ТОРБА ПАРИ

„Сѐ за мојот народ“. А  за „твојот“ народ? Е, баш ме заболе...

    ТОРБА ПАРИ

    1 Што туку се фали премиерот Христијан Мицкоски, дека ќе правел нови темели врз пепел и прав што наследил пред една година, кога темелите му се дивоградба? Еве му чист случај. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, истата таа што пред четири години беше негов избор за градоначалник на главниот град, на тацна им ги дава документите за организиран криминал во Општина Чаир.

    Точно е дека Арсовска го запусти градот, дека немаме јавен превоз, дека се задушуваме во ѓубре, дека е терсене карактер и ред други работи за кои може да се рече дека ја прават најлош градоначалник во историјата на Скопје. Точно и дека не знаеме која ѝ е мотивацијата дури сега, пред крај на мандатот, да открива криминал и урбана мафија. Точно е и дека со меѓусебни навреди со градоначалникот на Чаир Висар Ганиу за тоа кој е поголем криминалец го релативизираат криминалот. Ама, зарем тоа е важно?

    Факт е дека има криминал. Факт е дека се поднесени пријави. И факт е дека досега нема реакција.

    Еве ви докази со документи за антидатирани дозволи за градба. Станбена зграда изградена во 2024 пријавена за легализација во 2011. Кога пишуваа медиумите за едно чудо станбени згради во Чаир легализирани со фалсификат, ги игнориравте. Сега ја игнорирате и вашата градоначалничка. Се докажувате со неа кој е надлежен да урива дивоградби. Па, побогу, ако таа не вади механизација, оти нема надлежност, вие извадете ја. Имате Државен градежен инспекторат. Зафркнете ја. Земете ѝ ја славата.

    И тоа Обвинителство – што чека? Чекаат пожар во Општината да изгори документацијата како што изгоре во Дирекцијата на „Македонски пошти“ и во Инспекторатот за животна средина?

    Кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, секој ден на глава ни се качуваа дека Зоран Заев не смее да му писне на Али Ахмети. За разлика од сега, кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, па Мицкоски не смее да му писне на еден градоначалник на општина во која илјадници граѓани живеат во згради што се дивоградби.

    Па, ако власта ја игнорира градоначалничката и медиумите, тогаш нека им помогне на граѓаните кои живеат во небезбедни згради затоа што се измамени од мафија. И нека ги праша: Како ги плаќале становите? Во кеш? На тој 11-годишниот што бил инвеститор, како што тврди градоначалничката, му уплаќале ужинка со торба пари во дневен престој? Кој му ги прибирал парите? И кај ги чувал? Во шкафче. Само на неговото шкафче немало сликичка со нацртана пепертутка или мече. Кај него имало нацртано зграда.

    Има едно чудо неодговорени прашања на кои, во духот на историската борба против корупцијата и на најавите дека најдоброто допрва доаѓа, власта треба да одговори.

    2 И после се чудиме како се случила трагедијата во Кочани. Е па ете, вака се случила. Легализирана дивоградба со легализирана дискотека што однесе 62 млади животи и рани 200 луѓе. Па ќе плачеме една недела, ќе сочувствуваме со премиерот дека тој ден му бил најтежок ден во животот, ќе држиме трогателни прес-конференции и ќе се фалиме дека од „под нула“ ги градиме темелите.

    Е па еве, вака ги градиме темелите. Со илјадници згради дивоградби за кои никој не знае колку се безбедни за живеење, за кафеани, за хотели, за ресторани, за сендвичарници, за продавници, за дискотеки, за пазари…

    И дискотеката во Кочани беше дивоградба.

    3 А премиерот, кој вели дека неговата Влада ги гради темелите на промените, нека намали малку со поезија по повод првата година од неговото владеење, што ја нарекува „година што ќе ја паметиме – како првата кога почна новото време“.

    За почеток, има ли одвоено пари во буџетот за една милијарда евра гипс што се распаѓа? Нека не нѐ потсетува како било седумте години за време на СДСМ пред тој да дојде на власт. Оти, кога ќе почнеме да се враќаме во минатото ќе ни текне дека на тие 7 години им претходеа 11 години во кои ВМРО-ДПМНЕ прислушуваше над 20.000 луѓе, ограби милијарди и ја зароби државата. Плус, заборава да каже дека во тие седум години ВМРО-ДПМНЕ го нападна Собранието, блокираше финансиска помош за најранливите среде ковид криза и ред други блокади на општото добро од чист инает.

    СДСМ падна од власт поради граѓанско незадоволство затоа што само го надгради тоа што го правеше ВМРО-ДПМНЕ. Не само што не го смени практикувањето на политиката, туку и го утврди материјалот. Ја отепа и најскромната надеж кај тие што му ја дадоа довербата.

    Можеби ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ немаат иста идеологија, ама начинот на кој ја сфаќаат политиката, владеењето и отчетноста пред граѓаните им е ист. Што и да зборат, покажуваат дека нив ги интересираат само нивните лојални приврзаници.

    До официјалниот почеток на кампањата за претстојните Локални избори ќе имаме трибини. Да не ги викаме изборни митинзи, да не го кршиме Изборниот законик. И бидејќи и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сложно си направија план како да ги елиминираат од изборите независните граѓански иницијативи, удрија на песна и игра. Баш убаво е што локалните избори се на есен. За да може партиските кандидати за градоначалници со наши пари да прават „културно лето“, со „мега концерти“, што всушност е исто еуфемизам за предизборна кампања.

    А бе, како викаат градоначалниците: „Сѐ за мојот народ“.

    А  за „твојот“ народ? Е, баш ме заболе…

    4 Токму поради тоа што Мицкоски ја тера кампањата дека историјата почнува од него, најголемите партии на власт и во опозиција не можеат да се договорат што да се прави со ветото од Бугарија и како да се одблокира патот кон ЕУ.

    Па уште власта и како успех го претставува тоа дека со гласањето во Европскиот парламент се докажало дека на Бугарија не    ѝ било само до промена на Уставот и внесување неколу стотина Бугари, туку до негирањето на македонскиот јазик и идентитет.

    За кого е успех? За власта ли е успех? Или за нас, дека ни докажале. Оти ние до сега не знаевме. Па само на ова место, во оваа колумна којзнае колку пати сум го пишувал тоа. Уште сум еден од најголемите противници на тој проклет француски предлог што наместо да ни го отвори, ни го затвори патот кон ЕУ.

    Ама, кога е во прашање Македонија, Бугарите, без разлика од која партија се, во ЕУ се тепаат за секоја буква и запирка. Едно чудо резолуции и документи против Македонија и македонскиот народ со консензус изгласаа во нивното Собрание, ги потегнаа сите што сестрински, што несестрински партии во Европската унија. А тука, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се караат кој е поголем и погорд Македонец.

    Се повторува истата приказна како спорот за името со Грција. Тука не е важно дали ќе се реши проблемот, туку кој ќе го реши. Кој ќе ја земе славата.

    А во меѓувреме, 216.000 македонски граѓани се пишале Бугари за да земат бугарски пасоши за да влезат во ЕУ. И секој септември имаме над 1.000 помалку запишани првачиња.

    А партиите, мислејќи само на себе, не можат ни да препознаат, а камо ли да се договорат што е заеднички државен интерес.

    5 Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот на НАТО во Хаг мислеше дека кога се ракувала со претседателот на САД Доналд Трамп, разменила некој муабет и со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, а тоа всушност бил државниот секретар Марко Рубио.

    Нејсе. Важно е дека Сиљановска-Давкова го препознала Трамп и му кажала дека е македонска претседателка. Притоа, изјави дека била интересна неговата реакција, кога му го споменала Кенеди, му го забележала говорот на телото. Што е доказ дека македонско американските односи стануваат сѐ поблиски кога станува збор за средбите на највисоко ниво. Претседателот Ѓорге Иванов се фалеше дека му намигнал Барак Обама.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира