ЕБАТИ НЕБОТО

Нема ластик, нема револуција

ЕБАТИ НЕБОТО

1 Да не соопшти полицијата дека поднела кривични пријави за напаѓачите на Општина Центар што демонстрираа за изградба на црква? Скоро три години има поминато? Кој се сеќава на тоа? Онака прашувам, оти прочитав дека полицијата денеска поднела 33 кривични пријави. Пријавите се за учество на протестите против аболицијата на Иванов со која беа помилувани 56 политичари и нивни соработници за криминал. Седуммина во Скопје и 26 демонстранти во Битола. Тие протести се од 13 април оваа година. Не се од пред три години. И тоа не е сè. Полицијата продолжува да вика на информативни разговори учесници на протести. Значи ќе има уште пријави.

Мајка ми има 85 години. Битолчанка е. Уште кога почна полицијата да вика на информативни разговори активисти за човекови права и учесници на протести и на герилски акции, ми рече: „Па вака апсеа и бугарските фашисти во Битола во 1941“. Мајка ми тогаш имала 10 години и памети. Особено што ѝ била уапсена постарата сестра. Зарем и нашиве деца вака ќе го памтат ова време?

Во притвор за учество на протестите седат Здравко Савески и Владимир Куновски. Двајцата се истакнати членови на Левица. Тоа е легитимна партија. Регистрирана во Македонија. Не е забранета. Можеби и дедовците на Здравко и на Владимир во 1941 година биле апсени. И за помалку од еден век, нивните внуци ги апсат за припадност на Левица.

Во 1979 година, како дете играв во ТВ серијата „Наши години“, заедно со Никола Младенов. Тоа е серија која говори за македонскиот граѓански и политички отпор прво против српскиот, а потоа и против бугарскиот окупатор. Тогаш како деца, приказната од серијата ни се чинеше како мит. Ја игравме, ама ја доживуваме како филм. Си викавме: Е, ако стварно вака било…

Сега немаме бугарски окупатор. Немаме српски окупатор. Имаме македонска држава. Имаме македонска полиција. А митот стана стварност. Нашата полиција апси за учество на протест. За отпор против власта за која се водат истраги за криминал од епски размери.

2 Странските амбасадори во земјава уште чекаат Ѓорге Иванов да ги повлече сите аболиции. Секој ден даваат изјави дека договорот од Пржино е жив. Бараат сите да ја почитуваат работата на Специјалното обвинителство на Катица Јанева. Ама не чув дека некој амбасадор побара да престане прогонот на демонстрантите.

Демонстрантите кои само фрлаат боја и шараат улици. Во знак на протест против аболицијата. И против корумпираната власт. Никој не се обиде насилно да влезе во Собранието. Нема молотови коктели, нема палење гуми. Никој не корне огради, како при протестот пред Општина Центар. Никој не му прати човек да му удри два-три шамари на Ѓорге. Онака јаки. Никој не јуриша со булдожери и багери на Владата. Само со боја фрлаат.

3 Додека полицијата непречено апси, цела Македонија фаќа сеир. Се занимава со најновите аудио снимки што се појавија на Интернет каналот Јутјуб од две наводни едночасовни сеанси на Никола Груевски со извесна госпоѓа, која му била личен астролог кога бил премиер. И ги рецензира соцреалистичките уметнички слики што наводно биле нарачани од украински и бугарски уметници за новата зграда на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ молчи и за снимките и за сликите. Чека да ни помине интересното. А МВРО си апси.

Во двете комични приказни главна улога има поранешниот премиер, а сега лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој минатата недела во мега интервју од пет-шест продолженија сите антивладини граѓански организации ги нарече секти. Рече дека чул оти имаат чудни ритуали што ги нарече сеанси. И заклучи „Тотално лудо“.

Во снимките од сеансите, наводно снимени во Кабинетот на премиерот, соговорникот на астролошката многу малку зборува и два часа, меѓу распоредот на ѕвездите и влијанието на неговиот личен живот, геостратегијата на Македонија и советите за фаќање криминалци, слуша и вакви изјави:„Претседателе, ако нешто погрешно реков, да се извинам предвреме“. И „Да не се лутите што си дозволив сè да ви видам“. Оти таа на соговорникот му кажува: „Вашиот хороскоп го гледам и одма ја гледам Македонија“.

Забавно е. Ама кога ќе ми текне дека неговиот хороскоп е и наш хороскоп, не е веќе толку смешно.  А кога ќе чуеш дека според ѕвездите и министерот Никола Тодоров бил за фалење – ебати небото што ни се падна.

4 И така, меѓу две снимки и неколку слики од ВМРО универзумот, стигна страшна вест од реалноста. Народниот правобранител откри дека во казнено поправен дом за малолетници на штитениците им давале коњски дози дијазепами, ги заклучувале и не им давале да одат во ВЦ и им давале кондоми оти не можеле да спречат силување. Настрана што со години немаат никаква настава. Во домот како да живеел доктор Менгеле.

Да се чуеше дека кучиња или мачки, а не деца живееле под такви услови, глава немаше да дигнеме од разни борци за права на животните. А во медиумите ќе осамнеа најави „Скандал“, „Хорор“, „Ужас – погледнете што им се случи на мачки и кучиња“. Па горилото што беше застрелано во зоолошка некаде во Америка доби повеќе медиумско внимание и згрозување на социјални мрежи, отколку судбината на овие деца кои, кај што не не добиле шанса за ресоцијализација, туку ни шанса за живот.

5 Додека битолската полиција уште не го лоцирала демонстрантот кој со маска на Никола Груевски изведуваше уметнички перформанс, па настрадаа тие што фрлаа пари „владимирки“, скопската полиција забележа поголем успех. Го фати комбето на Шарената револуција. И го зароби сосе возачот.

МВР за оваа многу ризична, но успешна акција го соопшти следново: „При преглед во возилото биле пронајдени и одземени три канти со дисперзиона боја од пет литри, две канти со кафена боја од три литри, девет канти со боја од литар, 11 спреја во разни бои, две ваљака за фарбање, поголем број на водени пиштоли, две импровизирани направи составени од пластични цедилки и гумени ластици (катапулти) како и други предмети кои се предмет на кривично дело по член 243 став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија“.

Повторувам: „две импровизирани направи составени од пластични цедилки и гумени ластици (катапулти)“. Повторувам: ова е официјално соопштение на МВР. Плус, имаше и видео снимка и слика од запленетото убоито оружје. Полицијата задоволна од акцијата. Нема ластик, нема револуција.

Ова соопштение е споменик на гробот на одамна умрената пародија во Македонија. На овој сериозен извештај на полицијата, фали уште и сериозна анализа од куририте и приказната би била заокружена. Дека пластичните пиштоли и пушки и ластиците, како и цедилките за шпагети и миење салата се купени во Џамбо. Што е клучен доказ дека не само Сорос, туку и Грција ја поддржува Шарената револуција. А шарените револуционери ѝ дават пари на грчка фирма за Грците полесно да ја натераат Македонија да го смени името.

Ете нова тема за полноќните сеанси по националните телевизии.

6 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најави дека неговата партија спрема опсежни реформи според извештајот на Прибе. Ги спрема сега, цела една година по договорот од Пржино и извештајот на Прибе.

За да не остане покусо, и лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека договорот од Пржино може да се реафирмира и дека до октомври може да се подготват услови за фер и демократски избори.

А овие од Левица до октомври ќе излезат ли на слобода? Или во притвор ќе го дочекаат и судењето на овие 33 шарени демонстранти кои добија кривични пријави, за потоа заедно да лежат затвор. На безбедно да чекаат додека Груевски и Заев го реафирмирааат договорот од Пржино.

СЛУШАЈ ТУКА – PODCAST

 

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари