БАНАЛНА БУГАРИЈА

Како што тргнал Заев повеќе да води сметка за чувствата на Бугарите, отколку за нашите чувства, ќе излезе дека тие не дошле тука да нè окупираат, туку да нè ослободат од нашите симпатизери на фашистите.

БАНАЛНА БУГАРИЈА

1 Стварно станува банално веќе да се зборува за Бугарија. Исто како што на премиерот Зоран Заев веќе му е банално да одговара на прашања за модуларните болници, односно, како што дообјаснија од неговиот кабинет, да одговара дали има некој што би го наследил во партијата.

Не знам зошто Заев повторно ја отвори бугарската тема со предлогот за бришење на зборот „бугарски“ во изразот „бугарски фашистички окупатор“ на спомениците на жртвите од времето на фашистичката окупација во Втората светска војна. Освен ако не сакаше со ова банализирање на нашата антифашистичка борба да го оттргне вниманието од „баналното“ прашање за политичка одговорност во случајот со трагичниот пожар во тетовскиот ковид центар.

Дали Заев навистина не прави разлика меѓу бугарска фашистичка окупаторска власт и бугарски народ кога инсистира дека не биле сите Бугари фашисти. Не било убаво да даваме етнички карактер  на фашизмот, оти и кај нас имало соработници на окупаторот. Да де. Ама нашите фашисти биле поединци, а бугарските фашисти биле организирана држава.

Не сум ни мислел дека сите Бугари биле фашисти. И не дошле сите Бугари да ја окупираат Македонија во 1941. Ама ние не ја судиме етничноста. Ја судиме тогашната држава Бугарија. Таа држава имала цар што се сликал со Хитлер, имала премиер што бил симпатизер на нацистите и влада што била фашистичка, имала војска што ја окупирала Македонија и имала администрација што тука вовела фашистички режим. Таа војска и таа администрација тука правела зулуми. И тие зулуми се опеани во песни, запишани во литературата и овековечени по споменици.

И сега Заев со владина уредба ќе ги менува учебниците по историја. Ќе шета ли по гробишта и ќе ги брише натписите? Тоа ли е работа на премиерот? Со кого воопшто го прави тој муабет сега, кога Бугарите немаат политичка Влада, а и претседател ќе бираат во ноември? Што ќар има Македонија од овие изјави на Заев? Ние ли ќе им наоѓаме оправдување на Бугарите зошто доаѓале тука да нè убиваат? Дека не можат да се помират со нивната улога во Втората светска војна, па сега ние треба да ги решаваме нивните патолошки проблеми, само за да почнеме преговори со ЕУ.

Ако има нешто што го обединува ова општество, нешто со што се гордееме и околу што сите се сложни, тогаш тоа е антифашизмот – тоа што сме биле на вистинската страна во Втората светска војна. И ај сега, малку ни се сите поделби што ги имаме по сите линии, па уште и за ова да се поделиме – да се бришат, или не, спомениците од НОБ.

Како што тргнал Заев повеќе да води сметка за чувствата на Бугарите, отколку за нашите чувства, ќе излезе дека тие не дошле тука да нè окупираат, туку да нè ослободат од нашите симпатизери на фашистите.

2 Бугарскиот претседател Румен Радев ни раскажува за Копенхашките критериуми на ЕУ и за правата на 120.000 македонски граѓани кои  земале бугарски пасоши и што се граѓани на ЕУ. Е па, супер.

По Копенхашки критериуми ли на македонските државјани им било земано мито од по 500 до 1.000 евра за бугарски пасош? По Копенхашки критериуми ли уште не е почнат судскиот процес против вработени во Државната агенција за Бугарите во странство кои земале мито за да издаваат бугарски пасоши на странци? Двајца од нив веќе се најдоа на црниот список на САД. По Копенхашки критериуми ли бандера во близина на Благоевград е заведена како адреса на живеење на илјадници Македонци со бугарски пасош.

По Копенхашки критериум ли Бугарија го злоупотребува своето членство во ЕУ да издава пасоши на луѓе кои само сакаат да живеат подобро, барајќи работа во Шведска, Германија, Холандија… Затоа што Бугарија ја блокира нашата европска иднина и на македонските граѓани не им е дозволено да студираат и да работат низ западна Европа со своите македонски пасоши. Тоа не значи дека сите Бугари се лоши. Не ѝ мислат сите Бугари лошо на Македонија. Напредокот на Македонците кон подобра живејачка го блокира нивната, оваа, сегашната, современата европска држава Бугарија во нивно име. И тоа некогаш ќе биде запишано во историја.

Ептен им е гајле за Бугарија на Македонците со двојно државјанство што имаат и бугарски пасош. Гарант повеќе Македонци со бугарски пасош живеат во Копенхаген, отколку во Софија, ако не и во цела Бугарија.

3 Граѓаните се во позиција да заработуваат многу и да ги скријат парите што ги заработиле од државата. Значи, каков апашки народ ѝ се падна на Владата. Затоа мора да носи закон со кој на сите што нема да можат да докажат од каде им се 30.000 евра годишно, ќе им конфискува имот. Ова е во контекст на кампањата „Ние сме супер, ама граѓаните баш не ни се погодија“. Граѓаните даваат мито, граѓаните кријат даноци, граѓаните доцна доаѓаат по болниците за да умираат, граѓаните ги валкаат улиците, граѓаните погрешно паркираат, граѓаните градат без дозвола…

Ај баш да видиме кој ќе се осмели на некој жител од Зајас да му побара потекло на парите со кои ги изградил оние големи куќи покрај патот што седат затворени. Кој ќе му го одземе „бентлито“ на оној од Арачиново што вртеше крукчиња низ плоштадот во Скопје околу новогодишната елка, а тој сиромашкиот немал ниту трансакциска сметка?

Тие не можат да конфискуваат имот на осудени ајдуци, па сега ќе морализираат, демек ќе се борат против корупција и криминал. Локалните партиски моќници цели гратчиња контролираат само што ќе дојдат на власт – од кафани, до фирми и медиуми. Ама за да докажат дека нема селективна правда некому власта може и стварно ќе му конфискува имот за да се пофалат дека законот важи за сите. Дека граѓаните се корумпирани, а не носителите на функции.

4 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно беше кај премиерот на Унгарија Виктор Орбан.

Порано, старите вмровци пред битка оделе во црква да се прекрстат. Сега одат кај Орбан. Тоа одењето во Будимпешта му доаѓа како некој вид бустер доза пред избори.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира