БУГАРСКИ УЧАСТОК

Да не ги викаме фашисти. Ај тогаш ќе ги викаме само Бугари.

БУГАРСКИ УЧАСТОК

1 Како мал, секој 11 Октомври се чудев што значи фразата „импровизиран напад на участокот“ што оди во пакет со „пукна првата пушка“. Два непознати збора во иста реченица – импровизиран и участок. Тоа участок било полициска станица на бугарската власт во Прилеп што на чело со фашистичката влада во Софија во 1941 година ја окупирала Македонија.

Зошто во духот на добрососедството оваа година импровизираниот напад на участокот во Прилеп не го правевме заедно со Бугарите? Оти, 11 Октомври е значаен датум од заедничката историја. Со импровизираниот напад на участокот ние одбележуваме почеток на антифишистичката борба за ослободување на македонскиот народ. А Бугарите би одбележале терористички напад врз нивната полициска станица. Добри соседи секогаш може да најдат заедничка причина за славење.

Оти, добрососедство подразбира дека бугарскиот народ не ја окупирал Македонија. Окупатор била тогашната бугарска власт која била фашистичка. И не може сега ние да испиеме апче за амнезија затоа што комшиите тогаш имале фашистичка власт. Уште има живи сведоци на зулумите на фашистите. Бугарската војска тогаш не беше дојдена на покана од Македонците. На покана од Хитлер беше дојдена. Не биле германски војниците што збореле бугарски. Бугарски биле.

И таа бугарска власт, која тогаш била сојузник со фашистичка Германија, Италија, Јапонија и другите соработници на Оската, во 1944  година капитулирала. Од тогаш до сега, Бугарија толку напреднала што станала и членка на ЕУ. Во заедница во која најмоќна држава е Германија. Ама за разлика од Бугарија, Германија не ја покажува позицијата на сила да ги уценува послабите за да си ги испере гревовите. Туку, достоинствено си се извинува за сите злодела. За да се памти. И тоа зло никогаш да не се повтори.

Е сега, ако денешната бугарска власт не може да прифати дека бугарската држава во 1941 година била на страна на фашистите, зошто тоа би било наш проблем? А тие упорно инсистираат да го направат наш проблем. Зошто? Затоа што се посилни. Им се може. Што ги прави лоши.

Што сака да постигне бугарската власт кога уценува дека ќе ја блокира Македонија за влез во ЕУ ако се користи терминот „бугарски фашистички окупатори“? Да не ги викаме фашисти. Ај тогаш ќе ги викаме само Бугари. Не правеле фашистите зулуми низ Македонија од 1941 до 1944. Бугарите правеле. Фашистите не ги носеле Евреите од окупираната Македонија и другите окупирани територии во конц логорите на Хитлер. Бугарите ги носеле. Фашистите не ги стрелале момчињата од Ваташа. Бугарите ги стрелале.

Како би им звучело тоа, на нашите драги добри соседи? Па, во песната за стреланите од Ваташа нема ни „Б“ од Бугари. „Клети крвници“ и „фашисти“ се споменуваат. Што би сакале сега за да влеземе во ЕУ? Да ја смениме песната и да пееме „еј вие клети Бугари“?

Па ние на бугарските антифашисти им го славиме името. Борбата против фашизмот е единствената заедничка современа историја што треба да ја славиме. Една од најдобрите скопски гимназии се вика „Георги Димитров“. Да не треба во „Цар Борис“ да ја прекрстиме? Оти, не би било во духот на добрососедството да ја прекрстиме во „Христо Луков“. Тој сепак бил фашистички генерал.

2 ВМРО-ДПМНЕ побара од потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски да си поднесе оставка од пратеничката функција оти е осомничена во „Рекет“, еден од најголемите коруптивни случаи. Таа изјави дека ќе си поднесе оставка кога ќе си поднесат оставки и други пратеници што се осомничени и обвинети во други случаи.

Е па, ај сега партиите нека лицитираат кој да поднесе оставка. Оти, многумина ги има. И обвинети, и осомничени, а богами и амнестирани. Кој за напад на Собрание, кој за кражба на избори, кој за кражба на пари, кој за помагање на кражба, кој за помагање на насилство, кој за злоупотреба на службена должност.

Се разбира дека треба да се почитува презумпција на невиност. Ама, нешто многумина ги има за почитување. Повеќе од 10 отсто од Собранието ни е под истрага, без разлика дали пратениците се осомничени, обвинети или амнестирани. Притоа, зборуваме за криминали со кршење закон. Не збориме за илјадници евра патни трошоци и издавање на службените станови во Скопје под кирија. Оти, за морал одамна не се збори. Што да прават кога законите се лоши. А тие се пратеници па не можат да ги сменат.

А бе, тие ја злоупотребиле партијата и власта само за свој ќар, а ние безобразно очекуваме од нив да ги сменат законите. Па уште и нѐ замајуваат со дебати дали требало да се смени изборниот систем. Па на толку криминалци што ни ги сервираат партиите на изборните листи, не да треба да се смени… Овде ни метла, ни луфтирање не помага.

3 Надежта дека во Македонија некогаш ќе владее правдата е како приказната за датумот за преговори со ЕУ. Еве го, ене го, а никако да дојде. Падна СЈО. Како што изгледа, со сведочењето на Верушевски може да падне и најголемиот случај на СЈО „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување во времето на Груевски.

Сега фали уште и Макрон на 17 октомври да не дозволи одредување датум за почеток на преговори на Македонија со ЕУ. Другите ги убедивме дека и за нив не чини ако нѐ остават сами. Клучот дали да продолжиме да се надеваме дека ќе има правда го држи Франција. Оти, и со датум ќе биде тешко до правда. Ама, без датум па – никако.

4 Слушаш вест дека Заев ветил оти ќе се вработат 300 пилоти од Арачиново и јасно ти е дека нешто не е како што треба во текстот. Оти, Македонија од измислувањето на авионот до сега немала 300 пилоти. Ама, кај нас не се разговара дали нештата се логични, нелогични, разумни, неразумни… Кај нас – така…

Е така… Така „пилот- проект за 300 вработувања“ станува „вработување за 300 пилоти“. Малку мрзеливо новинарство, комбинирано со малку повеќе сеирџиска публика, уште повеќе ботови по социјални мрежи, па опозиција која од сѐ прави тема за контра, па владејачка партија што демантира дека Заев ветил 300 пилоти, и тоа баш од Арачиново, па мора да се дообјаснува….

Е тоа е нивото на политички натпревар. Фалеше само уште Артан Груби по стоти пат да се закани со војна. Ама овој пат не со напад на пешадијата на ДУИ од шума, туку со Арачиновска ексадрила. Што ќе го бомбардира секој оџак каде што нема двојазичност. Ќе гаѓаат прецизно по координатите што ќе им ги даде Бујар Османи од терен.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари