ПОЕТСКА СЛОБОДА

Во Македонија останаа само неизлечивите случаи. Таканаречениот човечки фактор.

ПОЕТСКА СЛОБОДА

1 Во најновата престрелка меѓу високопрофилни членови на ДУИ на раскрсница во близина на партиското седиште во Мала Речица, најмистериозен детал од приказната е дека станува збор за престрелка меѓу две ривалски групи.

Во што биле ривали? Сигурно не се скарале за наредните чекори кон ЕУ и НАТО, оти тука владејачката партија е единствена. Може евентуално да се скарале за поезија, оти минатава недела се покажа дека поезијата е еден од клучните чинители на македонскиот политички живот. Навистина, убиениот во престрелката покажувал некакви поетски изблици, оти неколку дена пред да биде застрелан на Фејсбук напишал: „Сите се раѓаат машки, но не секој умира како маж“, ама па за поетски спор околу рима и метафора ли се вадат  калашникови? Поетиве од ДУИ одат на поетско читање спремни со калашникови во колите. Погрешна метафора, рима што не штима и – пропеа калашниковот. Умри машки на патот кон ЕУ и НАТО.

Иако, сѐ ми се чини дека ривалството било во натпревар по математика. Овие од владејачката партија решавале дропки и равенки со една непозната. И кога не им излегле на сите исти резултатите, решиле да се убедуваат со калашникови. Оти не биле задоволни колкав дел од целото ќе им припадне.

Од партијата соопштија дека тие не можат да бидат одговорни за нешто што се случило надвор од партиското седиште. А дали нивните членови во колите носат калашникови, пиштоли, или бомби, тоа е веќе поетска слобода.

Батали поезија, кажано во проза, во Мала Речица се случи пресметка во мафијашки стил меѓу членови на владејачката партија.

И сега навистина верувам дека полицајката сама се удрила од пајакот со кој сакала да му ја крене погрешно паркираната кола на Беќир Асани од ДУИ во скопски Чаир.

2 Партиското соопштение на ДУИ е отприлика во ист стил како и објаснувањето на Никола Груевски зошто неговиот телохранител од државен мобилен телефон се јавувал на 27 април лани кај брат му, кој во тоа време делел фантомки за напад на Собранието и уште е во бегство. Рече дека „како и секој друг кога ќе замине на пат во странство, имал краток телефонски разговор со сопругата и братот, семејни разговори…“

Не знам зошто би очекувале Груевски сега одеднаш да почне да ни ја почитува интелигенцијата кога му дозволивме да владее 11 години баш со објасненија во ваков стил. И секогаш кога беше густо, тој не беше тука. И секогаш некој друг беше крив.

3 Дај да ја баталиме прозата. И да се вратиме на поезијата што ја тресеше македонската политичка сцена изминатава недела. Со неколку ептен прозаични прашања.

Прво, зошто Агенција за спорт и млади издава книга со поезија? Второ, зошто книгата со поезија е испечатена во 5.000 примероци? Не верувам дека цел опус на Блаже Конески, кој меѓу другото навистина пишувал поезија, е испечатен во 5.000 примероци. И трето, зошто продолжува старата практика за трошење државни пари без усул?

Новата власт вика дека оваа практика е наследена. Па што ако е наследена? Зошто не ја сменат? Нели се на власт? Нели се бореа против старите процедури што поттикнуваат корумпирани практики?

Исто како што се бореа против деталните урбанистички планови со кои се узурпираат јавните површини, а сега кога се градоначалници викаат дека им се наследени и не можат да се сменат. Исто како што Министерството за образование ќе легализира работно место на масер во министерството, оти како лепач на плакати бил примен од ВМРО-ДПМНЕ за да зема државна плата, па сега СДСМ му ја легализира државната работа за да не го брка од работа.

И сега, овие новиве што се бореа за промени,наместо да ги сменат процедурите што овозможуваат конфликт на интереси и цицање државни пари по сите основи, само на „вашите“ ги додадоа и „нашите“. И наместо да се фатат за работа за вистински промени, сега ќе ловат вештерки и ќе морализираат.

Како во случајот со поезијата на Агенцијата за млади и спорт. Дали била лична, или недолична. Дали било пристојно да се напише корнишон или краставица.  И тука муабетот се сведува на истото за кое вмровците му ставија гаќи на Прометеј. Што нема врска ни со поезија ни со уметност. Туку со безочно трошење државни пари без одговорност. И за корумпирана пракса која што никој нема намера да ја промени.

4 Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски распали со идеи како Максим по дивизија. Ќе прави споменик на американската компанија „Келог, Брајан и Рут“ со која што кумановци одат на печалба во Ирак и Авганистан.

На кумановци им течат гомната низ Кумановка и Липковка, УНДП со години им го чисти шутот од коритото, не може да го дочисти за да ги спаси од поплави, ама важно споменик ќе има. И тоа не само на американската фирма. Туку на сите пријатели на Куманово. Како што викаа за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, важно се гради.

Ако тргнеме да им дигаме споменици на сите што им помогнале на нашите граѓани да заработуваат во странство, тогаш најголем споменик треба да му направиме на бугарскиот пасош. Оти ни ги отвори работните места во ЕУ, за таму да плаќаме даноци.

Кога сме веќе кај пријателите, не само Куманово, туку секој град во Македонија ќе треба да изгради споменик на Незнајниот странски даночен обврзник. Да им се заблагодариме на сите оние незнајни даночни обврзници на Америка, Германија, Холандија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Велика Британија, Јапонија, Турција… кои во изминатите 27 години од уста одвојувале и потрошија милијарди евра, долари, круни, јени, лири… за да ни прават канализации, да ни го собираат ѓубрето, да ни регулираат реки, да ни купуваат болничка опрема и пожарни коли, да ни реновираат училишта, да ни  ги заштитуваат фреските, иконите, црквите и џамиите, да ни ги чистат езерата, да ни ги средуваат националните паркови…

Пробаа, додуша, и судството да ни го средат. Ама не им успеа. Ги нема тие пари на светот што можат да го оправат македонското судство.

5 Во оваа земја не се градат само споменици на фирми што ги иселуваат граѓаните од Куманово. Во оваа земја се крадат и семафори на обиколницата околу Битола.

Тоа се два краја на истиот апсурд. Апсурдот се вика Македонија. Ерга омнес.

Во оваа земја ротвајлерот што искаса девет луѓе, ќе го пратат на рехабилитација во Италија. А пред тоа, мајмунот Коко што страдаше од депресија во скопската зоолошка градина замина на лечење во Холандија.

Во Македонија останаа само неизлечивите случаи. Таканаречениот човечки фактор.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира