МОЛК НА СКРШЕНИТЕ ГЛАВИ

Мала е италијанската лента, а големо е името Македонија

МОЛК НА СКРШЕНИТЕ ГЛАВИ

1 Не знам дали на изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието да гледаме како на покајување од ВМРО-ДПМНЕ за нападот на Собранието што го направија на 27 април 2017, или како знак на политичко зреење. Пред седум години, кога се избираше Талат Џафери за претседател на Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ беа спремни да убиваат пратеници и новинари, за време на новата изборна кампања се отепаа докажувајќи дека тогаш напаѓачите биле уставобранители, а сега самите си го предложија и го изгласаа Гаши да биде втор човек на државата. Што значи дека нападот на Собранието не беше организиран затоа што за претседател се избираше Албанец, туку за да остане Никола Груевски на власт, да се спаси од кривичен прогон и да се заштити сѐ што тогашниот режим имаше украдено.  Напаѓачите не биле уставобранители, како што ВМРО-ДПМНЕ упорно ја тера приказната, туку бранители на криминалот на Груевски, кој ги повика да не седат дома во влечки, туку да излезат да го заштитат додека тој беше на „многу важна средба“ во Виена.

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се извини за нападот на Собранието од 27 април 2017. Ама еве, по седум години излезе на виделина не само лицемерието, што е вообичаено во политиката, туку и неодговорноста на таа партија што тогаш беше спремна и да ја запали државата со меѓуетничка војна само за да остане на власт.

Изгледа во СДСМ тогаш толку им ги исчукале главите, што не ја искористија конститутивната  седница на новиот собраниски состав и изборот на Гаши за претседател, па заборавија да направат паралела со изборот на Талат Џафери од пред седум години. Оливер Спасовски и Љупчо Николовски кои се пратеници и во овој парламентарен состав ги памтиме по раскрварените лица во 2017. Ако не другите, како ли ним не им дојде да станат и од говорница да прашаат: „Па добро бре луѓе, зошто дојдовте да нѐ убиете?“

Со тој молк СДСМ ја пропушти приликата да го потсети овој собраниски состав, ама да ја потсети и јавноста, кои биле вистинските мотиви на ВМРО-ДПМНЕ да го нападне Собранието во 2017. Со тој молк СДСМ помага да заборавиме на еден од најстрашните настани во поновата историја на македонската држава. Како ли не ги заболеа нивните скршени глави?

2 Арно ама, пратениците на СДСМ решија да молчат. Уста не отворија. Тие се над ситуацијата. Башка, лути им се на гласачите дека ги изгубија изборите.

Штом не нѐ сакате, ич муабет нема да ви правиме. Море, за инает, ни во Собрание нема да збориме. После два дена ќе пуштиме соопштение и ќе пишуваме на Фејсбук дека ВМРО-ДПМНЕ ги измамило гласачите. И тоа ви е многу од нас. Си ги изгласавте, е па сега трпете си ги.

И така, избирајќи да молчат како опозиција, пратениците на СДСМ им ја препуштија собраниската говорница на пратениците на Левица.

Изминатите седум години, на секоја критика одговараа: Ако не, па ВМРО да го вратиме.

Сега имаат нова партиска доктрина: Ако не, па Левица да ја зајакнеме.

3 Пратеничката Моника Зајкова, лидерка на Либерално демократската партија (ЛДП), која беше избрана од изборната листа на коалицијата на СДСМ, изјави дека во Собранието ќе делува независно, како и досега.

Зајкова беше коносителка на листата во Првата изборна единица. Беше сликана до бившиот премиер и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски. Уште ги гледаме на билбордите низ Скопје на кои пишува „Нема откажување од иднината“. А таа се откажа од СДСМ уште на првата кривина.

Не е првпат ЛДП да го зафркне СДСМ.  Кога на ВМРО-ДПМНЕ му требаа гласови да го турка проектот „Скопје 2014“, ги обезбеди со гласовите на советниците од ЛДП во Општина Центар. И тогаш тие го напуштија мнозинството на СДСМ за да гласаат независно за проектите на ВМРО. Ама, кој да памти?

Кај и да е, за очекување е и двајцата пратеници од НСДП што влегоа во Собранието на листата на СДСМ наскоро  да изјават дека и тие ќе делуваат независно. Додека можат да постигнат повисока цена. Па СДСМ од 18 ќе падне на 15 пратеници. Како што тргнала работава, ќе имаат повеќе кандидати за претседател на партијата од број на пратеници.

Впрочем, ЛДП и НСДП ионака постојат само за да можат да го зафркаваат СДСМ. ОД ВМРО-ДПМНЕ им е страв. Или, имаат поголем ќар.

Имаат ли СДСМ донесено барем една правилна одлука во врска со последниве избори?

4 Али Ахмети во име на коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ најави дека накоро ќе почне „битка за почитување на духот на Охридскиот договор“.

Не постои дух на Охридскиот договор. Охридскиот рамковен договор е реалност. Тој е дел од Уставот. Тоа што Али Ахмети сега го прави не е почитување на духот на Охридскиот договор, туку повикување на духовите од минатото. Вадење на чизмите од таван и пушките за одење в планина.

Децата на ДУИ премногу се обогатија за тие самите да облечат чизми за да гинат во шума. Ама, пак, имаат доволно пари за да најдат други будали да гинат за ветените, а неиспорачани тендери на ДУИ.

А меѓународната заедница, на којашто ДУИ ѝ се миленичиња уште од 2001, молчи. Дали во нивните демократии вака се закануваат партиите кога треба да ја предадат власта и да заминат во опозиција? Со демократски чизми.

5 Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе нѐ фаќа на кондиција со хумористични бесмислени објаснувања зошто не го користи уставното име на државата. На прашањето зошто на венецот што го положила на гробот на Свети Кирил во Рим го пишувало само нејзиното име, а не и името на државата, таа одговори дека „како што знаете…“ – (а од каде би знаеле!?) – лентите за венци се куси, а името на државата ни е долго, па се консултирале во Кабинетот оти немало место на лентата за толку букви, па иако прво мислеле да напишат РС Македонија, на крај решиле да пишат само претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Сѐ во интерес на просторот.

Еј, тоа е политика. Кога професорка со интегритет што ишколувала десетици генерации правници, адвокати, судии, обвинители, политичари ќе стане преседателка на „нашата држава“, таа нема да се срами најсталожено и темелно да ни го објасни проблемот со кусата лента. Мала е италијанската лента, а големо е името Македонија. И тоа е реалност што мора да се почитува. Отприлика исто како Преспанскиот договор.

Следниот пат, во Кабинетот на претседателката можат да бидат уште покреативни. На лентата ќе напишат „Гордана СД, Претседателката на РС Македонија“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира