НОВА БИТКА

Срамот е кај нив, не е кај нас.

НОВА БИТКА

1 Во земјава, тие што ги кршат законите се главни. Власта прави сè за ним да им го олесни животот. Се менуваат закони да им се угоди на поранешни арамии, сегашни арамии и арамии во најава. И тоа власта го продава како напредок кон ЕУ. А тие што си почитуваат закон воопшто не се ни тема на муабет. Тие се мрчатори кои не разбираат политика.

Начинот на кој власта ја замајува јавноста не е променет ни по промената на Кривичниот законик, со која се намалија казните за корумпираните функционери. Досега ни ја потценуваа интелигенцијата, ама сега со каква ароганција го бранат неодбранливото, мислат дека сите сме ептен глупави. Бидејќи сите небулози и досега им поминуваа, сметаат дека ќе им помине и оваа. Министерот за правда бил на пат, потпишала заменичката на министерот, не се знае кој ги напишал измените на законот, наеднаш текстот се најде во Собрание, го закитија со европско знаменце, СДСМ нешто бранеше, ВМРО-ДПМНЕ божем не даваше и оп – премиерот Димитар Ковачевски ќе се пофали дека смениле законски одредби што биле од комунистичко време, од 19 век. Џанам, од пред Илинден.

Тие ќе менувале комунистички закони? А не можат да излезат од комунистичката матрица како се дискредитираат сите неистомисленици. Рефлексот е секој што ги критикува да си добие етикета – антиевропеец, вмрон, неутровмрон, албанофоб, руски бот, па еве сега и комуњари. И кој го кажува тоа? Деца на комунисти, израснати на комунистички леб од партијата што е наследник на комунистичката.

2 Последниве денови од СДСМ цело време повторуваат „конфискација, па конфискација“. Демек, казните се намалени, ама затоа ќе се конфискувал имот. Кај функционерите ќе се намалел мотивот да крадат оти ќе им ги земеле парите. А досега краделе оти знаеле дека ако ги фатат ќе одат во затвор, ама парите ќе им останеле. Како, како? А зошто конфискацијата би исклучила построг затвор и подолг рок за застарување?

Да беше судството кадарно и досега ќе имаше конфискација. Вака само им се олеснува животот и на корумпираните функционери и на корумпираните судии. Досега мораа да фаќаат врски, да потплаќаат, да измислуваат финти како да се одолговлекува процесот. Сега ќе треба само да платат, без да измислуваат финти, затоа што делата за кои се обвинети побрзо ќе им застаруваат.

3 Впрочем, власта на СДСМ мандатот го почна со олеснувања за тие што ги кршат законите. Прво што се фатија е како да го легализираат непочитувањето на законот за забрана за пушење. Па елегантно го озаконија узурпирањето на јавниот простор на тротоарите со нелегалните тераси што се претворија во цврста градба. Со еден закон, легализираа две кршења на закон. Па после продолжија со продажбата на државно земјиште за џабалак, како што викаше Груевски кога купуваше плацеви на Водно, па со „мора да се гради“, со „не може да биде не, мора да биде да“, па со качување данок на плаќачите, а наградување на неплаќачите, па за некои бизниси со државни пари, а за други простени долгови и така…

На секоја критика одговараа: Ќе го вратите ВМРО. Синким умревме од желба да се врати ВМРО, сосе Никола Груевски и цела злосторничка дружина што СДСМ ја спаси од затвор. Оти, малку страдавме од нив.

Уште ме влечат по судови како сведок на процесите за прислушувањето на кое бев жртва, а тие што го открија прислушувањето не доаѓаат на рочишта. И сега, јас ќе сум го врател ВМРО.

А критиките им беа упатени баш за да се поправат, како предупредување, за да не се врати ВМРО. Ама не. Упорни, тие си тераа по свое. Оти најлесно им беше да кажат:  Сакате да го вратите ВМРО? И им викавме: Не! Излегува дека еве веќе седма година со ништо друго не се бавеа освен со враќање на ВМРО. Само што цело време бараа виновник за тоа. И на крај, видоа, не видоа, сами ќе си го вратат ВМРО.

Срамот е кај нив, не е кај нас.

4 Уште ми одѕвонува во ушите она Заевото: „Ова зло да не се повтори!“. И како круна на ова владеење дојде измената на Кривичниот законик со кои си ја легализираа неказнивоста. Како што викаше еден претседател на Антикорупциската комисија во 2016 кога го криеше имотот на Груевски: „Најљубезно ве замолувам да се затвори тоа прашање, за век и векови, амин!“.

Значи, не само што се укинати комунистичките членови на законот. Туку, божја волја е на функционерите да им се дозволи да крадат, никој ништо да не смее да ги прашува како ги трошат нашите пари и да не одат в затвор ако евентуално ги фатат во кражба. Амин.

5 На почетокот малку бев разочаран, ама си викав, ај има време, ќе биде подобро. Кога се случи скандалот со Специјалното обвинителство и пропаѓањето на тие судски случаи бев гневен. Сега сум веќе огорчен и згаден.

Ама, од некаде мора да се црпи оптимизам. Не се живее во апатија. Еве, нека биде охрабрувачко сознанието дека сите се провалени. ВМРО беше зло и не смогна сили ни да се извини за злото што ѝ го направи на државата. ДУИ си се ДУИ – банда која се позиционираше како зло без кое не се може, оти без нив ќе биде и полошо. А по последнава лажга на СДСМ дека европска вредност е да не се казнува криминалот за државни пари, мислам дека и најголемите апологети на власта веќе се мачат како да не признаат дека сите се стварно исти.

И доста веќе плачеме за Шарената револуција. Џабе била. Не е вистина. Шарената револуција си ја заврши работата. Се случи промена. Падна режимот. Вистинските шарени не жалат дека по цели ноќи дежураа кај камповите на средношколците што протестираа и со месеци маршираа по улици, често пати и на своја штета, оти не беше баш безопасно.

Но, вистинските шарени останаа да бидат критични кон новата власт често и на своја штета. И на вистинските шарени можеби им е жал дека власта не ги послуша да владее почесно и подобро, ама тоа не значи дека ќе ѝ простат.

Ова е наша држава, не е на политичарите. И треба да си ја вратиме. Другата опција е да се иселиме или да чмаеме. Е па, не сакам ни да се иселам, ама ни да чмаам.

Па ајде, баш таа згаденост од горкото сознание дека сите се исти нека биде охрабрување за нова битка.

АУДИО ПОДКАСТ

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира