МАКЕДОНСКА КЛЕТВА

Би било во духот на македонската традиција ако на 30 септември решиме да си пукаме во глава, за инает на власта што си пука во нозе.  

МАКЕДОНСКА КЛЕТВА

1 Со која мисла се буди власта секое сабајле? Кога велам власт, мислам општо – од пратеници на мнозинството, преку министри, државни директори, градоначалници, советници од мнозинството, службеници во локалната власт… Си викаат: „Во која нога да си пукаме денеска?“

А премиерот Зоран Заев би бил пресреќен да може да ги собере сите негови и да им каже: „Слушајте, не се зафркавајте, оти отидоа гаќите“. Кога би можел и да даде наредба: „До референдумот замрзнете ги сите активности!“. И да ги замоли, ако веќе ги користат службените џипови за да си ги носат децата на плажа во Грција, да се стрпат до 1 октомври. И ако може до 30 септември да не владеат, оти кај нас под власт се подразбира лошо владеење.

2 А за хистеријата со комарците во Скопје, сакам да споделам лично искуство како власта се однесува со јавноста. Излегува портпарол на Град Скопје и вика дека се прскало против комарци, ама граѓаните не чуле, оти авионите биле тивки. Добро. Може и се тивки. Ама, на прашањето со кој тип авиони се прска, портпаролот вели дека не знае. „Прашајте ја фирмата што прскала“, вели. А кој ја ангажирал фирмата со  наши пари? И од каде знаете дека авионите се тивки, кога не знаете која марка се?

И видовме – не видовме, во редакција се фативме со истражување. Па на слики споредувавме регистарски ознаки на авионите, па ги споредувавме со списоците во регистарот на воздухоплови во УЦВП, за на крај да откриеме дека навистина станува збор за авиони кои се четири пати потивки од оние со кои се прскало до лани.

Зошто го правевме тоа? За да го истражиме тврдењето на Кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов кое самиот Кабинет не можеше да го потврди со факти. Оти, дојдоа неспремни на прес- конференција. А за волја на вистината, и новинарите не се баш спремни секогаш да бараат факти. Но, да се вратиме на службениците што се платени од нас за да дадат валидна информација, кои наместо да си обезбедат точни податоци, почнаа да се караат со сите кои се мајтапеа за тивките авиони. Нема вие што да прашувате, има да ни верувате.

Е тоа е таа ароганција и исмејување на секој што ќе постави прашање, што прави непотребна тензија, па едно обично прскање против комарци се претвара во глобален политички проблем со далекусежни геостратешки последици.

3 На 50 дена пред референдумот од кој ни зависи иднината на државата, со вакво, најљубезно речено несмасно владеење, во една нервозна атмосфера, нормално е дека и комарците ќе ги продлабочат поделбите.

И одлично е тоа што среде лето и  годишни одмори комарците се главна вест три дена. И одлично е тоа што се дигна толкава врева за службениот џип со кој високиот полициски функционер си ја однел ќерката сосе другарките на одмор во Грција. Во нормална земја, нормално е граѓаните да бараат одговорност и отчетност за трошењето на нивните пари од политичарите и избраните функционери. Исто како што е нормално и политичарите и службениците што примаат плата од буџетот да даваат детален отчет како ни ги трошат парите и да сносат одговорност и за тоа што го прават и за тоа што ќе го кажат.

Ама, таква нормална земја имаме шанса да станеме некогаш. Оти темите за јавна дебата во нормална земја се одговорност, отчетност и добро владеење. А за тоа ќе зборуваме на 1 октомври. Ако на 30 септември не решиме да си пукаме во глава, за инает на власта што си пука во нозе.

4 Затоа ми се глупави сите прозивки до Заев и неговите: „Алоо опрајте се, или ќе ви пропадне референдумот“. Како тоа мислете „Ќе ВИ пропадне“?. Кому ќе му пропадне? На Заев? На Али Ахмети? На Шилегов, на оној градоначалникот на Ново Село што шверцуваше цигари, на министерот Венко Филипче со тендерот од 35 милиони евра, на директорот за јавна безбедност во МВР… Не бе, нам ќе НИ пропадне. Нам, што сме решиле да живееме тука и со натчовечки напори се бориме да направиме држава во која одговорноста, отчетноста и доброто владеење нема да бидат вселенски теми. И каде што никој нема да те пизми ако прашаш со кој тип авиони се прска против комарци. Конечно, држава во која влезот во ЕУ и НАТО нема да зависи од убодите на комарците.

А бе, луѓе. На 30 септември не се гласа за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ. За нив ќе гласаме на некои избори. На 30 септември ќе гласаме за себе. И ако останеме ненормална држава, животот сигурно нема да ни се подобри. Оти, еве и последниот извештај на Советот на Европа покажува дека разочарувачки ништо не сме направиле во спречувањето на корупцијата. И тоа корупција кај пратеници, судии и обвинители.

Така што, не успее ли референдумот, ќе можеме и понатаму да уживаме во шлапкањето во калта, како што правиме 27 години. Проблемите ќе ги решаваме како и до сега. Со клетви.

5 Впрочем, пријатно се изненадив дека ова што го пишувам последниве месеци, а често пати како тема сум се навраќал уште од 1991 до сега, имало и научно име.

Прочуениот македонски невросихијатар д-р Методи Чепреганов на вестите на ТВ 24 даде стручно согледување за душевната состојба на македонското општество:

Ако некој е против иднината на својата земја, тој е деструктивен каракатер. Јас гледам многу луѓе кои имаат огромна деструкција, а деструкција значи карактерни промени. А карактерни промени значат: говор на омраза, говор на суета, говор на злоба, на завист, љубомора, параноја итн… Со тоа се храни, за жал, македонскиот народ… Европа е, со една реченица, објективна, реална и нема импровизации и нема емоции. Ние сме нереални, необјективни, со многу емоции кои ни ја стеснуваат свеста и логичното мислење и на крај, импровизираме сѐ што правиме. Сѐ што правиме е импровизација. Тоа е недопустливо… Мислам дека дискусија за референдумот овој народ не би требало да прави. Тој си ја сече гранката со која треба да оди напред. Нам ни треба имотен лист, а него го немаме“.

Така што, и да не влеземе во НАТО, на НАТО можеме да му продадеме патент за нов боен отров – македонска клетва.

Впрочем, која друга нација што е во НАТО може да се пофали со ваква народна изрека: „многу арно не е на арно“. Само народ кој ужива да му е лошо. И сите да му се криви за тоа.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари