СНЕГОТ И АЈВАРОТ

Уметноста не го загрозува соживотот. Цензурата го загрозува животот.

СНЕГОТ И АЈВАРОТ

1 Цел свет дојде да нѐ моли: Дојдете со нас, ајде да ве земеме и вие да бидете дел од светот.  Што уште сакате? Пари ви фалат? Еве, и пари ќе ви дадеме. Само излезете и гласајте на референдумот за промената на името во Северна Македонија. Само тоа ќе ви овозможи побезбедна и побогата иднина во ЕУ и НАТО. Заедно со развиениот свет.

Македонскиот народ е пред најголемата историска одлука по прогласувањето на независноста на 8 септември 1991 година. Но, многумина решиле да се откажат од учество во историјата. Некои гледајќи телевизија и навивајќи да нема излезност. А други лупејќи пиперки за ајвар, оти ионака „веќе сѐ е решено и ништо не зависи од нас“. Типично македонски.

Македонските партизани во Втората светска војна биле на страната на прогресивниот свет и за прв пат во историјата успеале да се изборат за македонска држава. И ај, на 29 ноември 1943 македонската делегација не стигнала на заседанието на АВНОЈ во Јајце, оти врнело снег. Ама на 30 септември 2018 година што ќе нѐ спречи да излеземе за да си ја зацврстиме државноста што ни ја обезбедиле предците? Во 1943 година, снегот бил проблем. Сега – ајварот. И евентуално грчките плажи – ако се погоди времето за бањање.

2 И еве, да речеме дека референдумот на толку напор што е вложен од сите страни, од Америка, од Германија, од Велика Британија, од сите земји на ЕУ, па дури и од Грција, а богами и од Русија – ќе помине. И вгодина со себап, ќе почнеме преговори за ЕУ. Па, кај и да ѐ, за едно година и пол и во НАТО ќе влеземе. Ама, што по референдумот?

Си кажа премиерот Зоран Заев пред неколку дена, на средба со бизнисмените. Камшик. Како рече?: „Ќе треба ние политичарите да се потсредиме, да се построиме, ЕУ и НАТО значат камшикар, кој пополека ќе нѐ среди по европски правила, да си влеземе во кал’пчето…“

Значи, ние сега со референдумот си купуваме камшик. Оти премиерот не смее да камшикува. Оти изгледа дека во овие драматични моменти покомотно му е да гази по патеките што му ги истапка ВМРО-ДПМНЕ. Фирмички регистрирани од пред два дена, братучетчиња, комшичиња од Струмица, донатори за партијата на кои треба да им се врати… Плус, едно чудо луѓе на кои им дал доверба, ама како од времето на СДСМ што си го знаеме. Ем мрзеливи, ем импровизатори, ем мајстори за сплеткарење. Секогаш со оправдание за нивната неработа или неуспех. Овој пат – само референдумот да помине.

Е па, ај нека помине. Само што, прашањето не ми е дали по 30 септември Заев ќе го фати камшикот в раце. Туку дали и за него треба камшик.

3 А што правиме по референдумот со цензурата што сака да ни ја воведе министерот за култура Асаф Адеми? А премиерот Зоран Заев тоа спремно би го прифатил и во закон.

Прво, министерот за култура Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија ни кажаа дека не го гледале филмот „Ругање со Исус“, но го осудуваат како навреда за чувствата на граѓаните и загрозување на соживотот. Министерот и директорот го гледале само трејлерот и заклучиле дека Албанците ќе се навредат.

Потоа, министерот најави дека со измените на Законот за култура што се подготвуваат, државата ќе одлучува кои теми се подобни, кој уметник е подобен и кое дело е подобно за да биде финансирано со државни пари.

Кој ќе прогласува подобни теми, уметници и дела? Државни комисии. Кој го бара тоа? Министерот за култура загрижен за соживотот, а пред Министерството на културен настан финансиран од државни пари се сликаше само со знамето на туѓа држава – албанското. Знамето на неговата држава, македонското – го немаше.

Да потсетам. Со најавените измени на Законот за култура се крши Уставот. Во членот 16 на Уставот стои дека цензурата е забранета. Во време на претходниот министер Роберт Алаѓозовски уметниците се изедоа меѓу себе за тоа кој колку пари зел на државните конкурси. А за овој министер што наумил да им ги цензурира делата, уметничките здруженија си молчат. МАНУ не го ни споменувам. На нив им треба временска дистанца за да им текне.

Денес за подобноста на темите ќе се криеш зад соживот, утре зад претпоставен јавен интерес. Денес е филм, утре ќе биде книга. Или слика. Денес не им се допаѓа на Албанците, утре нема да им се допаѓа на Македонците. Денес ќе бидат навредени жените, утре мажите. Денес ќе се штитат сопственици на кучиња, утре тие што се плашат од кучиња. Денес згрозени од скулптура без гаќи, утре згрозени од слика со крст или полумесечина… Сетики, стално ќе се најде некоја заедница што ќе се почувствува навредена од некое уметничко дело.

Што е за право, не е дека во Македонија нема уметници што би се согласиле да прифатат да ги оценуваат како подобни. Како што прифатија да му облечат гаќи на Прометеј.

Не е соживот да премолчуваш. Политичарите водат политика и некогаш мораат и да премолчат. Ама, уметникот не смее да молчи. Дури и кога политичарот сака да го замолчи.

На крајот на краиштата, ако еден филм може да го загрози соживотот, тогаш ние и немаме соживот.

Уметноста не го загрозува соживотот. Цензурата го загрозува животот.

4 Во годината кога во историскиот договор со Грција се признава македонскиот јазик, на сите универзитети во Македонија за студирање македонски јазик и македонска книжевност се пријавиле само 31 матурант.

Здраво, хаштаг бојкотирам. И со здравје.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира