1 „Ниту еден криминал не смее да остане неказнет“, изјави министерката за правда Рената Дескоска и веднаш внесе оптимизам во нашите животи. Оти, со оваа изјава цврсто нѐ убеди дека ниту еден криминалец нема да остане неказнет. Освен тие што ќе останат неказнети. И освен тие чиишто дела нема да застарат. И тие на кои нема да им се преквалификува кривичното дело. И тие за кои СЈО не покренало истрага во рок од 18 месеци. И тие што нема да бидат амнестирани. И тие што нема да бидат аболицирани. И тие што не избегале. И освен Ѓоко Поповски од МВР што го набавувал мерцедесот по нарачка на Груевски.
Бидете спокојни. Сега и Врховниот суд речиси едногласно пресуди дека СЈО веќе нема право да води нови истраги, па малку ќе земеме здив од беспоштедната битка што власта ја поведе против високопрофилните криминалци. Конечно, и тие ќе почувствуваат што е живот за сите.
Па и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски нема да се грижи ако случајно му текне на СЈО да покрене обвинение и за него. Оти, го чувме во бомбите како изнесува докази и му ги дава на Миле Јанакиески. Што убаво. Претседателот на Врховниот суд самиот одлучил повеќе да не може да биде гонет. А останатите 16 врховни судии одлучиле дека не смее да се гони криминал за кој има обезбедено докази. За секој случај. Ептен правично. А богами и врховно поимање на правната држава.
2 Што е за право, таков е законот. Ама, што е за право, законот може да се смени. Во Собрание. Оти и законот со кој беше формирано СЈО беше донесен со политичка одлука. Во Собрание.
Нели Заев се пофали дека има двотретинско мнозинство? Нели цела влада е посветена на борбата против криминалот? Нели и новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски се оградува од криминалите на луѓето на Груевски за кои ги гони СЈО? Тогаш, зошто постоечкото реформско двотретинско мнозинство не изгласа закон со кој ќе му овозможи на СЈО да си ја заврши работата? Кога веќе ги собрало доказите за криминал.
Нели СЈО беше формирано токму за да ги истражи криминалите што произлегоа од бомбите? Нели се измисли Катица Јанева за да ги истражува бомбите затоа што Марко Зврлески не сакаше и не смееше да ги истражува? Нели бомбите кои ги објавуваше Заев беа причина за најголемата политичка криза во независна Македонија по војната во 2001? Сто Пржински преговори и договори се направија, осум месеци шетавме по улици, колку канти боја се потрошија за боење на Скопје 2014, колку дипломати од Америка до Европа се изредија да ја решаваат кризата, два пати избори се одложуваа, вратите на обвинителите им се затвараа, документи им се криеја, колку време токму Врховниот суд ја блокираше работата на СЈО со тоа што се обидуваше да не ги прифаќа бомбите како докази… Па и самата Катица Јанева бараше изземање на Јово Вангеловски баш затоа што го има во бомбите.
Причините поради кои беше формирано СЈО уште важат. Не сме виделе нови судии во Врховниот суд. Не сме виделе ни нови лица во Јавното обвинителство.
Заев се фалеше дека урнал режим со пенкало. Сега со пенкало ќе го урне и СЈО. А што е за право, да не беше СЈО тешко дека ќе паднеше и режимот на Груевски.
И така, кругот се затвори. Името го сменивме. Принципот за неказнување криминал не го сменивме.
3 Кога веќе се зборува за криминал, треба многу да се внимава да не се споменува ДУИ. Оти вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи е многу чувствителен ако името на неговата партија се поврзува со криминал. И веднаш се заканува со тужба.
Не знам зошто изненадување од заканите со тужба. Па лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери – каменот од блиску доаѓа – го тужеа ексразузнавачот Слободан Богоевски затоа што во сведочење пред Њујоршки суд, во случај во кој американската држава го тужеше Дојче телеком за поткуп на високи функционери, рекол дека поткупот го примиле баш тие двајцата.
А и СЈО има покренато истраги и за Бујар Османи и за Али Ахмети. Па на Заев му одговара Врховниот суд да биде кабает за врзувањето на рацете на СЈО. Оти во Собранието му виси двотретинското мнозинство да ги спроведе реформите со кои токму чувствителниот Бујар Османи ќе ни направи европска интеграција.
Затоа, не споменувај го залудно светото име ДУИ. Или, ако веќе баш мора да го споменеш тоа име, изговори го на албански. Почитувај го законот. Оти за нив други закони не важат.
4 Не биле украдени 19 милиони евра од придонесите за пензии додека директори на Пензискиот фонд биле кадри на ДУИ. Туку, тоа била системска грешка. Така велат од ДУИ и ја обвинија министерката за труд и социјала Мила Царовска дека „не внимава на начинот на презентација“.
Како не биле украдени? Нели тие 19 милиони евра требало да завршат на приватните сметки на 12.000 пензиски осигуреници? Не завршиле на нивна сметка. Парите се потрошени. Дали по желба на Груевски да прави кампањи, дали со знаење и умешност на Ставрески, тие 19 милиони евра сега ги нема. Треба да се најдат 19 милиони евра? Треба. Треба сега сите да плаќаме за тоа што Груевски си купувал гласови од пензионерите, а директорите на ДУИ му помагале? Треба. Па како тогаш не сме ограбени?
5 Излезе најлошото од ДУИ. Ама излезе и најлошото од СДСМ. Јавно си ја испизмија најуспешната министерка. Зошто? За едно директорско место во градинка.
Министерката Мила Царовска му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски затоа што не распишувал оглас за директор на градинка. Прво градоначалникот ја нападна министерката дека му се меша во работата. А потоа еден општински советник близок до градоначалникот, на седница ја праша директорката на градинката дали е вистина дека за 500 евра изнајмиле дрон од сопругот на министерката.
Кога Заев на времето викаше „Ќе јадеме живи деца“ веројатно го имал на ум капацитетот на сплеткарење во неговата партија. Клановите на СДСМ скапо ќа ја чинат Македонија.
6 Како весела оддишка доаѓа изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ: „Јас сум подготвен да бидам премиер на Република Македонија. Јас сум подготвен да бидам претседател на Владата на Македонија“.
Не е сѐ така црно во Македонија. Има и комични моменти.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST