ДУШО МОЈА

Ќе си јадеме пиперки, ќе се гушиме во корупција и ѓубре и ќе чекеме да умреме во некоја трагедија како кочанската. Ако претходно не нѐ прегази некој на пешачка патека среде парк

    ДУШО МОЈА

    1 Откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата сериозно размислува да воведе дополнителен данок за немажени и неженети, се прашувам: Што ли ќе прават сега вмровците? Дали сега одеднаш масовно ќе почнат да се мажат и да се женат? Дали ќе фаќаат врски да не плаќаат данок? И дали едноставно – ќе затајуваат данок?

    Или тоа за нив нема да важи. Тие се венчани за партијата.

    2 Што се секирате? Душата не може да ви ја земат. Така некако си ја протолкував изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос кога, за да нѐ утеши, во Скопје изјави дека идентитет е и „погачата, тавче-гравчето, пинџурот, или полнетите пиперки“.

    Лично, мислам дека комесарката немаше намера да нѐ навреди оти сепак го кажа тоа што и ние цело време го бамкаме. Дека „идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување“. И не е дека и ние не сме свесни оти „членството во ЕУ е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците“. Камо среќа тука да застанеше и да не продолжеше со поезија да ни споменува разни јадења како дел од идентитетот. Оти, споменување на пиперките во комбинација со националистичката реторика на Бугарија и со поддршката од ЕУ на таа реторика, изгледа страшно. Тоа е прикривање на грубиот факт дека ЕУ застанала зад една земја-членка која негира идентитет на еден цел народ кој сака својата држава да ја види како идна членка на Унијата.

    Да. Никој не може да ти ја земе душата. Бугарија не успеала да ни ја земе душата ни кога беше фашистички окупатор во Втората светска војна, а не пак сега, како држава за пример во Европската унија, особено според моделот како се почитуваат човековите права. За среќа, во фамилиите уште имаме по некој жив од тоа време што памети, за инает на Бугарија не умираат, само за да ни раскажуваат како било во бугарско време. Душата не ни ја зеле ни во српско, ни во турско, отоманско време.

    Така што, не е проблем дека како Македонци ќе го изгубиме идентитетот оти ќе ни го грабнат гравчето од тавче. Проблем е што токму идентитет е влезен во документи како критериум за нашето зачленување во ЕУ. Проблем е дека земја на ЕУ ни негира нација и јазик со којзнае колку резолуции и декларации што ги изгласале во нивниот парламент. И проблем е дека ЕУ застанува зад тоа. Што значи: Додека не се пишете Бугари нема во ЕУ. И не отстапуваат од тоа.

    3 Искрено, Марта Кос не ме навреди, ама некако ме разочара. Словенка е, во зрели години е, добар дел од животот ни била сограѓанка, сме живееле во иста држава, Југославија од Вардар до Триглав, заедно сме растеле, во исти кампови сме оделе „на наше море“, исти школи сме учеле. За ова што ни го прави Бугарија би очекувал да биде и лично повредена. Словенечките партизани се бореле против фашизмот заедно со нашите партизани.

    Плус, не е Словенката Марта Кос некоја како Финецот Оли Рен, кој додека беше еврокомесар за проширување од 2004 до 2010, во Скопје ни раскажуваше анегдоти за Сибелиус дека не можел да ѝ предвиди на жена му кога ќе се прибере дома. Не е ни Британецот Денис Мекшејн, кој кога Обединетото кралство уште беше во ЕУ, како министер за Европа во 2004 во Скопје го навиваше часовникот наназад и ни велеше: „Или го навивате вашиот часовник напред, или го враќате назад“.

    Хрватските политичари, кои исто така ни беа сограѓани, барем покажуваат повеќе емпатија. Па викаат, многу е лошо ова што ви го прават Бугарите, многу е нефер ова што ви го правиме и ние со ЕУ, ама размислете, пресметајте, договорете се, еве нам ни е многу поарно откако сме членка на ЕУ.

    Нејсе. Еве, знаеме дека Марта Кос е сега претставничка на Европската унија, а не на Словенија. Знаеме и дека и самата таа повеќе од 30 години живее со европските вредности, уште од крајот на 1980-тите години со „Словенија моја дежела“ и „Еуропа здај“. Ама, во Словенија никој на Марта кога се борела да го оствари својот европски идеал не ѝ викал: Ти не си Словенка и не зборуваш словенечки јазик.

    Така што, следниот пак кога ќе нѐ посети како европска комесарка, наместо да нѐ теши со нејзиното познавање на македонската кујна, нека ни каже под која европска вредност спаѓа негирањето на идентитетот на народ во земја што е кандидатка за членство во ЕУ.

    4 Што е за право, и премиерот Христијан Мицкоски можеше да ја праша истото:  Во кои европски вредности спаѓа негирањето на идентитетот на македонскиот народ? И следниот пат кога ќе рецитира револуционерна поезија, покрај Гоце и Јане, може да ги спомене и хероите од антифашистичката борба. Тоа повеќе ги боли Бугарите.

    Излезе дека неговата робустна дипломатија и креативните идеи на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не биле баш успешни во одблокирањето на преговорите со ЕУ. Ова со извештајот во Европскиот парламент, кој никого ништо не обврзува,  излегува како сами да си ја баравме белјата. Јазиците не се споменуваат во извештаите за другите земји-кандидатки за ЕУ, ама кај нас, ај да не биде само македонски јазик, туку да биде „вековен, историски македонски јазик“. И кога веќе му даваш одредница на јазикот, веќе отвараш дебата за нешто што не е за дебатирање. Па од спротива добиваш „модерен, современ македонски јазик“.

    Синким, не знаеме дека Бугарија ни е непријател и синким не знаеме дека ЕУ не е фер. За да ни го докаже тоа што го знаеме, Мицкоски како намерно да сака да прави нови блокади кон ЕУ.

    Македонски јазик си е македонски јазик. Што туку отвараш рачки кај што не треба? Мали рачки за големи патриоти кои гордо се понижуваат за да добијат бугарски пасоши, згора на тоа и вљубени во големината на Александар Вучиќ. Тоа е таква комбинација што добив вртоглавица само што ја напишав. И на „четџипити“ да му дадеш да ја анализира многу енергија ќе потроши. И тоа, џабе.

    Сето ова е во функција на претстојните локални избори. И најверојатно веднаш потоа и предвремени парламентарни избори. Сме го виделе тој перпетуален изборен циклус.

    Не е тоа нешто од ВМРО-ДПМНЕ што досега не сме го виделе. Ама, фајде не сме виделе.

    5 И после, што правиме кога ќе победиме? Го прочитал ли некој Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ што ќе го гласа Европскиот парламент? Настрана македонскиот јазик, сте ги виделе ли сите забелешки?

    Па не мора да го читаме. Ние го живееме извештајот. Живееме во држава која доживува инвестициски бејби бум оти деца од 5 години градат 12 ката дивоградба, па им ја легализираат за да не се растури владејачката коалиција. Имаме Обвинителство што на неколку дена пред изрекување на пресуда против градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски го повлекува обвинението. Случајно, градоначалникот е лидер на ЗНАМ што е дел од владината коалиција и случајно Димитриевски најавува нова кандидатура за градоначалник. Живееме во земја-кандидатка за ЕУ во која неколку граѓани на Струга сами поправаат мост оти сите општински и државни институции се прават ненадлежни да го поправат. А жителите на пелагонското село Мусинци сами вадат пцовисана змија од резервоарот за вода за пиење оти и таму, како и насекаде низ државата, ниту една институција не е надлежна.

    Идентитетот не може да ни го земат. Ќе си јадеме пиперки, ќе се гушиме во корупција и ѓубре и ќе чекаме да умреме во некоја трагедија како кочанската. Ако претходно не нѐ прегази некој на пешачка патека среде парк. Па така ќе ни ја земе и душата.

    6 Не ме вознемирува ни Марта Кос, ни ЕУ, па и на Бугарите веќе отрпнав. Најмногу ме нервира дека нашиве политички елити немат чувство за државен интерес. Нели правиме муабет за идентитет, за напад на нацијата, на јазикот? Нели се соочуваме со непријателско однесување на соседна земја? Па како, бре, кога сме нападнати немаме сили да се обединиме?

    Престанете да се обвинувате кој е поголем предавник и да се фалите кој е поголем патриот. Сопрете малку. Заборавете на битките дома.

    Цел живот ни помина во исполнување на сѐ што личи на катастрофични фантазии. Трошиме енергија на глупости. Уште само данокот за самци фали и – најдоброто допрва доаѓа.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира