КРИМИНАЛЦИ СОЦИЈАЛЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:100:"Мафијатаостанабезприход.Властаимгизедебизнисот.

1 „Значи, многу се нервирам!“ Така ли слушнавме во телефонските разговори?  Да не можеш една сообраќајка да скриеш. Односно две биле, ама незначителна била штетата. Само 150 евра.

Продолжете вие да си играте мајтап со Диме Спасов. Продолжете со вицовите за количките, градинките, учителките, детските игри…

Не е за мајтап. За бес е. И за страв е. Оти сообраќајките на Диме, бегањето од полиција, менувањето на исказите и како ние се занимаваме со тоа цела недела, е само одраз на 10-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. И освестување колку всушност нам ни се смениле животите за овие 10 години со вакви како Диме Спасов.

Еве ја шемата:

– На клучни места ќе стават неспособни маргиналци и приватно и професионално неизживеани типчиња, чија единствена способност била да бидат слепо верни на лидерот што ги поставил на тоа место. Единственото што го сработиле пред да се вработат е само послушноста што можела да им донесе вработување и функција.

– Како функционери, ним им е дозволено да ги возат нашите коли. И тоа не една, туку четири наши коли. Да трошат бензин со наши пари. Да менуваат наши гуми. Ние да им плаќаме осигурување. Ние да им ги плаќаме петочните излегувања. И мобилните телефони на кои бараат помош кога бегаат од полиција ние им ги плаќаме.

– Со наши пари ни продаваат конзервативна идеја, ни промовираат светост на бракот, ни кажуваат во кого смееме да се заљубиме, што е здраво да јадеме, нè убедуваат дека треба да имаме деца и колку треба да направиме, како да се однесуваме, како да се смееме, што е морал, а што не е, а во петок на полноќ со партиски другарки и другари ги резимираат проектите во нашите коли. И бегаат од нашата полиција.

– Тие се морални, пожртвувани, сè би дале за Македонија и многу се храбри, ама во петок на полноќ ако направат белја, бегаат и си ги оставаат партиските другарки на немилост на лошите чичковци. Оти само нивниот живот е вреден. Оти само тие се Македонија.

– Кога ќе ги фатат дека направиле белја, ќе се јават кај своите потчинети да ја преземат вината. Ќе ги тераат да лажат за нив. Па кога ќе ги фатат во лага уште неколку пати ќе го сменат исказот, оти баш шефот е Македонија.

– Ќе ги уценуваат газдите на медиумите за да спречат објавување на веста. На тие што објавиле ќе им се заканат дека ќе ги тужат. Оти судиите им се запишани во тефтерчињата.

– Ќе си нарачаат интервју на телевизија што добива тендери за градежништво. Дотераната новинарка ќе облече штикли и нема ни да се потруди да одглуми дека прашува. Партијата ќе им напише изјава, тие ќе го набубаат материјалот, за да изгледаат убедени дека веруваат во тоа што им е напишано.

– Два дена ќе се кријат и нема да се јавуваат во полиција, за да не може да им земат крв и урина за тестирање и да ѝ дадат време на партијата тие консултантите што ги плаќаат 50 илјади евра месечно да им смислат нивна вистина.

– Камерите работат само за нив. За убиството на Мартин Нешковски и прегазената Фросина на Партизанска камерите беа расипани. Системот „Безбеден град“ само за нив функционира. Оти Фросина и Мартин не се Македонија и не морале да бидат безбедни. Само Димевци се Македонија.

– А прашањето како снимка од безбедносна камера се најде на телевизија е глупаво, откако  дури и снимка од посебни истражни мерки од Кабинетот на премиерот се најде на Јутјуб.

2 И после сите поделби што овие 10 години ги направија на наши и ваши, еве сега уште една поделба – наша вистина и ваша вистина.

Еве, да прифатиме дека вистината на Диме Спасов е вистинската. Останува главното прашање зошто баш Диме Спасов го бркале вооружени криминалци и мафијаши? Што знае Диме Спасов, а ние не знаеме? Не е белким дека му се љубоморни на успесите оти многу вработувал, па сакаат да му ги сопрат проектите. Или, можеби и криминалците бараат социјална помош. Оти, мафијата остана без приход. Власта им ги зеде бизнисот.

3 Продолжете да се чудите до каде сè може да одат. И продолжете да не ве интересира политика, оти нели, сите се исти и  нема за кого да се гласа. И смејте му се на детето што си игра министер. Оти смеењето е здраво. А молчењето не е. Оти, тоа дете носи одлуки за нашите животи. И за животите на нашите деца.

Башка и не е дете. Како што не е дете ни оној од Службен весник што го ставија директор ден пред да наполни 24 години.

Тој вечерва ќе излезе ли со нашата кола? За едни пријатели што одат на Комитска вечер прашувам.

4 Тоа што судијката, што не го поканила Груевски како сведок на рочиштето за „Пуч“, избега од специјалната обвинителка Катица Јанева, е уште еден доказ дека судството е независно. Инаку, до сега веќе ќе му го обелеа образот на Никола Груевски. Ќе го викнеа за сведок, ќе го осудеа Заев дека сакал да направи пуч. Вака, ќе помислиме дека Груевски трескал глупости кога лани драматично прекина вести за да ни раскаже дека „нешто од тоа што ќе го чуете ќе биде лага, нешто полувистина, а нешто вистина“ и кога обвини дека странски служби прислушувале со жолто комбе.

Може ли држава во која премиер објави дека имало обид за државен удар, повеќе од една година да не може да обезбеди двајца судии со безбедносен сертификат? Следното продолжение, кога и да биде закажано, нема да се одржи оти тогаш дактилографката нема да има безбедносен сертификат.

5 За украдени осум тегли домашен ајвар и слатко, како и три шишиња сок, кривопаланчанец беше осуден за кривично дело „тешка кражба“ со три месеци затвор условно. Значи во наредниве три месеци не смее да украде ништо, па дури ни милион евра.

Диме Спасов ѝ избега на полицијата. Ама затоа, пак, правдата ќе го стигне битолчанецот на кого полицијата му нашла една рачно изработена цигара од марихуана скриена во кутија со други цигари. Во цигарата имало 0,48 грама марихуана. На Диме не му измерија промили на алкохол во крвта, ама на битолчанецот до две децимали му ја измериле марихуаната.

И после некој ќе каже дека судството не функционирало, а полицијата бркала само успешни министри.

6 Каква правда можеш да очекуваш од претседател на суд, кој што дига дивоградба во строгиот центар на Скопје? И каква одговорност можеш да очекуваш од градоначалник на општина, кој за дивоградба во најатрактивниот дел на неговата општина дознава на Фејсбук, а не од своите служби?

Претседател на Судот е Владимир Панчевски. Градоначалник на Општина Центар е Андреј Жерновски. И ова нема врска со ВМРО-ДПМНЕ. А ни со ДУИ. Иако ептен личи.

СЛУШАЈ ТУКА – AUDIO PODCAST

Слушај тука

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира