МИЛЕ И СПИРЕ

Не живее само духот на Груевски. И духот на Субрата Рој е жив и здрав.

МИЛЕ И СПИРЕ

1 Секогаш кога функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со правдата, за да одговараат за  криминалите и злосторствата што ги правеа во времето на Никола Груевски, државата се соочува со национална катастрофа. Па така е и со инцидентот во затворот Шутка, каде што поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, осомничени како дел од организаторите за нападот на Собранието на 27 април 2017, биле нападнати од други затвореници. Па кога уште ќе се појави и лидерот на партијата Христијан Мицкоски кого, замислете, не го пуштиле да го посети  Милета во ургентниот центар на болницата „8 Септември“, националната катастрофа станува трагедија од епски размери. Како испаничено му викаше Мицкоски на обезбедувањето: „Голема ќе ја направиме!“.

Требаше на доктор Мицкоски да му дозволат лично да прегледува во ургентниот центар. И тоа сосе вмровскиот конзилиум предводен од доктор Игор Јанушев. И во присуство на јавноста пред камерите што го следеа. Оти, како вика Мицкоски: „Миле и Спире на мравка не згазиле“.

Не бре, не згазиле. Само седеле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и на 27 април 2017 контактирале на моторола со тие што беа тргнати да го убијат Зоран Заев во Собранието. И беа убедени дека го убиле Зијадин Села. Во Собранието.

2 Гледате. Не било страшно и да се даде оставка. Како што си даде оставка директорот на затворот Шутка Ѓоко Котевски, оти не направил добра безбедносна проценка. Не затоа што на Спире му удриле шамар, а на Миле му текнало дека може му е скршена раката. Туку затоа што Миле и Спире не се во притвор поради „пиштење вриштење че има“. Или поради испраќање инспекции кај политички конкуренти пред избори. Не се ни за нарачка на „она на М“ од 600.000 евра. Ниту за она „да не е многу од жутите“. Туку за терористичко загрозување на уставниот поредок и обид за пуч.

Инаку, којзнае колку шамари се удираат по затворите. Ама никој не се потресува за тоа до толку за премиерот да бара оставка од директорот на затворот. Оти тие шамари не болат толку.

Како власта не може да направи проценка со кого си има работа, особено што Груевски уште кога почнаа судските процеси против него за случаите на СЈО цело време зборува за „политички прогон“? А Христијан Мицкоски таа фраза ја прошири и ја надгради со „црнила“ што ја надвиснале државата. Па Груевски избегал оти се плашел за својот живот. Па си нарача интервју на омилената телевизија од која во 2017 го повика народот да не седи во папучи. Пред само десетина дена на истата телевизија ни кажа дека се спремал да оди в затвор, ама му рекле дека сакаат да го убијат. А Мицкоски, веднаш по апсењето на Јанакиески, Ристовски и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, осомничени како организатори на нападот на Собранието на 27 април 2017, одржа прес на кој на Заев му рече дека може да нарачува и убиства, ама тие не му се плашеле.

И другиот ден, некој осуденик од Диво Насеље во затворскиот двор го препознава баш поранешниот министер за образование и туку-така му врзува шамар. Сигурно бил незадоволен од импакт факторот на универзитетот каде што завршил, па одвај дочекал да му се одмазди за реформата на високото образование.

Божем не чувме во бомбите сѐ што власта на Груевски беше спремна да им прави на тие што беше решила да ги стави в затвор. Од нарачките за „соба со некој понадарен“ до „исклучување безбедносни камери за време на посета“.

Не можам да поверувам дека Никола Груевски уште ја работи како бавча власта на Заев. Посветено. 24/7. И тимски.

Миле и Спире мравка не згазиле. Тоа пред камери го вика лидер на партија, чиешто претходно раководство го нападна Собранието. Исто така пред камери. Со директен пренос.

3 Тоа што духот на груевизмот уште е жив и командува, не е заслуга на Христијан Мицкоски. Туку е заслуга на власта за која се надевав дека само нема капацитет. Ама, изгледа нема ни волја да се справи со груевистичкиот начин на владеење.

На пример, каква е таа демагогија што ни ја продава министерот за администрација Дамјан Манчевски кој ги повикува и роднините на власта, ама и роднините на опозицијата да си дадат откази од работните места во јавната администрација. Демек, ние си ги вработуваме нашите роднини, оти вие си ги вработувавте вашите. Е сега, ако нашите даваат откази, и вашите да си дадат откази. Како државата само за нив да постои.  За партиските апаратчици и нивните роднини.

Роднините на ДУИ никој не ги повикува да си дадат откази. Оти тие не ни одат на работа, па не ни знаат на која адреса да го испратат отказот.

4 Не живее само духот на Груевски. И духот на Субрата Рој е жив и здрав. Ене го. На плоштадот Македонија во Скопје.

Владата решила да не го урива недоградениот споменик на Мајка Тереза, што требаше да биде донација на индискиот измамник. Туку, решила да го догради објектот и сега собира идеи како да се пренамени.

Еве, една од идеите нека биде да се урне. Ама Владата не ја зема предвид таа идеја оти била многу скапа.

Споменикот се гради во пешачки дел на влез на Плоштадот и го прекршува Уставот и Законот за урбанистичко планирање. И ако Владата веќе решила да штеди со кршење на Уставот и законот за да го надгради делото на Никола Груевски, тогаш ич нека не го пренаменува објектот. Нека биде споменик на Мајка Тереза, со скромни средства од 5,5 милиони евра и со незабележителна височина од 30 метри. Како што прилега на една светица и хуманитарка.

Не е спорна намената на објектот. Спорно е самото постоење на објект на место што не е за градење. А во власта или се прават луди, или нас нѐ мислат за глупави.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира