КОЊОТ Е ЗДРАВ

Ова е Монти Пајтон на стероиди од најјаките комбинирани со алуминиумот со кој што нѐ прскаат Американците за да не го сакаме Путин

КОЊОТ Е ЗДРАВ

1 Не е дека не знаевме оти Никола Груевски и Али Ахмети за да се одржат на власт се договарале за секакви гадости. Меѓу другото, и да го прекинат пописот во 2011 година. Меѓутоа, кога овие сомнежи ќе ги потврди СЈО со истрага, ти станува јасна вистинската димензија на бруталните договори меѓу долгогодишните верни партнери.

Многу е важно да откриеме какви сѐ договори ги врзувале Груевски и Ахмети на власт. И важно е да дознаеме дали се договориле да нема попис. За да си владеат среќни и весели. И да си ги хранат национализмите еден со друг. Ама многу е поважно што прави Али Ахмети сега. А уште поважно е што ќе прави Зоран Заев, како замена на Груевски во договарањата со Ахмети. Дали уште со национализам сите ќе бидеме држени во заложништво за да не падне коалицијата? Па да ни се врати ВМРО-ДПМНЕ. За на Ахмети да му биде полесно владеењето.

На последните избори СДСМ ги доби гласовите на Албанците на сметка на тоа што ДУИ ги загуби. Заев не ги доби тие гласови за да го храни национализмот на Ахмети зад кој, всушност, се крие бандитизмот на ДУИ.

2 Вицепремиерот Бујар Османи, бранејќи го Законот за употреба на јазиците, рече: „Не можете да имате лојални граѓани ако не ја разбираат државата“. Ама не можете да имате ни држава ако државата прави сѐ за граѓаните да не ја разбираат. И не само тоа. Туку државата прави сѐ за граѓаните да не се разбираат меѓу себе.

Не е проблем дали секој си збори на свој јазик. Проблем е дали се разбираме што збориме. И конечно – дали зборувајќи на јазици на кои не се разбираме ќе имаме подобар живот во нашата држава.

Што е заеднички интерес на граѓаните на Република Македонија?

Заеднички интерес е да можеме да живееме убаво, сите да работиме и чесно да си ги заработуваме платите, и сите еднакво да плаќаме даноци, а и казни кога ќе нѐ фати пајакот. Заеднички интерес е да нема привилегирани поединци и заедници.

Во заложбите за држава каква што сакаат граѓаните, ДУИ не го покажа овој интерес. Не покажа дека се бори против привилегирани поединци и заедници. Особено не против привилегирани поединци.

За каква интеграција збориме со вакво разбирање на државата и услов за лојалност кон неа? За неколку години, во Македонија ниту Албанците ќе знаат македонски, ниту Македонците ќе знаат албански. И не знам што е тука европски пристап. И што е европско во ваквото сфаќање на државата. Освен сознанието дека Албанците кога одат да работат во Европа ќе научат и шведски, и германски и холандски јазик. Ама со македонски пасош нема да го знаат македонскиот јазик. Оти, очигледно не им ни треба.

3 Тоа е тоа претседателско пушење. Поранешниот американски претседател Бил Клинтон се прослави со изјавата: Пушев, ама не вовлекував. А премиерот Зоран Заев спремно возврати: Пушев, ама во ресторан отворен од три страни. Иако, на сликата убаво се гледа дека во ресторанот има барем две затворени страни. Ама ај, кој да ги брои сега ѕидовите.

Многу поинтересно од тоа како изгледа ресторан без три ѕида е како премиерот повика да се почитуваат законите, па и тој за забрана на пушењето во затворени простори. Заев рече: „Апелирам сите да го почитуваме законот, сега тој е прилагоден согласно условите на терасите од објектите“.

Со овој апел, премиерот точно ја кажа дефиниција на приоритетите на Владата. Ако некој крши закон – промени го законот. И направи го прекршокот легален.

Со оваа изјава, премиерот кажа дека Владата не го прилагодила законот за зачувување на здравјето на граѓаните, туку за кафеанџиите што го узурпирале јавниот простор и од терасите направиле цврсти градби. За да можат да го легализираат претходното кршење на законот за забрана на пушењето.

Ееее… Тажната приказна на македонските кафеанџии. Види ги оние во Охрид. За жалење се. Прво му дигнаа бунт на градоначалникот, оти сакал да им ги покачи цените за поставување маси и столици на тротоарите и брегот на Езерото пред кафеаните. А сега, градоначалникот ќе ги обештетува затоа што Езерото им ги поплави дивоградбите. Осигурителните компании не осигуруваат дивоградби. Ама затоа, Општината ќе им плати од заедничките пари на граѓаните, оти кафеанџиите незаконски влегле во Езерото.

Башка, колку брзо излегоа комисии за утврдување штета на терен, не би се зачудил дека парите веќе им се легнати на сметка. За поплавата во Стајковци со месеци се пазареа со настраданите. За кафеанџиите не оставија ни Езерото да се смири, одма кризен штаб направија.

4 Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас не успеа да го тргне споменикот Воин на коњ. Што не значи дека битката за негово чување на плоштадот Македонија во Скопје ќе престане.

Прво, група граѓани со уметнички перформанс бранеше споменик на непознат воин качен на непознат коњ. Потоа, група твитерџии ги зафркаваше бранителите на воинот дека стасал некој многу голем кран од Бугарија за да го дигне споменикот. Бранителите се мобилизираа да го бранат споменикот. Го најдоа кранот и го сликаа. Со прецизни димензии и со одбележување на сликата ги открија слабите точки на кранот. Кај ладилникот и гумите.

Потоа, веста за најавеното тргање ја пренесоа неколку медиуми. Со катастрофични наслови, дека стасал кранот за егзекуција на Александар. Кој Александар? Па нели воинот ќе го тргаа? Па Канал 5 се јави во живо со репортер пред коњот. Кога кранот не се појави на Плоштадот, бранителите прогласија победа.

Па и Владата, да не остане покусо, мораше да долее на хистеријата. Па официјално соопшти дека коњот нема да оди никаде. Но, и тоа не е сѐ. Некои медиуми јавија дека дел од граѓаните не ѝ веруваат на Владата и, покрај студеното време и снегот, остануваат да го чуваат воинот. По што твитерџиите им дојавија дека имале погрешна информација. Кранот од Бугарија не бил да го трга воинот, туку таткото на воинот од другата страна на Вардар.

Во вакви забавни моменти се прашувам: Во што ми помина животот во оваа ненормална држава?

Ова не е Монти Пајтон. Ова е Монти Пајтон на стероиди од најјаките. Комбинирани со алуминиумот со кој што нѐ прскаат Американците за да не го сакаме Путин.

5 И додека дебатиравме како лесно ќе биде отстранет и однесен Воинот на коњ, никој не забележа дека 10 дена никој не може да ја тргне карпата кај Велес, што го има блокирано регионалниот пат кон Градско.

Да земеме од тоа стероидите, или ќе чекаме карпата да се тргне на природен начин? Сама да се распадне. Оти Македонија е вечна. Има време за чекање.

6 Вчера тргнав на твитап дружење. Жена ми ме прашува: За што е твитапот? Викам: За Преспа. Таа упорна: Што за Преспа? Викам: Што знам, нешто УНДП и Швајцарија ја спасуваат Преспа, па сега решиле и Холанѓаните да им се придружат.

Од кого ја спасуваат? Од нас ли ја спасуваат?

Е тоа е Македонија. Сите пробуваат да нѐ спасат. Од нас самите.

Е – нà што ќе им се дадеме.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира