МОЖЕ И ПООЧАЈНО

Ветуваа дека ќе ја донесат ЕУ дома. Не успеаја, па сега ја користат ЕУ како оружје за пресметка.

МОЖЕ И ПООЧАЈНО

1 Не можам да поверувам дека власта е толку некадарна, што дури и една реконструкција на Влада не успеа да испланира како што треба. Ние мислевме дека не можат да испланираат редовна набавка на учебници, обрасци за лични документи, регистарски таблички и свидетелства, а тие не можеле да испланираат ни разрешување на сопствените министри. Цела недела не можат да се соберат за да ги разрешат министрите, а допрва нова влада ќе бираат. Дозволија министерот за правда да им даде оставка, а пред тоа да не им ја потпише еврообврзницата од 600 милиони евра. Нивен министер беше Тупанчевски, не беше на опозицијата.

Навистина, кој проблем го реши премиерот Димитар Ковачевски кога одлучи да ја земе Алијанса, а ја откачи Алтернатива? Една година едните, една година другите. Проверува ли кој албански партнер повеќе ќе му одговара? Партнерски бизнис ќе тераат, или држава ќе водат? Опозицијата им е виновна затоа што не им помага да си ги разрешат министрите. Божем не знаат со кого си имаат работа. Па знаеме дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се активираат само кога треба нешто да се блокира.

Олку очаен состав на пратеници никогаш не сме имале. Со месеци не ги гледаме во собраниската сала, а во меѓувреме купуваат станови низ Скопје, лажат дека патуваат во родните градови и наплаќаат патни трошоци. Не кријат и не се срамат дека не им е гајле за јавниот интерес.

Но, ни математиката на Димитар Ковачевски и Али Ахмети не го дава очекуваниот резултат – 64 минус тројца од Алтернатива, плус осуммина од Алијанса, минус тројца од Огнените на ДУИ, минус еден Павле Трајанов, плус-минус Мендух Тачи и Скендер Реџепи како во равенка со две непознати. Оди па реши ја, кога среде гласање за реконструкција на Влада претседателот на Собранието Талат Џафери заминува за Словенија. А и самиот Али Ахмети треба да се појави во Собрание, оти тој доаѓа само кога треба да се направи кворум.

А каде сме ние, граѓаните, во оваа весела математика? Во ЕУ нѐ  уценува Бугарија. Дома нѐ уценуваат ДУИ и другите партии на Албанците. Заглавени сме меѓу неспособноста на СДСМ и деструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ. Апасиев се заканува дека ќе стрела и беси, а Мицкоски ни се нуди дека ќе нѐ спасува.

Може и не е толку очајно. Сигурно може и поочајно да биде.

2 За да ни го дигнат расположението, сите од Владата се изредија со фалење, откако Судот за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) одлучи дека е невалидна жалбата на  поранешните функционери Владимир Талески, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Тони Трајковски и Едмонд Темелко во врска со помилувањата на експретседателот Ѓорге Иванов за случаите на СЈО.

Судиите погледнале во жалбите и рекле – супер што сте дошле до Стразбур, ај сега вратете се дома и таму барајте си ја правдата оти не сте ги исцрпиле сите правни инструменти во вашите судови. Што тука може да се толкува како успех на власта и еуфорична радост  дека победила правдата?

Истиот ден кога победи правдата, Драган Даравелски си замина слободен дома, оти 20 години не знаел дека е осуден. Победи правдата истиот ден кога бугарските клубови именувани по личности врзани со фашистичката окупација на Македонија требаше да ги сменат имињата оти така вели законот, ама ним баш им е гајле, а македонската јавност отвора дебата какви сценарија се можни ако Бугарите во Македонија не го почитуваат законот. На пример, во ЕУ што би правеле кога некој не би го почитувал законот? Додека македонските функционери ликуваа со решението на судиите од Стразбур, на судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, четири години по смртта на 16 патници, вештакот кој бил сликан на говорница на ДУИ не се појавува на судењето оти му се качил притисокот. Може ја пропуштил терапијата оти е паднат системот на Фондот за здравствено осигурување.

Сега ќе продолжат судењата по случаите на пропаднатото Специјално обвинителство, што во основа ги имаат индициите за криминал откриени во масовното нелегално прислушување од времето на Никола Груевски. И во неговото барање за азил во Унгарија тој се повикал на аболицијата на Иванов. Обвинетите високи функционери од неговата власт се отепаа од плаќање адвокати и пребарување на тефтерчињата со списоците на судии за да измислуваат марифетлаци како да го одложуваат судењата, како да ги закочат во судовите… По шест години за судиите нови главоболки, за обвинетите нови трошоци.

Каде е тука победата на правдата? Победи правдата така што Стразбур им кажа – не ви чини правосудството, не ви се ефикасни судиите, а ни адвокатите баш не ви се покажаа многу учени.

3 Туку, што да дебатираме за некакви победи и порази во Македонија денес, членка на НАТО, на почеток на трета деценија на 21 век и четврта деценија како независна држава, во која Охрид е понепристапен од кога било досега. Не зборуваме за некое забито село на врв на планина. Зборуваме за културно-историски и туристички центар на земјата – разгледницата на државата. Оној неизграден кинески автопат од 52 километри, за кој веќе не се ни знае колку народни пари се потрошени, а за што никој не одговараше, може да се прогласи за споменик на епската некадарност и на власта на ВМРО-ДПМНЕ и на власта на СДСМ, а богами и на ДУИ што е константа на власта од 2001 досега.

Што Охрид, што Битола. Од античко време бил изграден патот Виа Игнација. Во половина народно творештво се пее за Битола, Солун, Стамбол, ама во НАТО земјава, под успешен скрининг на ЕУ, пред да ги започнеме преговорите за поглавјата, заглавивме  на Плетвар. Во турско време од Кочани до Солун со коњ оделе, а сега од источна Македонија до Охрид и Преспа со кола тешко се стасува. Со автобус можеби некако, ама со воз – никако.

Што збориме за патишта и железници? Главниот град нема редовен и стабилен јавен превоз. Што збориме за модерни автобуси, кога ние ни пошта немаме. Пошта со поштари – курирска служба. И таа е ставена во равенките на проклетите партиски математики и поткусурувања. Пошта што функционирала и во турско и во каурско, и во време на војна и во време на Тито, ние немаме во време на мир и европски прогрес.

Значи, не збориме за освојување на Марс. Збориме за основни цивилизациски придобивки, во трета деценија на 21 век. Како на пример, да можеш да примиш пратка, да фатиш автобус за да стасаш на време на работа, а кога ќе одиш на лекар да може да ти препише рецепт оти не му е паднат компјутерскиот систем.

И кога ќе ги предочиш овие очебијни факти на „прогресот, реформитe, економските политики и интеграциите во ЕУ’, од власта веднаш ќе те обвинат дека сакаш да се врати ВМРО. Дека не си на страната на прогресот. И дека си антиевропски.

Ветуваа дека ќе ја донесат ЕУ дома. Не успеаја, па сега ја користат ЕУ како оружје за пресметка. Не им е ним до доброто владеење и до европските вредности. Ним им е само до европските пари. И по можност тие да ги земат парите. Ама со оглед на тоа дека не се кадарни ни реконструкција на Влада да направат ко што треба, се сомневам дека и за тоа се способни.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира