СИСТЕМ ПУСУЛЧЕ

Како е можно пратениците од парламентарното мнозинство да си заминат на одмор и баш да им е гајле што 40.000 луѓе останаа без лични карти?

СИСТЕМ ПУСУЛЧЕ

1 Децата изгубија цела школска година поради пандемијата. Не се речиси 6.000 починати само од ковид-19. Туку и илјадници луѓе без ковид страдаа, а некои и умреа затоа што не можеа да добијат навремено лекување оти болниците беа зафатени со ковид пациенти. Ама, тоа ни оддалеку не е драматично трагично колку неможноста да се оди во кафеана или во кладилница.

Во други земји властите смислуваат лотарии и наградни игри за да ги мотивираат луѓето да се вакцинираат, доделуваат ваучери и нудат пари и на вакцинираните и на тие што вакцинираат, ја условуваат државната помош на приватните фирми согласно бројот на вакцинирани работници… А  кај нас, соодветно на навиките и способноста на државата да спроведува закони, најдобро профункционира мерката нема вакцина – нема кафеана. Нема вакцина – нема трговски центар. Нема вакцина – нема кладилница. Тоа се најстрашните три работи што можат да ти се случат за време на пандемија во Македонија. И затоа, луѓето побрзаа да се вакцинираат. Да не им се случи најстрашното. Прво на боцкање во „Букурешт“ и правец „Сити мол“, да не се пропуштат попустите на крајот на летната сезона.

Мерките си се таман. Всушност, мерките се прилагодени на општественото опкружување и политиките на Владата на премиерот Зоран Заев во кои кафеаната и кафеанџиите имаат приоритет.

Првиот реформски закон на оваа Влада во 2017 беше за легализација на узурпацијата на тротоарите со најлонските тераси за пушачи. Зошто? За да може да не се спроведува законот за забрана на пушењето. Затоа што, кафеанџиите се бунеа дека со почитување на законот им паѓа прометот.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, на почетокот на мандатот прво забрани со коли да се оди на Водно, ама брзо ја повлече забраната. Зошто? Затоа што му се побунија кафеанџиите дека им трпи бизнисот.

Покојниот градоначалник на Охрид Јован Стојаноски најави дека ќе им наплаќа повеќе на охридските кафеанџии за поставување маси и столици на тротоарите и кејот. Оти, нели – град на УНЕСКО и треба повеќе да се плати за користење на јавните површини. Арно ама, кафеанџиите се побунија дека ќе немаат доволна заработка и – градоначалникот се откажа. И не само што се откажа, туку итно испрати екипи за проценка на штетите кога во 2018 брановите им ги беа урнале дивите платформи на охридските кафеанџии, а тие, за греота не биле осигурени, оти дивоградби никој не осигурува.

Затоа и не ме чуди дека по најновите ковид мерки, Независната комора на угостителите му се закани на Заев и Владата „да не ја забораваат и потценуваат моќта и големината на угостителите и угостителската индустрија“ и дека идат локални избори.

Е па, фино ѝ прават на Владата. Кога ги направи кафеанџиите најважен фактор, сега нека си се справува СДСМ со заканите дека нема да ги гласаат.

2 „Јас сум вакциниран, ама…“ Е ама, де. Што, ама?

Како и секогаш, пак се појавија тие што, како да не се од тука, па од висина, демек, тие се над ситуацијата, ќе солат памет: „Не е во ред оваа поделба меѓу вакцинирани и невакцинирани“.

Е да, де. Не е во ред да се двојат луѓето. Ама не е во ред ни да умираат луѓе од ковид, кога веќе има слободно достапни и бесплатни вакцини. А  уште помалку е во ред да умираат луѓе и од нековид оти пак нема да има места во болниците, ниту пак ќе има термини за прегледи за другите болни. А во ред ли е утре да не смее ни заб да те заболи? Во ред ли е ако утре, не дај боже, ти пукне слепо црево или скршиш рака, да нема кој да те згрижи оти лекарите ќе бидат зафатени со ковид пациенти? Во ред ли е две години да не можеш да одиш на контрола и на крај да умреш од рак во напредна фаза, оти тие што требало да ти го откријат биле зафатени со ковид пациенти?

На крајот на краиштата, во ред ли е после година и пол помината во пандемија и по речиси 6.000 починати само од ковид-19, уште да дебатираме дали да се носат маски и дали да се вакцинираме?

Лесно е да се обвини „системот“ дека е растурен и дека не го бива. Како „системот“ да е нешто што не сме ние. Но, уште полесно е зад растурениот систем да се крие личната неодговорност.

3 Во тој систем уште не се евидентирани ни тие над 30.000 македонски граѓанки и граѓани, кои кога државата немаше вакцини се вакцинираа во Србија. Ама ај, тие имале среќа, па секако се евидентирани во некаков систем. Туку, што правиме со 40.000 луѓе што не се евидентирани со лични карти? Со ливчиња се шетаат по банки. Систем – пусулче.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека „не фалат обрасци за лични карти, системот е добар, само треба да се изгласа Законот за лични карти“.

Па, што не го изгласате законот? Кој има мнозинство во Собранието? Двајца опозициони пратеници од Левица што поднесоа 1.500 амандмани, или СДСМ и ДУИ? И како е можно, пратениците од парламентарното мнозинство да си заминат на одмор и баш да им е гајле што 40.000 луѓе останаа без лични карти?

По кој закон престанал да важи стариот закон и МВР престана да издава лични карти со старите обрасци? Што ќе се случеше ако и овие 40.000 луѓе добиеја лични карти со Република Македонија наместо со уставното име Република Северна Македонија, како што велат роковите од Преспанскиот договор? Власта, кај покажа дека нема поим од планирање, туку уште претерува со таа поданичка свест, по секоја цена прво да им угодува на странците, додека домашните си ги носат пусулчињата в џеб за да докажат во банка дека се сликале во МВР.

Па што ако задоцниме со впишувањето на уставното име на државата во личните карти? Мицотакис ќе ги остави пожарите во Атина и ќе побара да нè избркаат од НАТО?  Нема да дојдат најавените бегалци од Авганистан? Па нека почекаат малку и странците. Ние како чекаме? Те избори во Франција, те избори во Бугарија, те смена на методологија, те јунски самит на ЕУ, те октомвриска конференција за Западен Балкан, те декемвриски Самит на ЕУ…Ќе ги смениме личните карти кога ќе има политичка волја да се состане Собранието. Ако можеме да чекаме да се состане бугарското собрание, зошто тогаш да не го чекаме македонското.

4 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека е неприфатливо Македонија која е сиромашна да прими повеќе авганистански бегалци од богатите земји.

Не правиме муабет за сиромашни и богати. Правиме муабет за луѓе и нелуѓе. И не знам зошто Мицкоски воопшто влегува во тој муабет, освен ако не сака да задржи континуитет на својата политика цело време да биде антипротивен. Па, ако Заев речеше дека нема да примаме бегалци, тој веројатно ќе бараше да примаме.

Мицкоски ги повикува богатите да примат повеќе бегалци од нас, по само една недела откако тој носеше вода во Малешевијата додека истите тие богати ги гасеа нашите пожари. Го отвара муабетот за солидарност во зависност од богатството во Скопје, кој со гордост го носи името „град на солидарноста“ по помошта што од цел свет пристигнуваше по земјотресот во 1963 година. Им попува на богатите што 30 години истурија милијарди евра и долари да ни ја чистат земјата, да ни го средуваат школството, судството, да ни градат водоводи и канализации, да ни купуваат амбулантни коли и противпожарни камиони, да ни ги реновираат црквите и џамиите и да ни ги реставрираат археолошките наоѓалишта. Донациите на богатите ги учеа и политичките партии на демократија. Колку странски пари од богатите се вложени во обуките за ВМРО-ДПМНЕ да стане модерна конзервативна партија?

Го отвара Мицкоски муабетот за солидарност во земја која го негува споменот на децата бегалци од граѓанската војна во Грција во 1948. А бегалците по загушената револуција во Унгарија 1956? А бегалците од Босна и Херцеговина во 1992? А бегалците од Косово 1999?

Крајно, богатата Америка побарала од сиромашната Македонија да ѝ помогне, привремено да вдоми бегалци од Авганистан кои работеле за американската администрација и сојузниците. И ќе плати за тоа. А што ѝ вика на Америка лидерот на опозицијата? Носете си ги вашите Авганистанци кај богатите.

Па, Заев е среќен човек. Му се погоди да владее со лидер на опозиција како Мицкоски.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира