ПРЕМИЕРОТ И БИЗНИСМЕНОТ

СДСМ на денот е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

ПРЕМИЕРОТ И БИЗНИСМЕНОТ

1 Сакам да ме префати ентузијазмот на премиерот Зоран Заев. Сакам да се заразам и од неговиот оптимизам. Ама некако, уште сум во грч. Особено што и самиот Заев пред некој ден, во интервју за БИРН, зборувајќи за неговите кадри со кои треба да ги направи реформите рече: „Има дел кои знаат и се трудат. Има дел кои ниту знаат, ниту се трудат“.

Ме интересира за делот – ниту знаат, ниту се трудат. Ако не знаат, како се нашле  на тоа место? Ако не се трудат, зошто се уште таму?

Па, Заев е бизнисмен со свои компании. Колку време би толерирал во својата приватна фирма некој што ниту знае, ниту се труди? Настрана што не верувам дека и би вработил такви луѓе.

Најавува дека на десетте месеци од формирањето на Владата, некаде напролет, ќе прави реконструкција и ќе менува министри и некои директори што не се покажале. Зошто за десет месеци? Зошто напролет? Зошто не сега? Или зошто не во моментот кога сфатил дека не ги бива? Во приватна фирма би чекал ли да помине снегот за да ги смени со подобри кадри? Им дава шанса да научат? Или да почнат да се трудат? Да останат уште два месеца на условна корекција со плата од нашите пари. Па после кога ќе дојдат нови, и ним ќе им дадеме уште два-три месеци додека да се прилагодат.

Не знам дали на владејачкава коалиција ѝ е јасно дека ние имаме очекувања од Владата. И тие се прилично големи. Веројатно на Заев му е јасно. Ама на тие што самиот си ги избрал, а ниту знаат, ниту се трудат, баш им е гајле дека ние имаме очекувања од нив. Со такви очекувања и се боревме против режимот. Помина времето да се радуваме дека режимот паднал. Дури и појавувањата на Груевски во суд станаа вообичаени. Помина времето на радост дека дошол живот. Сега сакаме да се радуваме на квалитетен живот. Сакаме да се радуваме на промена на системот. А не само на замена на луѓето.

2 И повторно да се вратиме на бизнисменот Заев, наспроти политичарот Заев. Политичарот Зоран Заев уште во ноември лани изјави дека двајца функционери се под истрага за корупција. И за нив ли ќе чекаме да запролети за да ги смени?  Дали бизнисменот Заев би толерирал во својата фирма двајца директори, за кои има истрага за корупција, да му работат со месеци? Па макар понатаму истрагата да докаже дека биле неоправдано осомничени.

Или, да го земеме за пример Законот за инвестиции како основа на економската политика на Владата. Зошто законот уште не е испратен во Собрание? Дали бизнисменот Заев би можел да направи сериозен бизнис план за развојот на својата фирма кога не е сигурен дали ќе ги добие субвенциите кои му ги ветил премиерот Заев? Компаниите ги предаваат завршните сметки за 2017 година, а законот кој ја условува државната помош со завршните сметки уште не е стасан во Собрание. Со темпото на работа на овој пратенички состав, којзнае дали и во 2019 ќе дојде живот.

И  случајот со затајувањето данок на Ивонче Миљонче ме потсети  дека новата директорка на УЈП Сања Лукаревска уште во август лани изјави дека двајца раководители во институцијата им помагале на триесетина фирми да не плаќаат даноци, со тоа што со години не ги контролирале. Биле ли  меѓу нив и фирмите на Ивона? До каде е таа работа? Тие двајцата уште ли се на условен поправен период на работните места? И тие ли ја чекаат пролетта?

Скраја да е, не сакам некој да ме сфати дека си го барам Груевски назад, ама не можам да се сетам дека во негово време можело да се случи нешто што ќе се донесе како одлука на Влада, да чека на реализација со месеци. Не сакам да се врати времето кога работите се решаваа по телефон со наредби пред камери, како што правеше Груевски, оти чувме дека тој по телефон и други работи нарачуваше. Не сакам да се врати и времето на тефтерчињата на ВМРО-ДПМНЕ, ама па ова сдсмовците ни тефтерчиња немаат, туку по салфетки си запишуваат, па после ги губат по џебови во зависност од тоа кој на кого сака да му го смести.

Кога самиот премиер Заев јавно ќе се пожали дека „еден дел од капиталните инвестиции со години не може да се реализираат поради трапавоста и тромоста на администрацијата“, се прашувам што ли сработија за Македонија денеска, во петок, сите оние административци напикани по канцеларии, со никакви шанси да бидат избркани од работа. За себе сигурно сработеле. Македонија може да почека до пролет.

Разочаран сум и не можам веќе да наоѓам оправдание од фактот дека повеќето  функционери од партијата на власт не гледаат предизвик да направат вистинска квалитетна промена на подобро. Додека се бореа да дојдат на власт, тие точно знаеја што не чини. Ама сега, кога се во позиција навистина да го сменат тоа што не чини, се откажаа.

Не станува збор дали имаат капацитет. Ме плаши дека немаат волја за промена.

3 Заев најави можно зголемување на возраста за пензионирање и на придонесите за вработени, затоа што секоја година државата ја покрива дупката во ПИОМ со речиси 500 милиони евра. Ние пак, наивно уште чекаме бројчаникот на Триумфалната порта да почне да врти. Нели, секој ден ќе ги враќаа парите од сметките во Белизе.

Ништо. Ќе мора ние сами да ги враќаме нашите пари што ни ги украдоа, за да имаме од што да живееме во пензија.

А од каде ќе ги враќаме, кога во меѓувреме уште се полни администрацијата за која премиерот вели дека е трапава и трома? Уште едни избори и нема да има невработени. Сите ќе бидат на државна плата. Само што, нема да има кој да ги храни ни до пензија.

4 СДСМ на денот е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Кој најде утеха за сите што се разочарани од власта. На дебата со новинари во Телевизијата 24 Вести рече дека за девет месеци Владата на Заев реализирала 42 отсто од реформите 3-6-9. Толку оптимистичка пресметка дури ни Заев не би си дозволил да даде. Што ти е машински инженер. Како ги пресмета тие 2 отсто?

Да прекинеше ВМРО-ДПМНЕ да ја опструира работата на Собранието, можеби реформите ќе стасаа и до 50 проценти. Мицкоски прецизно пресметал колку власта направила. Ама не пресметал во колку проценти на ВМРО-ДПМНЕ му е важно да не биде дел од реформите.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира