КОВИД ИЛИ ГРИП

Ако нема слобода, нема да има ни правда

КОВИД ИЛИ ГРИП

1 Оваа колумна ги памети сите избори во независна Македонија. Ги памети и сите историски моменти во поновата македонска историја. Многу ретко на ова место си ги раскажувам личните приказни поврзани со настаните на кои сум бил сведок, а во некои сум бил и учесник. Се погоди оваа недела да биде 20-годишница од основањето на „Вест“, чиј главен уредник бев од почетокот во јули 2000 до декември 2015 и каде што оваа колумна излегуваше најдолго. И се погоди оваа недела да биде кулминација на предизборната кампања. Па така, и мене ме зафатија измешани чувства и вознемиреност кога се сетив на тоа што било тогаш и на тоа што може да ни се случува по изборите на 15 јули.

„Вест“ беше популарен весник кој го почитуваа и тие што не нѐ сакаа. „Вест“ повеќе не постои. Го уништија набргу откако и мене ме присилија да си заминам. Сакам да се сеќавам само на убавите моменти на весникот, на неговиот раст, рекордни тиражи, награди и успеси сѐ до 2012. Ама, сѐ уште не можам да ги заборавам најужасните 4 години по 2012, кога весникот падна во рацете на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

На СДСМ и на Зоран Заев можам да им најдам едно чудо маани и некадарност. Но, за мене бесценето е дека сега имаме слобода. За разлика од тие најцрни денови за македонското новинарство, денес можеш и да прашаш, и да објавиш, и гласно да зборуваш, па и да дебатираш со власта за тоа што не ти се допаѓа. А не да те замолчат од позиција на сила со мафијашките методи што ги практикуваа. Колку студенти сега се истепани? Колку новинари се избркани од работа? Колку невладини организации се сардисани со инспекции? Колку медиуми се затворени? Кога во претходните 12 години имало волку дебати по телевизиите, отворени за сите?

Страшно сум разочаран дека СДСМ не ја донесе правдата за која се боревме. Сепак, се надевам дека можеби правда ќе има. Ама, убеден сум дека ако нема слобода, нема да има ни правда.

2 А слободни до пред три години не бевме.

Во „Вест“ четири години секој ден, ама буквално секој ден го поминувавме со притисоци кои претходно беа незамисливи. Станавме мајстори за самоцензура. Шверцувавме вести што не смеевме да ги објавиме. Најмногу енергија трошевме во барањето начин како да скриеме некоја вест, а сепак да биде видлива. А најстрашно беше кога требаше да се бориме да не објавиме нешто што ни наредуваа да го објавиме.

Како да го зачуваш работното место на секој новинар, а да го задржиш интегритетот на весникот и личниот образ. Секој ден, а тоа најчесто беше во петок, доаѓаа наредби – избркај го овој, избркај го оној, која ти е таа што поставува такви прашања, зошто сте му се јавувале на тој и тој министер, зошто сте го објавиле ова, не го покривајте овој протест, не го ставај тоа на насловна, стави ја таа слика… Старлетите за кои пишувавме им беа позначајни од новинарите. Цели колегиуми се влечкавме по судови, а тие гледаа сеир, сами ги поттикнуваа да нѐ тужат.

Кариерата ја започнав уште во комунистичко време, а доживеав првпат да се соочам со вистинска цензура во 2015. Повлекоа отпечатена насловна страница. Често, за да си го спасиме образот, во последен момент ги менувавме насловите на насловната страница за доушниците што беа ставени во печатница да немаат време да нѐ искодошат. Се обложувавме за колку време ќе стигне повик да се прекине со работа на некоја тема. Ќе се јавевме во Влада да поставиме прашање за тема за која не ни имавме намера да пишуваме и чекавме. Рекордот беше 20 минути. Толку време требаше прашањето испратено до Влада да го сврти кругот, да се врати во дирекција за да добиеме наредба да не пишуваме.

Истата таа партија сега нуди обнова. Која обнова? Обнова на времето кога и мене ме прислушувале цели две и пол години? Кога месец и пол за време на предизборната кампања пролетта 2013 ми стоеше кола паркирана пред домот, онака најдрско, да го гледам истиот човек секое утро кога ги носев децата на школо. Кога ми беше страв да го пријавам во нашата полиција, па го пријавував во странски амбасади. Тоа беше во исто време кога се случи сообраќајката на новинарот Никола Младенов, за која можеби власта на ВМРО-ДПМНЕ не беше кабает, ама создаде атмосфера да се прашуваме „Кој е следниот?“ Видовме како заврши новинарот Томислав Кежаровски.

Па бидејќи и тој притисок не беше доволен, газдите на весникот нарачуваа насловни страници против мене во конкурентски весници. Од собраниска говорница се закануваа. Шајки ми бодеа по телевизиите што сега ми глумат балансираност. Објавуваа безочни лаги. Нарачуваа хајки по разни медиуми, за полуписмени бараби да дебатираат за мојата плата и за мојот семеен живот.

Па истите што нудат обнова и сега се закануваат – „Ќе видите вие на 16-ти!“. Значи, толку се нестрпливи за одмазда и крв, уште другиот ден би се пресметале со неистомислениците. Нема да чекаат ни 30 дена мандат за влада да добијат. Ни Мицкоски, а особено не пак екипата околу него, во ниту еден момент не покажаа дека се способни да ни ги гарантираат основните слободи. Кога од опозиција нѐ убедува дека тоа што го гледаш со свои очи не го гледаш, дека ракавиците се отсјај и кога покренува цела скопска полиција да ги заташка снимките од камерите во кафеана, за кој демократски капацитет зборуваме кога ќе дојде на власт? За каква обнова правиме муабет?

3 Идеален избор никогаш не сме имале. Немаат ни во Шведска. Теоретски, Влада секако ќе има, па макар излегле и само 6 избирачи од цела држава. Мнозинството од шесте ќе го избере новото Собрание. Гласале-не гласале, Собранието ќе си избере Влада.

Тие што не гласаат, сами си се откажуваат од правото да изберат кој во нивно име ќе им ги троши парите и кој ќе ги контролира. Оти им било сеедно.

Мене не ми е сеедно. И никогаш не сум се откажал од правото да гласам. Гласам за тие што мислам дека покажуваат оти им е важно да се движиме напред и прават помала штета. Изборот е меѓу сезонски грип и ковид.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

 

 

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира