1 И покрај сета тага, гнев и очај што ме обзеде по ужасниот пожар во тетовскиот Ковид-центар во кој загинаа 14 луѓе, немам што да кажам. Занемев од сознанието дека ова нема крај.
Како човек да каже нешто паметно, кога паметта не доаѓа ни по толку ненаучени лекции со трагедии предизвикани од јавашлук? Како да ти дојде памет, кога рефлексот на политичарите им е да бараат оправдание, а не да го решат проблемот?
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека „посетите се традиционална глетка во нашите болници и од искуство знам дека тоа тешко може да се изменаџира и забрани“. Ќе излезе дека самите болни се виновни што загинале заедно сосе нивните роднини кои биле покрај нив кога избувнал огнот. Како што се виновни луѓето и дека доцна доаѓаат на лекар, дека не си го контролираат здравјето, дека не се вакцинираат, играат по свадби, одат по крштевки и сунети, по ифтари и литургии, се тискаат во преполни автобуси и кафулиња, фалсификуваат тестови и сертификати за вакцинација… Традиција е во прашање. И тоа тешко се менаџира.
Па кој е одговорен за редот во болниците? Болните, посетителите, или директорите на министерот?
2 Оставка на министерот Филипче е најмал проблем. Таа во овој момент би бил симболичен гест, кој ќе предизвика катарза кај тие што му ја бараат и разочарување кај тие што го поддржуваат. Ќе даде оставка, и – што?
Лично мислам дека можеше да ја понуди од морални причини. Оти и без да се чека истрагата се гледа дека имало сериозни системски пропусти. Башка што и нему ќе му олесни. Не е некој што нема професија од која може убаво да се живее, па да мора баш со политика да се бави. Во политиката може да се врати секогаш.
Од друга страна, разбирливо ми е и зошто премиерот Зоран Заев не би му ја прифатил оставката. Непродуктивно е среде пандемија да остане нефункционален здравствениот ресор. Уште тоа им треба сега – нови партиски калкулации, нови уцени од ДУИ, нови партиски поделби, скопско крило, струмичко крило… Башка, се потрошија лекарите. Кој кандидат за градоначалник, кој носител на советничка листа, многу љубат да влезат во политика…
Оставката на Филипче не би била гаранција дека вакви трагични пропусти нема да се повторат. Како да бараш гаранција, кога самиот министер вика: „Не можам да го разрешам директорот додека не се утврди одговорност“. Илјадници луѓе беа казнети за неносење маска на улица поради непочитување на антиковид протоколите, а министерот не може да го смени директорот кој не знаел и не можел да си ја менаџира ковид-болницата. Зошто? Затоа што е поставен од партија.
Крајно, не е ни важно дали директорот, или директорката ги поставила оваа, или онаа партија и со кој лидер тие се блиски. Важно е дали се покажале способни, или неспособни. Најстрашно е што и тие што се покажале неспособни, партијата ги штити. Тоа е системскиот пропуст. А Венко, како истуреното лице на тој систем, таа практика ја прифатил. Така што, нека ѝ се заблагодари на политиката што од „Слушај го Венко“ на почетокот на пандемијата дојде до дереџе на „Оставка за Венко“.
3 Попладнето на 8 Септември имаше свечено дефиле пред Собранието. Дефилираа и пожарникарите и лекарите. Само што заврши прославата во Скопје, за жал, државата имаше показна вежба во Тетово. Пожарникарите дојдоа на време. Лекарите брзо ги спастрија спасените пациенти. Градоначалничката на Тетово Теута Арифи беше на местото на трагедијата. Цела Влада со премиерот замина за Тетово. Другиот ден таму беше и претседателот Стево Пендаровски. И кризен штаб направија. Па дури и Христијан Мицкоски се јави од Битола, каде што ВМРО-ДПМНЕ си правеше своја прослава на Денот на независноста на својата држава, да понуди и неговата партија да помогне. Како тие да доаѓаат од некоја друга држава.
Само пред нешто повеќе од еден месец, кога на Илинден се запали шумата над Кочани, пишував дека не сме ги научиле лекциите ни од Стајковци, ни од Шипковица, ни од Ласкарци… Ај, ќе речеш Стајковци беше елементарна непогода. Ама нели се отвори темата дека клучката на обиколницата не била правилно изведена. Ај, Ласкарци, ќе речеш, автобуски несреќи се случуваат. Ама, нели се отвори темата за нередовните и фалсификувани технички прегледи.
Кој да ти помисли дека болница ќе се запали и ќе изгинат болните што не можат да бегаат, и тоа од приземје? Замисли да беше на кат? Иако, две недели претходно некој ги имаше исечено цевките за довод на кислород во истата болница, што можеше да биде трагедија за 120 болни. Истрагата и за тој инцидент уште е во тек.
Несреќи се случуваат. Ама овие нашиве не се баш – божја волја.
4 Знае ли кризниот штаб, на пример, колку станбени згради само во Скопје немаат технички прием, а во нив живеат станари? Нека си проверат кога одат на работа во оние наследени државни згради од Грујовото време на Скопје 2014, дали и тие имаат технички прием. Колку треба да си малоумен да дозволиш канцеларии, деловни простории и кафеани на врв на отворена катна гаража? Како да си играш врз темпирана бомба. Цели маала и улици низ Скопје се непристапни за противпожарни возила и амбулантни коли од паркирани коли. Џабе Петре Шилегов се фали со новата противпожарна скала, кога на многу места не може да пристапи камионот од узурпирани тротоари и тревници и нелегални затворени тераси за пушење. Па, обвинителите што сега го истражуваат тетовскиот пожар, нека истражат малку како би се пристапило до нивната зграда на кејот на Вардар, ако не дај боже во неа избие пожар. Баш ме интересира како до Обвинителството ќе се довозат противпожарни камиони и амбулантни коли.
Ама да не ги лутиме „инвеститорите“. Оти, тие се важни бидејќи плаќаат комуналии за одржување на општинската администрација, а корисниците на нивните „инвестиции“ си се самите криви. Важно е да се гради. И важно е да се стави в џеб.
5 Идат локални избори. Се надевам дека советничките листи што ќе ги понудат партиите не се составени од луѓе што ќе ѝ обезбедат гласачка машинерија на партијата во локалната власт, туку дека избрале личности што ќе сакаат да ги сервисираат потребите на своите сограѓани.
Сакам да се надевам, ама тешко ми е да верувам. Повеќето партии соопштија дека за време на тридневната жалост по тетовската трагедија ги прекинале изборните активности. Како ги прекинале, кога законски, кампањата уште не е ни почната? Ама, никој не реагираше на кршењето на законот. Си имаат тие премолчен договор да ги користат сите привилегии што им ги овозможува партијата.
Ова крај нема.
АУДИО ВЕРЗИЈА