ЕВРОПЕИЗАЦИЈА СО БУГАРИЗАЦИЈА

Путин така вика, ама Путин не е Радев.

ЕВРОПЕИЗАЦИЈА СО БУГАРИЗАЦИЈА

1 Како мислеше македонската влада да го скрие предлогот на француското претседателство за свикување на првата меѓувладина конференција со ЕУ? Особено, како можеше да скрие предлог кој не значи ни вистински почеток на преговори додека тука уште еднаш не го смениме Уставот по барање на земја-членка на ЕУ? Ако во Владата се толку сигурни дека добро се издговориле со Франција за да направи прифатлив предлог, зошто го криеја? Или, чекаа Радев да го одбие предлогот, па да се спасиме со уште едно вето до декември.

Во Бугарија предлогот отиде на разгледување во Собранието. Кај нас по дома ќе си го анализираме. И, како што е редот, на партиски митинзи.

Сега власта ќе нè убедува дека така е кога се преговара – дека сите мора по нешто да изгубат. Што губи Бугарија? Ништо. Напротив, добива можност во иднина да нè блокира кога и да ѝ се посака. Европската унија го изгуби кредибилитетот затоа што дозволи прашањето на постоењето на еден народ и еден јазик да стане дел од преговарачкиот процес.

На што можеме да се надеваме од Европската унија во иднина, ако во текот на преговарачкиот процес Бугарија продолжи да се изживува врз нас? А ќе се изживува. Во преговарачка рамка ставија мерење на омразата!? На крајот на краиштата, не е ни толку страшно што уште еднаш ќе го менуваме Уставот. Страшно е што кај и да е, ќе дојде денот кога и македонскиот јазик во Европската унија ќе се одбележува со ѕвездичка, оти Бугарија вика дека не постои. Затоа што, нели – тие се внатре, а ние сме надвор.

Тоа не е европеизација на Македонија. Тоа е бугаризација. Враќање на 1941. Без разлика дали се викало бугарска администрација, или фашистичка окупација.

2 Е затоа, премиерот Димитар Ковачевски требаше да ја прифати поканата на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ заедно со албанскиот премиер Еди Рама да оди во Киев, наместо да им се јавува со холограм од оазата на мирот. Кога од неговиот кабинет соопштија дека нема да оди за Украина оти имал набиена агенда, не ни помислив дека отварањето на средношколски балкански игри е поважно од руската агресија и војната во Европа. Ај што Ковачевски пропушти шанса да биде светска вест. Туку пропушти среде Киев да соопшти дека Русија преку Бугарија ѝ става вето на Македонија за дополнително да ја дестабилизира Европа. И да објасни дека тоа Бугарија го прави со истите аргументи со кои Путин ја правда агресијата врз Украина. Тој вели дека украинскиот народ е измислен, украинскиот јазик е измислен, исто како што Бугарија вели дека македонскиот народ е измислен, македонскиот јазик е измислен. Во случајот на Украина, Европската унија тоа не го прифаќа. Во случајот со Македонија, го става во преговарачка рамка. И јазикот го одбележува со ѕвездичка.

Да отидеше Димитар Ковачевски во Киев, тоа ќе беше само ден пред посетата на лидерите на Франција, Германија и Италија Емануел Макрон, Олаф Шолц и Марио Драги. Ќе можеше да му ги пренесе на Володимир Зеленски македонските европски искуства. Да му каже: „Слушај, овие тројцава што ти доаѓаат утре, не ги сфаќај здраво за готово за сè што ќе  ветат. Си имаат тие таму партнери, земји-членки што некој ден ќе се осилат, ќе речат ама чекај, ние сме внатре, а тие се надвор, смееме да ги малтретираме. Ние името го сменивме, ни ветија дека ќе ги почнеме преговорите, па еве уште нè зафркаваат. Вие може нема името да го менувате, ама ќе треба да дадете некоја територија. Белким, нема никој од ЕУ да ви вика не сте Украинци и не зборувате украински јазик, како нам што ни вика Бугарија. Путин така вика, ама Путин не е Радев.“

„А тоа дека Урсула фор дер Лајен во Брисел изјави дека Европската унија препорачала да ви се даде кандидатски статус, исто така не значи ништо“, ќе му кажеше Ковачевски на Зеленски, ако го пропуштеше отварањето на средношколските игри во Охрид. И ќе додадеше: „Е, ние колку се радувавме на препораката уште во декември 2005. Концерт на плоштад организиравме да славиме. Не се радувајте толку на кандидатски статус. Европската безбедносна политика во моментов се води во Софија. Фаќајте врски кај Слави Трифонов“.

3 Дента кога бугарскиот премиер Кирил Петков соопшти дека побарал помош од Германија да испрати германски цариници на граничниот премин „Капитан Андреево“ , последна граница на ЕУ со Турција, затоа што бугарските цариници многу краделе, лидерот на коалициониот партнер од „Има таков народ“ Слави Трифонов ги повлече своите министри од Владата за да го спречи дигањето на ветото за Македонија.

На тој граничен премин годишно се краделе повеќе од милијарда евра. Фирмата која ги вршела контролите прво била блиска со партијата на Бојко Борисов, а сега со партијата на Слави Трифонов. Во времето на владеењето на Борисов биле исклучени сигурносните камери.

Така е веројатно според Копенхашките критериуми. Ние не знаеме. Тие си знаат оти се внатре, а ние сме надвор.

И сега – што можеме ние да направиме за непречени преговори со ЕУ кога во преговарачката рамка се ставени барањата на една ваква европска Бугарија? Тие немаат гајле дека ќе одат и на четврти избори за една година, ќе арчат пари, ќе им се лутат Американци, Германци и други европски држави зашто ја загрозуваат безбедноста на Европа, ќе ги јава Москва и Русија ќе им  работи од внатре, луѓето ќе си имаат проблеми со дневно преживување, ќе ги јаде инфлација, ама најважно им е ветото за Македонија и никако не смее да се дигне.

Таму навистина „има таков народ“ што си сака лидери што ќе го замајуваат со Македонија за да го скријат крадењето.

Таков народ има и кај нас.  А богами, и такви лидери.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира