ЖАН МОНЕ

Толку ли е страшно што Груевски по 11 години не е на власт, па сега пак мораме да имаме меѓународна ситуација?

ЖАН МОНЕ

1 Кој ли ќе оди во куќата на Жан Моне во близината на Париз на разговори за помирување помеѓу власта и опозицијата во македонското Собрание? Според идејата на европратеникот Иво Вајгл таму ќе требало да оди по еден координатор, еден пратеник и еден член од собраниската служба на секоја пратеничка група.

Најдобро е да се испрати пратеникот Крсто Мукоски да им ја отвори вратата на гостите. И со него да биде Јохан Тарчуловски за да ги спроведува до собите да не се изгубат. А Сашо Василевски ќе биде таму за секој случај да не треба и резето од портата да се отстрани.

Можеби затоа и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште се мисли дали да ја прифати иницијативата за помирување во близина на Париз. Оти се многу. Десет пратенички групи, по тројца во секоја делегација, триесет души нема да ги собере во иста соба. Не е ова стан во Капиштец за време на избори од пред четири години. Или, сѐ уште размислуваат оти се пребројуваат кој има пасош, а кој нема за да излезе од земјата. Плус и датумите со судските рочишта треба да се усогласат.

Да знае идеологот на обединета Европа Жан Моне кој ќе му шета низ куќата, во гроб ќе се превртува. Таму Роберт Шуман, Двајт Ајзенхауер и Конрад Аденауер воделе визионерски политички дебати, а ние Владанка Авировиќ ќе им ја пратиме. И Влатко Ѓорчев да се кара сам со себе.

Скапо ќе ја чини Европската унија овој нов обид за рехабилитација на Никола Груевски и неговата дружина. Тој 11 години тука на дебата не се појавил, во Собрание му е под ниво како пратеник да се пријави, а ваму кај Жан Моне ќе разговара со политичките противници за парламентарно помирување? Што ќе им раскажува? Како се случи 27 април?

Башка, чуму им се тие прошетки до Париз? Нели сите честитаа на успешно спроведените избори. Луѓето гласаа, одлучија дека повеќе не сакаат Груевски да биде на власт и – тоа е тоа. Кој е тука скаран и со кого? Во секоја земја има власт и опозиција. Толку ли е страшно што Груевски по 11 години не е на власт, па сега пак мораме да имаме меѓународна ситуација?

И кој ќе плати за прошетките до Париз? Европските даночни обврзници? Ние, со парите од акцизата за дизелот од новиот буџет?  Или, не завршиле баш сите украдени народни пари од Македонија на Белизе. Останало нешто и за враќање на Груевски во живот.

2 Кога сме веќе кај буџетот, еве јас признавам дека сум еден од оние новинари што се неуки околу финансиите. И за разлика од некои мои колеги, не се почувствував навреден од изјавата на министерот Драган Тевдовски што ги замоли неуките новинари да не шпекулираат за буџетот. Знам математика колку што сум морал да учам до гимназија. И со тоа ниво на знаење апсолутно ми е логична дискусијата на поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Кој вели: Ако тврдите дека поранешната власт годишно крадела 500 милиони евра, зошто ги предвидовте и тие пари во буџетот. И прашува: Ај што сте ги предвиделе. Ама што ќе правите со тие пари? За што вие ќе ги потрошите?

Толку знам математика. И прашањето ми изгледа сосема на место. Што правиме со парите што претходната власт ги предвидела да ги украде? А оваа власт вели дека нема да краде.

3 Иако, што е за право, новата власт го отвори буџетот за јавна расправа. Премиерот и министерот за финансии се појавија на дебата на јавниот сервис. Одговараа на прашања на првиот министер на финансии на Груевски, Трајко Славески. Сте го гледале тој филм порано? Министерот за финансии две недели од екран не се има симнато објаснувајќи се со сите. И со уки и со неуки.

Јас не паметам дека до сега се дигнала волку галама за буџетот. Освен за буџетот за 2013 година. Кога на 24 декември 2012 година ВМРО-ДПМНЕ ги натепа пратениците од опозицијата и на клоци ги избрка од салата. Да. Тогаш многу се збореше за буџетот.

Па и овој муабетот за трите денари зголемена акциза за дизелот. Две недели дебатираме, сите станавме финансиски и еколошки стручњаци. Што ви е бре луѓе? Во времето на Груевски и на Зоран Ставрески за зголемената цена на дизелот ќе дознаевме дури кога ќе дојдевме на бензиска пумпа. И немаше да имаме време да се пожалиме оти на МТВ, на Сител и на Канал 5 со денови ќе ни раскажуваа колку е тоа добро за нашето здравје. И колку тоа ја дигнало Македонија погоре во рејтингот на некоја ранг листа. И дека сме лидери по акциза во светот, па и пошироко, што се разбира е признание за успешните политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски.

Дури и бизнисмените се охрабрија. Истите тие што тајно шепотеа дека Зоран Ставрески не им го враќа ДДВ-то, па нѐ молеа ако може да напишеме, ама да не им го споменуваме името. Ги собираше Груевски во големата сала на „Александар палас“ , а тие дотерани, небаре тргнале на црковна литурија, оти во недела сабајле ги малтретираше, го чекаа по по цел час да се разбуди и да дојде, за да ги искара оти не даваат пари за црква, и на крај му аплаудираа кога ќе им ветеше дека ќе им го врати ДДВ-то. Што му е законска обврска.

Малку брзо заборавивме што ни се случуваше 11 години. Па сега Жан Моне ќе нѐ потсетува.

4 Додуша и приказните на Зоран Заев за некакви безбедносни аналитичари што му кажале дека му е загрозена безбедноста ме потсетуваат на приказните за загрозеноста на Никола Груевски. На насловните на „Дневник“. И на ударните вести на телевизиите преземени од добро информираните извори на курирските портали. Нели на времето ќе го убиваше некоја чеченска мафија? Нели нешто авиончето мораше да слета во Цирих, нешто итно било, нешто безбедносен ризик пишуваа со кајрон среде турска серија… Па уште кога ќе ми текне колку пати зградата на Владата беше гранатирана. Кој да брои, кога уште никој не е фатен. Уште од времето кога Ивица Боцевски беше портпарол.

Башка муабет, безбедносните служби кога му ги кажуваат овие информации на премиерот, не му кажуваат дека не е сѐ за кажување во јавност.

И капак на сѐ, се огласи и ВМРО-ДПМНЕ со соопштение. Го повика Заев да каже од кого добива закани и колку се тие реални.

Па си кажа човекот. На 28 април се појави со врзана чалма на главата и обвини дека на 27 април се случил организиран напад на Собранието со намера некој да го убие. На што Груевски одговори: „Да сакаше некој да го убие, ќе го убиеше“.

И овие пратениците од СДСМ со цел ум ја прифатиле идејата за париска рехабилитација на Никола Груевски и на неговата дружина? Зошто Заев две години си ја држеше главата во торба и на крај и буквално искрвари? За да го врати Груевски како меѓународен фактор?

5 Дојде живот и за пратениците на владејачката коалиција. Им се погодија резултатите од локалните избори. А и вмровците не ги напнуваат многу. И си рекоа – дај да одмориме малку.

Замислете во некоја друга држава да се случеше пратениците да не гласаа за унапредување на човековите права. Каков скандал ќе беше тоа. Ама ние дека си ги знаеме, им одбиваме на глупост. Затоа и објаснувањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев дека биле дефокусирани и збунети ни доаѓа како нормална работа. Исто како што координаторот на пратениците на ДУИ Артан Груби рече дека не гласале поради техничка грешка.

Никој не се ни сомнева дека намерно не ги гласале препораките на Народниот правобранител. Едноставно, дошле во Собрание, се пријавиле со картичките дека се на работа и заминале на кафе. Како секој нормален државен службеник. Ако би биле така дефокусирани и збунети кога треба да наплатат дневници и патарини можеби ќе заштедиме некој денар во буџетот. Ама тоа не би им се случило дури ни по грешка.

Кај можеше ваква работа да му се случи на Илија Димовски како координатор? И што му е работа на координаторот? Да ги координира колегите. И да ги фокусира на следново: „Ако веќе не сте читале и не знаете што треба да гласате и ако не мислите со своја глава, за ова ќе стиснете зелено копче. А за ова црвено“.

Ама ај сега да не го отвараме тој муабет. Ако не, ВМРО да го вратиме.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари