1 Се обидувам да го разберам инцидентот на Талат Џафери со албанското знаменце во кабинетот на претседателот на Собранието. Сфаќам дека веројатно станува збор за рефлекс. Да не заборавиме на фактот дека до вчера Талат се дружеше со ВМРО-ДПМНЕ. Па некако по инерција при првото седнување на местото претседател на Собранието му дојде како нормално да дува во свирката на ВМРО-ДПМНЕ. Па од џеб извади две албански знаменца. Па ги стави како во селска задруга на работната маса. Оти до вчера главната игранка им беше кој колку орли ќе закачи и кој колку вергини ќе развее.
Беса пееше албанска химна, Села го истепаа скоро до смрт напаѓачите на Собранието, одвај жива глава извади, па мораше и Талат херојство да покаже. Од сите приоритети што ги има како претседател на новото Собрание, Талат го избра приоритетот да му помогне на ВМРО-ДПМНЕ. Неколку дена претходно ВМРО-ДПМНЕ војна ќе направеше баш поради тоа знаменце, а Талат им порача: Да, во право сте!
Што сака Талат? Да продолжат со заедничката националистичка реторика со која се јакнеа цели осум години, за да заборавиме дека ДУИ е второто око во корумпираната коалиција што нè доведе до оваа криза.
2 Ова Собрание има многу потешки задачи од шлапнување знаменца на маса. Треба да го врати интегритетот и угледот на пратениците и на нивната функција. Преку ова Собрание треба да поминат сите закони што треба да ја демонтираат партиски заробената држава, да ја ослободат и да направат нови институции кои ќе работат во полза на граѓаните за да можат да ја вратат довербата и сигурноста.
Па не е Македонија повеќе од две години во криза затоа што некој не му давал на Талат да стави знаменце во кабинетот. Не паѓа Никола Груевски повеќе од две години затоа што не дозволувал албански знамиња во кабинетите на коалиционите партнери. Напротив. Немаше ништо против, како што немаше против ни за амнестијата на злосторниците осомничени во Хаг за најтешки воени злосторства. Конечно, ни ДУИ не изгуби 10 пратеници на последните избори затоа што на албанското гласачко тело од животна важност им било китењето со знаменцата.
Ова не е веќе коалицијата меѓу Никола Груевски и Али Ахмети. Ова парламентарно мнозинство го избраа граѓаните на кои им збоктиса да се тресат на секоја меѓунационална тепачка по улиците, додека во министерствата сложно им ги крадеа парите. Ова парламентарно мнозинство го донесоа на власт граѓаните кои сакаат спокојство во организирана држава, во која квалитетот на животот не ти зависи од која партија си и од која нација си. Тие знамето си го носат во срцето, ама не сакаат со знамињата да се бијат меѓу себе. Доста беше од јавните и тајните договарања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Доста беше од тинејџерски меѓунационални тепачки по автобусите, доста беше од крстови на кружни текови и контраџамии… Нема веќе време за такви глупости. А богами ни пари.
Никој не се сомнева дека на Талат албанското знаме му е во срцето. И тоа не е проблем. Ама големи се сомнежите дека тој со македонското знаме има проблем. И сега сите ќе се занимаваме со неговиот личен проблем. Наместо да го решаваме нашиот заеднички проблем. Дека државата ни е пред банкрот. Не само финансиски, туку и морален.
Впрочем, нека се сети што му порачаа жителите на Арачиново кога одлучија да не гласаат за ДУИ – Нејќеме федерализација, сакаме канализација.
3 Додека сите ја анализираа сликата и броеја колку и какви знамиња има на неа, никој не забележа еден ситен детаљ. На работната маса на новиот претседател на Собранието има знамиња. Ама нема компјутер.
4 После организираниот напад на Собранието од 27 април нема потреба за злосторствата на ВМРО-ДПМНЕ да дознаваме од прислушувани разговори. Злосторството го гледавме на директен пренос на телевизија.
Е сега, прашање е дали и овие грозоморни снимки ќе ги признае судот. Или и нив ќе ги отфрли како доказ оти се направени со неовластено снимање и без наредба за посебни истражни мерки.
На 27 април, во организираниот напад на Собранието сторени се 27 различни кривични дела. Сторителите се поделени во 4 групи – организатори, извршители, полицајци и нивни шефови. Од сите тие 27 кривични дела, меѓу кои и „обид за убиство со умисла“, јавното обвинителство на Марко Зврлевски ги гони разбојниците за најлесното – „учество во толпа“.
Ќе биде интересно и во судница кога обвинителите на Марко Зврлевски ќе го бранат обвинувањето за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службена должност“. Кога ќе се прави реконструкција на настанот, некој ќе треба да ја удри обвинителката по глава со сталак за камера за таа лично да почувствува колку удирањето со сталак по глава е лесно дело. А оној дедичкото, за кого што една професорка во гимназија напиша дека треба да му се позлати раката и уште повеќе требало да ја кубе Шеќеринска, ќе може во реконструкцијата да ја искубе косата на судијката за да покаже како се спасува удрен од сталак при учество во толпа што ќе спречи службено лице.
Глумецот Владо Јовановски ќе им носи вода на судијката и на обвинителката, оперскиот пејач Игор Дурловски ќе им ја пее химната, министерката за култура и пратеничка Бети ќе се гушка со народот скриен со фантомки што во Собранието приреди уметнички перформанс платен со буџетски пари, а социјалистичката пратеничка Владанка Авировиќ нема да учествува во судската реконструкција. Оти таа не видела дека имало луѓе со фантомки. Само се гушкала со нив.
А телевизијата чиј што газда два месеца е на службен пат ќе известува од судскиот процес како за „најмирољубивиот насилен влез во Собранието“.
Само, ме интересира кој ќе го глуми Зијадин Села во оваа реконструкција на настанот? За да може во судот да се докаже мирољубивото учество во толпа што ќе спречи службено лице во … бла, бла бла…
5 Дури ни пратениците Влатко Ѓорчев и Никола Тодоров нема да смеат да се појават на реконструкцијата на настанот во судот оти ќе мора да се покажат во фино светло. Не поминаа ни 24 часа откако лидерот на СДСМ Зоран Заев ги пофали и им се заблагодари дека спасувале животи и помагале додека учесниците на толпата спречувале од тоа извршувањето, Ѓорчев и Тодоров побрзаа да се извинат за своите постапки. Ѓорчев се појави на прес конференција, а Тодоров на телевизијата на газдата што е на службен пат, за да се оградат од самите себе. Не, не… Не сме ние толку фини како што кажа Заев. Тоа што можеби човечкото навистина без дозвола од лидерот излегло од нас, не значи дека ние не сме ВМРО-ДПМНЕ.
6 Цела недела по 27 април излегуваат снимки и сведоштва што се уште побрутални и погрозни од тоа што го гледавме на телевизија во директниот пренос. Сите видовме крволочен напад на Собранието, полиција која ништо не прави за да го спречи линчот на луѓето заробени во зградата, пратеници што ја раководат толпата… Се изнаслушавме и официјални изјави, почнувајќи од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ па надолу, дека и Заев и Села и сите со искршени глави сами си го барале. И заслужиле да бидат убиени.
На снимките ги гледаме учесниците во нападот и пратениците од новата опозиција и ги слушаме нивните изјави кога бесрамно тврдат дека ништо не виделе. Ај што ништо не виделе, туку и им помагале на нападнатите.
Од толку помош, среќа што само Села е во болница. Да помагаа повеќе, до сега првите парастоси ќе ги правевме.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST