1 Не сум некој што се разбира многу во економија. Ама знам дека доаѓа крај на месецот и кај и да е, ќе треба да се исплати плата. Во моментов, можеби тоа не е грижа за 160.000 луѓе што се во јавна администрација. Ама – само во моментов. Што не значи дека и тие нема да се секираат веќе од следниот месец. Оти, ова со коронавирусов не е само здравствена криза. И нема да заврши само на една плата.
Логично е кога ќе се соочиш со пандемија и со висок ризик на зараза да викаш: „Ај, само здравје!“. Ќе чекаш секој ден Венкојавление, за да дознаеш колку пораснал бројот на заразени, колку се тестирале, колку се позитивни, а колку негативни и да пресметуваш колку ќе чинат респираторите, колку маски се потребни, а за пари – после ќе му ја мислиме.
А пари нема. И здравје без пари не бидува. Па мора уште од сега да се мисли, што потоа. Ако нема плати, нема ни даноци. Ако нема даноци, нема ни плати за здравствените работници. Ниту за лекови, за маски, за вакцини, за скафандери, за респиратори… Сите сме во кругот.
Така што, математиката е едноставна. Бројки се во прашање. Економската криза си има свој алгоритам, исто како алгоритмите на епидемиолозите за ширњето на КОВИД-19. Следниот пат, кога ќе излезе владиниот економски тим на прес-конференција, очекуваме повеќе целисходни мерки, а помалку цитати од „Семе синапово“.
Нема стопанство, нема држава. Дојде време – невреме во кое државата треба да му даде на стопанството, за да има после од што да живее. Луѓето што сега се останати без плата треба да продолжат да живеат за да може, кога ќе помине оваа криза, да продолжат да ја хранат државата. Нема тука најмногу загрозени гранки, помалку загрозени гранки… Сите сме загрозени. Државата треба да даде сега, за да има од кого да земе после. Не може да чекаш кравата да ти дава млеко, а ти да не ѝ даваш храна. Оти на крај, кравата ќе умре, а ти ќе немаш пари за да си купиш нова.
2 Тоа беа вестите од земјата и од странство. А сега, следуваат вестите од Марс.
Државната изборна комисија (ДИК) го утврди редоследот на гласачкото ливче за изборите на 12 април.
Не се виновни тие од ДИК што глумат нормалност во ненормална ситуација. За нив, роковите си течат по закон. Никој официјално не ја известил Државната изборна комисија дека избори нема да има. Ним по закон не им е во опис да одлучат дали ќе има избори или не. Тие по закон треба да спроведат избори. Од кај знаат дека утре некому нема да му текне да ги стави во затвор оти не почитувале закон. И луѓето, по закон си организираа влечење ждрепка. Тие по закон можеби и избори ќе направат.
3 Малку ни е по двапати дневно на телевизија да го гледаме Венко, па сега ќе си губиме време и со правничките надмудрувања на претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери. Оти државата нема попаметна работа, па среде светска криза ќе се фокусира на лидерски средби и на експертиза на партиски избраници на кои им мерат температура на Водно.
Знаеме дека Талат е умешен да ја тегне мастиката уште од времето кога како пратеник со часови читаше поезија и молчеше во Собранието за да одложи усвојување на закони. Сега, како претседател на Собранието, ни раскажува дека ако го свикал распуштеното Собрание ќе се направел правен преседан. Колку правни преседани се направени во оваа држава, па сега баш на коронава ќе се прекине праксата? Те бил пратеник, те не бил пратеник, те бил претседател, ама не бил пратеник, те го вратил мандатот кај граѓаните, ама бил претседател на Собрание во заминување, па пратениците сами се распуштиле, а нему Собранието не му изгласало разрешување…
Дури, се повика и на експертите од состанокот кај Пендаровски, каде што некој рекол дека во ваква ситуација не може да се состане Собранието оти со вонредната состојба биле забранети јавни собири, а во Собранието немало услови пратениците да седат одвоено на безбедни метар и пол до два метра далечина.
Којзнае колку им било забавно во претседателската вила на Водно, додека граѓаните си седат дома и за да отепаат досада бројат позитивни и негативни тестови за коронавирусот. Ама, што да прават експертиве. Ги викнал шефот на државата и врховен командант, па мора да се прават паметни.
4 Ако сакаш да најдеш решение, ќе најдеш решение. Како можеше Сенатот на Шпанија, за првпат во историјата, среде кризна состојба виртуелно да се состане и електронски да го гласа пристапниот протокол на Македонија за НАТО, а македонското Собрание не може да се собере да ги одложи изборите? Зошто? Само затоа што ДУИ му тера инает на СДСМ оти Заев направи коалиција со БЕСА. Друго разумно оправдание за однесувањето на Талат Џафери не гледам.
И сега? Чаре? Како ќе се одложат изборите на 12 април што нема да се одржат? Кој ќе донесе одлука?
Е па ај тогаш, нека се собере пак Сенатот на Шпанија. Излезе дека тие повеќе се ангажираа за иднината на Македонија. Нашиве пратеници не може да гласаат електронски. Нема да им се признаат патни трошоци ако не излезат од дома.
И одма по гласањето, Шпанците ќе ја пратат одлуката кај кралот за да ја потпише веднаш. Тој сигурно нема да ги викне експертите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ да бара памет од нив.
5 Ќе дојде денот кога ќе се открие вакцина против коронавирусот. Ама, мислам дека ни тогаш нема да се открие феноменот на масовно купување тоалетна хартија во време на пандемија.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST