1 Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, не е од вчера. Тој има завидна кариера како растел во криминалот – од првата дивоградба во скопско Дебар Маало од пред дваесет и кусур години, до двојното убиство. За него полицијата досега има поднесено повеќе од десетина прекршочни и кривични пријави, од затајување данок, до нелегално снимање и носење оружје, ама нема ниедна пресуда.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека убиството на Вања и Панче е изолиран случај. Можеби. Иако, лично не верувам дека семејството на Вања е единственото што било малтретирано од оваа криминална банда.
Ама неказнивоста не е изолирана само на случајот на Палчо.
Свртете се околу себе. Не е тешко и вие да го пронајдете Палчо. Колку палчовци секојдневно ве убиваат? Не станува збор за монструзна ликвидација како онаа на Вања и Панче, за која е осомничен познатиот градежник, бизнисмен, газда на медиум, политичар, лидер на партија, политички аналитичар, инфлуенсер на социјалните мрежи и припадник на кастата „градско дете – урбаниот лик“ Љупчо Палевски-Палчо. Ама сепак е – убиство. Колку фамилии се уништени од рекетот, измамата, уцените, заканите и силеџиството на „угледните“ палчовци кои судот не ги казнил?
2 Сега сите ги бришат фотографиите и објавите по социјалните мрежи, за да ги скријат сведоштвата за нивната блискост со осомничениот убиец на дете. Дури и новинарските текстови во кои бараа „правда за Палчо“ исчезнаа од архивите. Видовме дека само кога нема политички или бизнис притисок за случајот да се заташка и тукашните институции знаеле да си ја сработат работата за која се платени. Кога никој не врши притисок за да заштити убиец на дете, видовме дека и полицијата можела да биде ефикасна и брзо да го реши случајот, речиси како на филм.
Ама, во тој синџир што ги поврзува правдата и правото секогаш недостига некоја алка. Секогаш некој ќе се најде да го заборави предметот во фиока. Ако инспекциите си ја завршат работата, ќе се сопре случајот во министерство. Ако министерството ја заврши работата, ќе го сопре партијата на министерот. Ако ја помине партијата, ќе застане кај коалициониот партнер и во Владата. Ако полицијата си ја заврши работата, ќе заглави во обвинителство. Ако помине во обвинителство, ќе заглави во Основен суд. Ако помине во Основен суд, ќе заглави на Апелација. Ако помине во Апелација, ќе заглави на Врховен суд. Кругот на неправдата и неказнивоста се сврти така што убија дете.
Неказнивоста станува ендемска. Од погрешно паркирање, до рекетирање. Од две-три шлаканици на политички противник до киднапирање дете. Од „пушти го будалата, го знаеме, тој е наш“, до убиство на дете.
И ако ни е е толку тешко да сфатиме колку е опасна за сите нас таа неказнивост што секојдневно ни го убива општеството, тогаш постојано треба да се потсетуваме на сликата на 14-годишното девојче што го спакувале во вреќа, го ставиле во гепек и го застрелале. Зошто го убиле? Зашто им се можело. Зашто се почувствувале силни. Зашто им се плашеле. Зашто биле охрабрени од лајковите на социјалните мрежи. Зашто се чувствувале заштитени. Затоа што не биле казнети и биле недопирливи.
Неказнивоста не е апстрактен поим, ниту гола фраза. Неказнивоста е убиство на дете. Неказнивоста во Македонија доби лик и име. Се вика Вања. Кога ќе зборуваме за неказнивост, нека ни се појавува сликата на Вања. Ако можеме да продолжиме да живееме со тоа сознание без да ни пречи, тогаш ни нема оправање.
3 Откако стивна првичната паника со бришење фотографии и објави со Палчо, сега тие што шуруваа со него почнаа да се фалат со докази. Вака требало, онака требало, вака да било, онака да било…
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дури и се пофали дека знаел некои работи за истрагата, ама сега не ги кажувал. Ќе ги кажел подоцна.
Ништо невообичаено и ништо ново од Мицкоски. Така правеше и пред референдумот кога се менуваше името. Ќе го менуваше Преспанскиот договор. Како? Ќе кажеше подоцна. Истото го прави и сега со ставањето на Бугарите во Уставот. Ќе го менува францускиот предлог. Како? Ќе каже подоцна. Ќе ги почне преговорите со ЕУ. Како? Ќе каже подоцна.
Ако тоа што го дознал за убиството на Вања досега не го кажал во Обвинителството, тогаш станува збор за најмизерно политичко лешинарство. Криењето докази е кривично дело. Во држава во која владее правда за сите, од тоа не би требало да биде изземен лидер на политичка партија.
А за одговорноста дека го банализира злото за политички да профитира – ич муабет да не правиме.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST