега.

Оти, како викаше: „Ова зло никогаш да не се повтори!“. Е па, бујрум. Нека направи систем што нема да дозволи ова зло некогаш да се повтори. Од понеделник веќе ни Иванов нема да биде пречка.

3 А дека може да се направи систем што функционира, покажа и организацијата на посетата на папата Фрањо. Можело да биде чисто, можела да биде тревата искосена, можело и дрвјата да се извадат и да се вратат назад сосе корен, можело и дупки во асфалтот да се пополнат, можело и колите да се тргнат од тротоарите… И јавниот сервис МРТВ можел да биде професионален. Можело да ги седнат сите заедно – и власт и опозиција, сосе жени, сосе деца, и попови и оџи, и стар претседател и нов претседател. Па дури и Ѓорге Иванов и Зоран Заев заедно да мавтаат по авионот.

Папата си замина и пак си се вративме на редовниот живот. Тој ден ни беше како кога чистиш по дома оти ќе ти дојдат гости. Ние не сме папи за да ни бидат чисти улиците по кои одиме. И не сме заслужиле власта која сме ја избрале и ја плаќаме да нѐ третира со почитување како што ги третира гостите. Како она – не јади од бонбоните, за гости се. Не го вади убавиот сервис за ручек, за гости го чуваме. Расфати ја дневната, идат гости…

За оваа хармонична слика придонесе и тоа што тој ден беше прогласен за неработен само за државната администрација во Скопје. Тие што стварно имаат работа, си дојдоа на работа. А на другите што ионака ништо не работат што убаво им рекоа: „Ај вие не доаѓајте на работа, за да не правите гужва!“

4 Тоа дека јавната администрација е некоја посебна, многу важна класа од македонското општество покажува и едно навидум здодевно полициско соопштение за последната акција за апсење на дилери и купувачи на кокаин. Полицијата споменува „бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација“.

Бре, мајката. Тоа дека некој е вработен во јавна администрација, тоа е нешто како највисоко достигнување во кариерата. Јавната администрација кај нас елита да ти била. Ја ужива дрогата на богатите.

5 Сите што мрчеа дека градот е блокиран и што прашуваа: „Што фајде имаме сите ние што папата ќе дојде“, одговорот можат да го најдат само во еден наслов на „Њујорк тајмс“ – „Посетата  на папата Фрањо ја стави Северна Македонија на мапата“. На тие што им треба дополнително објаснување, нека ја прочитаат само уште првата реченица од текстот: „Со конечното решавање на горчливиот спор за името со Грција и со членството во НАТО што се очекува до крајот на годинава, Северна Македонија во вторникот доби уште еден сигнал дека тридецениската меѓународна изолација завршува: прва посета на папа на земјата“.

Е па Заев, одмори и – фати се за работа. Животот ќе дојде кога секој ден ќе биде како да доаѓа папата. Да не биде после „Друг Тито није знао“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира