СУДСКИ ГЛАМУР

На американската амбасадорка најинтересно ќе ѝ биде да следи како корумпираните институции ќе го гонат оној што ги корумпирал.

СУДСКИ ГЛАМУР

1 Американците си го решија својот проблем со Орце Камчев. Го ставија на црна листа, му замрзнаа имоти и сметки кај нив, им забранија на американски компании да работат со него, а нему и влез во САД, и за нив тој е завршена приказна. И ни викаат – и вие имате проблем со Орце Камчев. Решете си го.

Наивно е да се верува дека црната американска листа ќе го реши и нашиот проблем. На тој список на непожелни во САД се  Мендух Тачи, Никола Груевски, Сашо Мијалков, Рамис Мерко. Непожелни во САД – и тоа како пожелни тука. Американците мислат дека тоа што некој е бележан како криминалц кај нив, во Македонија би се засрамил. Кој да се засрами? Кај нас срам немаат обвинителите и судиите кои им ги маткаат постапките со години и ги ослободуваат, од срам се оперирани политичките фигури од власта и опозицијата што менуваа и закони за на овие „бележаниве“ да им врви бизнисот, а не пак обвинетите на кои според делата што ги сториле по закон им се заканува затвор.

„Злоупотребата на законот, позицијата, перењето пари, подмитувања и други прекршоци во кои учествувал Орце Камчев, не само што ја еродираат довербата на јавноста во судскиот систем на Северна Македонија, туку и претставува значајно предавство на граѓаните на оваа земја“, рече американската амбасадорка Анџела Агелер.

Ама, таа рече и дека тие нема да дојдат кај нас да апсат и да почнат правни процеси против нив, но „интересно ќе биде да се види какви дејствија ќе бидат преземени по означувањата“.

Оти нели, доказите се тука, не се во Вашингтон.

А кој ќе ги преземе „тие дејствија“? Судиите и обвинителите што ги поставуваа Груевски и Мијалков со партиските тефтерчиња? Истите тие со кои после Камчев се нагодуваше да го ослободат. Од алчност што не можеа да се сопрат, прво ги хранеше, па после им ги теснеше желудниците во неговата болница. Зарем амбасадорката навистина верува дека тука ваквите државни институции ќе почнат да си ја вршат својата работа?

На американската амбасадорка може ќе ѝ биде интересно како државата ќе се справи со бележаниот Орце Камчев. За нас, не сум баш сигурен. Освен што, можеби за забава ќе гледаме сеир како поткупената држава ќе се справи со тој што ја поткупил. Како корумпираните институции ќе го гонат оној што ги корумпирал.

2 Како ќе се справат институциите? Еве како ќе се справат. Прво, со начинот како е избран еден член на Судскиот совет. Како единствен кандидат од Врховниот суд само со шест гласа, од кои еден е неговиот. И со тоа што прва одлука ќе треба да му биде да го избере син му за судија кога ќе заврши со школувањето во Академијата за судии и обвинители.

Да му дадеме шанса и на синот. Тој барем за да влезе на Академијата за судии морал да помине построги критериуми отколку татко му да стане член на Судскиот совет. И претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски, пред неколку месеци по изборот на обвинителот за организиран криминал и корупција Ислам Абази кој беше сликан со Али Ахмети, изјави дека „треба да му се даде шанса“.

Зошто не се донесе закон со кој ќе се легализираат приватни судско-обвинителски фирми? Да си избираш кој суд сакаш да те суди. Со ценовник, со список на услуги, со имиња на експерти, најтранспарентно, сè по закон, ако треба и со европско знаменце да помине набрзина во Собрание. Па државата да им дава и субвенции на тие што се ептен стручни обвинители и судии, оти таква експертиза не може да ти понуди државното правосудство. Нешто слично како кога бираш лекар по приватниве болници. Наместо да плаќаш мито на лекарот во државна болница, ќе си платиш по ценовник во приватна, а ако ептен го бива, државата ќе му ги даде твоите пари преку субвенции на газдата на болницата.

Кога тие судско-обвинителски фирми ќе бидат на слободниот пазар на криминалот, ќе може да им се мери и рејтингот. Предизвик ќе им биде да се натпреваруваат меѓусебно. Криминалците од џет-сетот ќе си се фалат: Знаеш кого сум ангажирал да ме обвини и да ме суди? Значи, топ се! И скапи се, ама квалитетни. Имаат многу работа со мене, не знам дали ќе можат да те процесуираат и тебе, ама ако сакаш ќе те препорачам.

За сликата да биде целосна и да не се затемни сјајот од гламурозните животи на македонскиот општествен крем, во земја во која се романтизира криминалот и криминалците, нема да изостанат и гламурозните приказни од рочиштата што ќе ги објавуваат медиумите. А бе, престиж ќе биде да се покаже кој криминалец која судско-обвинителска фирма ја ангажирал. Зарем на оваа бизнис и политичка елита  ѝ личи кој било обвинител да ја обвинува и кој било судија да ја суди?

Најпочитувани ќе бидат судско-обвинителските фирми кои на криминалците ќе им обезбедат такви обвиненија за кои на судот ќе му биде лесно да ги отфрли. Соодветно на тоа и најплатени. Ем чесно, ем поштено, ем сѐ по закон.

3 Во меѓувреме, битката против криминалот и корупцијата треба да почека да се смират Обвинителството и Антикорупциската комисија. Обвинителството соопшти дека ги замрзнува односите со Антикорупциската комисија оти прекршиле неколку членови на меморандумот за соработка.

Две државни институции од иста област, платени од парите на истите даночни обврзници, во иста држава прекинуваат соработка. А пред извесно време потпишаа меморандум за соработа. Божем, без меморандум не можеле да соработуваат.

Меѓутоа, подготовките за борба со организираниот криминал и корупција продолжуваат и покрај замрзнатиот меморандум. Јавниот обвинител Љубомир Јовевски имаше интензивна дипломатска активност во земјава. Со директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов разговарале за „потесна соработка и координација на дејствијата меѓу Обвинителството и Финансиската полиција во насока на обезбедување ефикасен кривичен прогон“. А ден претходно, со МВР договорил „интензивирање на соработката и забрзување на постапувањето во предметите“.

И после, се бунеле холандскиот амбасадор и американската амбасадорка дека немало очекувани резултати согласно влогот на холандските и американските даночни обврзници во македонското правосудство. Еве ги, работат луѓето, остваруваат средби, договараат нешто што не може да се замисли – обвинителство да соработува со полиција.

Ова се само прелиминарни разговори. Нешто на ниво на скрининг пред почеток на вистинско преговарање за договор. Па кога ќе потпишат меморандум за соработка, е дури тогаш ѝ се гледа крајот на корупцијата и криминалот.

Само ме загрижува каква е правната постапка ако се повтори случајот со Антикорупциска комисија, па МВР или Финансиска полиција прекршат некој член од Меморандумот за соработка со Обвинителството. Кој ќе го решава спорот? Арбитражниот суд во Париз?

4 Високиот државен функционер поставен од ДУИ, Исмет Гури, беше уапсен под сомнение дека како заменик-директор на УЈП направил злосторничко здружение со шема за фиктивен поврат на ДДВ. Неколку дена претходно, во повторено судење, оти претходно Апелација го врати процесот на почеток, истиот Гури беше неправосилно осуден на три и пол години затвор за изборни измами и уништување на изборен материјал.

Исмет Гури е еден од групата на „огнените“ што дејствуваше како фракција во партијата, а деновиве беше објавено дека ќе стане политичка партија.

Не дека Гури е жртва на политички прогон. Тој си бил осуден првпат уште во 2020 година. Ама на партијата тоа не ѝ пречеше да го држи на висока позиција во УЈП. Во УЈП! Не во некоја агенција со претенциозно име измислена само за да зема плата. Значи – во УЈП! Кај што се собираат парите на граѓаните и на стопанството.

Значи, неговиот кабает не е затоа што фалсификувал изборни резултати и крадел од даночните обврзници, туку затоа што го загрозил единството во партијата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира