АМНЕСТИЈА ЗА РЕФЕРЕНДУМ

Фирмите што не враќаат пари не се во стечај. Во Белизе се.

АМНЕСТИЈА ЗА РЕФЕРЕНДУМ

1 Си седиш така во партиски штаб на дежурство и одеднаш некој ти вика  – ај да одиме до Собрание. Ќе тепаме Шиптари. Ќе му ја скршиме главата на црпкото Заев. И така, на ураааа, тргаш да го освојуваш Собранието. Да ја браниш Македонија. Од Тиранската платформа. И да ја гарантираш унитарноста на државата. Според условите што Ѓорге Иванов ги измислуваше за да не му го даде мандатот за состав на Влада на мнозинството во Собранието.

И после година и три месеци, кога ќе те осудат на 13 години затвор за обид за убиство на пратеник, ќе се освестиш и ќе плачеш: „Готово, ми отиде мене животот“.

Не знам дали овие осудените за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села при нападот на Собранието не сакаат да ги кажат наредбодавачите за нападот, оти го почитуваат мафијашкиот завет за молчење омерта. Или стварно не знаат кого да кажат за да се спасат.

Ама, обидот за убиство на Села е само едно делче од организираниот напад на Собранието. И штотуку осудените за обид за убиство на само еден пратеник се само мал дел од многуте, што на 27 април 2017 година влегоа во Собранието со намера да убиваат.

Така што, ако овие што не ги знаат нарачателите добија по десет и пол и по тринаесет и пол години затвор, колку ли ќе добијат организаторите на нападот? И колку ли ќе добијат тие што ја нарачале организацијата на нападот?

Што си мисли сега, на пример Митко Чавков, кој таа вечер се слушал неколку пати со Никола Груевски од  Виена? А бил недостапен за министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. И што ли си мислат сега организаторите на протестите што три месеци рецитираа поезија, пееја песни и фрлаа клетви пред Собранието?

Претседателот Ѓорге Иванов знаеме што мисли.

2 А знаеме што мисли за тоа прашање и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Побара амнестија за сите осудени, обвинети и осомничени за нападот на 27 април. Исто како и неговиот претходник Никола Груевски, кој побара амнестија за организираниот напад на Собранието веднаш по завршувањето на вториот круг од локалните избори на крајот на октомври 2017.

Јасно е. Не станува збор ни за името, ни за идентитетот, ни за јазикот, ни за достоинството, ни за ЕУ, ни за НАТО. Станува збор за спас од затвор. Оти, амнестија на криминалците е единствената платформа на ВМРО-ДПМНЕ. И на чело со Мицкоски.

Да им беше нив до одбрана на Македонија од „капитулантскиот договор со Грција“, имаа шанса по втор пат да зборуваат за тоа во Собранието при повторната ратификација.  Сите утрински соопштенија за „картелот на власт“, групни сликања на скалите во Собранието, читањето изјави од идиот камери, протестни маршеви низ градовите… се само замајување, за да се скрие вистинскиот интерес на Мицкоски – како да ги спаси од затвор вмровците што се осудени, обвинети или осомничени за криминали.

Така што, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ може да глуми дека не знае што ќе прави со референдумот за името. Ниту пак на кој начин би ја внел Македонија во НАТО. И може колку сака да кажува по интервјуа дека е „сериозен човек кој се потпира на мерит систем“. Нему референдумот му дојде супер како чип во пазарењето. Амнестија за референдум.

Од тоа да ја сакаш Македонија, до тоа да сакаш да го убиеш комшијата од преголема љубов за Македонија, има голема разлика. И не разбирам како може Мицкоски да бара амнестија за некој што тргнал да убива. Во напад на Собрание што бил организиран. Па самите тие две работи се неспоиви дури ни во една реченица – Амнестија за организиран напад на Собрание.

3 И ако таа платформа на ВМРО-ДПМНЕ помине во пазарањето со Заев, за да добие поддршка за референдумот, тогаш џабе ни се и ЕУ и НАТО. Што ќе донесе тоа за нас? Секој на улица ќе може да те натепа. Да ти удри шамар. Или едноставно да те убие. И да не одговара. Оти, тоа го направил за Македонија.

Никола Груевски по неуспешниот обид за убиство на Зоран Заев на 27 април изјави: „Да сакаше некој да го убие, ќе го убиеше“. Ако Заев сега сака да си направи политичко самоубиство, тогаш нека преговара за амнестија со Мицкоски.

4 Хрватската фирма „Конструктор“ вратила 434.000 евра на Општина Центар, откако Финансиската полиција покрена истрага против поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ за злоупотреба со која е нанесена финансиска штета на Општината при градењето на мостот „Око“.

Хрватската фирма што градеше десетина објекти од проектот Скопје 2014 е во стечај и со блокирана сметка.

Ако фирма во стечај може да врати скоро пола милион евра, колку ли може да вратат фирмите преку кои се переле пари, а што не се во стечај?

Додуша, тие фирми не се во стечај. Во Белизе се.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира