СВЕТИОТ ГРАЛ

Да отвориме смс броеви за донации за откуп на киднапираното лице. Драган Тевдовски нека издаде евро обврзница. Скап е Груевски. Ем почесен. Ем пречесен.

СВЕТИОТ ГРАЛ

1 Сте го гледале ли „Монти Пајтон и Светиот грал“? Кога Џон Клиз и другарчињата треба да поминат преку Мостот на смртта, а вештерот ги фрла сите во провалијата. Е па, да беше Џон Клиз во Македонија деновиве немаше да одговара на прашања на вештерот. Сам ќе си се фрлеше од мостот.

Ние го пробивме ѕидот на реалноста. И забегавме од другата страна на мостот. И како што се развива драмата околу патешествијата низ Западниот Балкан на избеганиот ни бивш премиер Никола Груевски, осуден за криминал, така и Монти Пајтон си умре во Македонија.

Судот и полицијата го бараа кај жена му, кај мајка му, по гаражи…, а тој ниту учел, ниту книга пишувал. Роудшоу правел низ регионот. Во неделата, унгарски дипломати веќе му правеле примопредавање во некој мотел во Србија, а во понеделникот нашата полиција уште го бараше во гепекот на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во Скопје. И другиот ден ни се јави по Фејсбук од Будимпешта. Додека братучед му Сашо Мијалков пишуваше писма до Христијан Мицкоски, тој веќе пополнувал апликација за азил.

Сега ВМРО-ДПМНЕ си го бара назад почесниот претседател. И бара оставка од Владата на Зоран Заев оти дозволила да избега од земјата.

И кога си мислиш дека потрагата по Светиот грал тука завршила, доаѓа вест од Будимпешта дека Виктор Орбан, домаќинот на нашиот криминалец, ни праќа 30 унгарски полицајци да ни ја чуваат границата од азиланти. Си викаш, па можеби седат заедно и решиле да нѐ зафркаваат, да нѐ дупат во здрав мозок. Оти, Орбан е тоа. Оној што дигаше огради на границата, им подаруваше бодликави жици на сите балкански држави како донација и дома победуваше плашејќи ги гласачите со мигранти што бараат азил. Е тој Орбан, баш преку бегалската рута си го извлекол другарчето поминувајќи 4 граници и три држави. Ќе излезе дека со Груевски ја тестирал порозноста на границите.

И таман си мислиш дека сѐ е завршено и дека не може да биде посмешно, па треба да преминеме на сериозни теми, јавуваат дека некој во Скопје украл камион за собирање ѓубре додека бил на сервис. Да не им требала ѓубрарката на Унгарците да се маскираат како ѓубреџии, па така незабележано да го возат Груевски?

Сега уште фали во епизодава да се вклучат и Филип Петровски и Јанко Бачев. Да му одат на Груевски на кафе во Будимпешта. Да му врачат писмо. И да му пеат под прозорец: „Кажи зошто нѐ остави и нѐ обли со тага“. Да апелираат да се врати во Собранието, оти сега имаат еден глас помалку против уставните измени.

Но, чекајте. Смртта на Монти Пајтон не доаѓа одеднаш. Се појавува и премиерот Зоран Заев. И вика дека пратеникот Груевски можеби е киднапиран. Ако не е ѓубрарката на Петре Шилегов, тогаш можеби е жолто комбе. Странски служби се – секако. Што значи дека сега ќе треба да собираме пари за откуп на киднапираното лице. Да отвориме смс броеви за донации. Ако не се соберат доволно пари за откуп, министерот за финансии Драган Тевдовски ќе издаде евро обврзница. Скап е Груевски. Ем почесен. Ем пречесен.

Ако и тоа не успее, ќе мора да го спасуваме со специјални сили. Кризата со киднапирањето да ја решава Врховниот командант Ѓорге Иванов. Можеби некому е смешно дека ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Владата на Заев оти им избегал почесниот. Ама кога ќе се вклучи и Ѓорге Иванов… Е дури тогаш ќе умреме од смеење.

2 Макар што, не е баш смешно дека Груевски ни направи лажен барок со наши пари, а тој замина да живее во вистински барок. Пак со наши пари.

Ако го пуштиле да избега – не чини. Ако успеал да им избега – исто така не чини. Ама па, ако го киднапирале – е дури тоа па ич не чини. Како бре, на Оливер Спасовски му киднапираат човек кого го чуваат шест телохранители, професионалци вработени во МВР?

Мислам, Унгарија е во прашање. Аферата „Шпион“ беше врзана со продавање државни тајни на унгарската разузнавачка служба. „Визер“ добива субвенции од Владата на Груевски уште од 2012 година. Миле Јанакиески ги потпиша. Иванов го одликуваше Орбан со орден „8 Септември“ во 2013. Обвинетите за масовното прислушување, разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошковски, беа фатени со лажни пасоши пред да се качат на авион од Солун за Будимпешта. Во  Будимпешта беше и банката во која, според една бомба од прислушуваните разговори беше уплатена и провизијата за набавка на опрема за прислушување од Израел вредна  14 милиони евра. Повеќе медиуми кои владата на Груевски ги плаќаше со пари од владини реклами, а кои беа сопственост на фирми регистрирани на Белизе и други даночни раеви,  сега се преминати во сопственост на компании со унгарски капитал. Орбан дојде да го посети Груевски во Охрид оти му беше земен пасошот. Мицкоски се среќаваше со Орбан…

Така што, во категоријата на Монти Пајтон ми спаѓаат и експертските анализи дека сега Орбан ќе имал проблем со партнерите во ЕУ и во НАТО. Си ги култивираше Орбан вмровците со години. Ама и тие нему не му останале должни.

3 Што е за право, Груевски секогаш бегаше. Тој и на 27 април лани беше избеган.  Кога го напаѓаа Собранието за да го спасат него од затвор, тој во Виена  чекаше Ѓорге Иванов да прогласи воена состојба. Тогаш ги палеше луѓето против „Тиранската платформа“. Дури и му ги нудеше пратениците на Заев, само да биде против „Тиранската платформа“. Сега видовме, Тирана не му пречела. Супер му дошла како платформа за бегство од правдата.

Не е Груевски глупав. Само е расипан. И кукавица. Предлогот на Законот за амнестија за хашките случаи не го потпиша тој. Избега. За да го потпише тогашниот вицепремиер Васко Наумовски. Признавањето на Косово не го потпиша тој. За да не му се налутат Србите, го намести тогашниот вицепремиер Ивица Боцевски да го потпише.

Сѐ од други бараше да му ги завршат валканите работи. Не беше само мерцедесот „со телевизорчиња за децата“. Тој и шамари нарачуваше. Динамит бараше „да не го тупиме многу“. Други дури и плацовите му ги шетаа на Водно. А тој ги купуваше за џабалак.

Убаво ви викаше човекот: „Не седете дома во папучи!“. А вие си седевте. Е па, барајте го сега во Унгарија.

4 И додека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дава интервју на телевизија, на екранот оди кајрон со реклама за „Пелистерка“. Чиј газда е во притвор на барање на СЈО, осомничен за едно чудо кривични дела.

И додека Катица Јанева зборува за случајот „Империја“, во кој првоосомничен е бизнисменот Орце Камчев, на екранот оди реклама за приватната болница која е дел од империјата на Камчев. Се рекламира со името на еден доктор кој во 2007 година избега од Македонија, оти го бараше судот за две кривични дела што ги сторил како министер за здравство. Од затвор и екстрадиција го спаси бугарскиот пасош. И тој се жалеше дека бил политички прогонуван.

И како сега да не ја сакаш Македонија? Како што британскиот комичар, ѕвездата на Монти Пајтон Џон Клиз има изјавено лани летото на Сараевскиот филмски фестивал: „Гледајте вести, посмешни се од комедиите“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира