ЗМИЈА НА МАТКА

По датум во Кина.

ЗМИЈА НА МАТКА

1 Бев неколку дена на новинарски собир во Сараево. Малку ги следев и локалните вести. И еве со што се занимава Босна и Херцеговина, земја чиишто граѓани не живеат под стрес очекувајќи го датумот за почеток на преговори за влез во ЕУ.

Во коритото на реката Милјацка што тече низ градот и во околните улици се појавиле големи змии. Новинарите тргнале во потрага кој е надлежен да се справи со змиите. Ама, како што изјавиле властите, „поради комплицираната уставна структура, тешко е на луѓето да им се објаснат преклопувањата на надлежностите“. Имено, за самата река Милјацка е надлежна Владата на Кантонот Сараево, ама змиите се појавиле на копно. Па од Кантонот ги упатиле новинарите да бараат одговор од властите на Градот Сараево. Арно ама, властите на Градот Сараево им одговориле дека тие се надлежни само за уредениот дел на коритото на реката, но не и за неуредениот. А змиите не знаат што е Кантон, што е Град, па се движат насекаде. Иако и едните и другите би сакале да го решат проблемот, едноставо не можат. Оти немаат надлежност.

Во Македонија, компликацијата на тема надлежност не е уставна. Ама е законска. И коалициона. Еве на пример, уште во февруари откривме дека на Матка, во заштитено подрачје, на диво се градат платформи за кафеани. Еден месец и тринаесет текста подоцна, утврдивме дека надлежна за уривање на платформите е Општина Сарај. Во текот на тој месец ненадлежни се прогласија Град Скопје, Државниот градежен инспекторат, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина. Тоа што ја утврдивме надлежноста не значи дека платформите се урнати. Напротив. Таму има маси и столици, а газдата на дивите платформи организира тури со кајчиња по езерото.

За дивата платформа е надлежна Општината. Ама, кој е надлежен да ја контролира работата на кафеаната? Има ли кафеаната дозвола за работа? Дали е регистрирана како угостителски објект? Дали кафеаната во која се служи храна има дозвола за работа од санитарните власти? Дали на гостите им се даваат фискални сметки? Дали кајчињата со кои се возат туристите се регистрирани како пловни објекти? Дали кајчарите имаат положен испит? Дали за прошетките низ езерото се издаваат карти сосе изразен ДДВ за услуга? Дали патниците се осигурани?

Свесен сум и за законската и за коалициската и за другарската и за партиската и за бизнис комплицираноста за утврдување на надлежностите во Македонија. Ама, сите овие прашања ги поставувам оти ме мачи само едно. Мој ДДВ. После 1 јули, ќе одам да се повозам со кајче на Матка и кога сум веќе таму да испијам едно пиво на платформата. Дали министерот за финансии Драган Тевдовски ќе ми врати 15 проценти од ДДВ-то што ќе го платам на Матка? Само тоа ми е маката.

2 Која ли е уставната комплицираност на надлежностите во Македонија, кога на една улица во Скопје што е на граница меѓу две општини едниот тротоар е чист, а спротивниот не видел метла со недели? Толку ли е комплицирано повторно да се вратат лентите со ознака МК на граничните премини, барем кога си доаѓаме дома да се чувствуваме подостоинствено од другите граѓани? Толку ли е сложено да се искоси тревата околу банкините на патиштата и да се искастрат гранките околу сообраќајните знаци? Оти, стварно не сме малоумни да веруваме кога надлежните ни кажуваат дека има бујна вегетација поради обилни пролетни врнежи. И така – секоја година. Пожарите што се случуваа пред претседателските избори ги заборавивме. Многу беше комплицирано да се фати кој ги пали шумите и стрништата. На УНЕСКО не му беше комплицирано со години да нѐ предупредува што ќе ни се случи со Охрид, ама нам ни беше тешко да ги сопреме дивоградбите оти локално се комплицираат надлежностите. За обиколницата кај Битола, пак, ич муабет да не правиме. Тоа е толку комплициран проблем, што не вреди ни да почне да се решава.

За загадувањето на Скопје и Тетово ќе се навратиме најдоцна до октомври. Лето е. Сега правиме муабет само за тоа што се гледа со голо око.

3 Општина Чаир реши да стави ред со летните тераси во Старата скопска чаршија. И излезе дека кафеанџии со години немале дозвола за летна тераса. Пет-шест летни дискотеки во стариот забавен парк секое лето го малтретираат цело Скопје со бука и со сообраќај низ Градскиот парк, а дури сега се открива дека тие со години немале договор за работа со градските власти.

Во Сараево змиите го искористија преклопувањето на надлежностите. Во Македонија кафеанџиите го користат тоа што сите се прават ненадлежни.

Кај нас толку е природно некој да си запоседне плочник. Да си нареди даски на тротоар. Да скрши столпче за да може да се паркира на пешачка зона. Да пушти платформи над езеро. Да си направи парапетче покрај езеро. Да се паркира во парк. Да пушта гласна музика. А државата не само што не те штити, туку уште и им помага на насилниците да ти го украдат животниот простор. На што би личело да ми текне ручекот да си го организирам на сред улица? И да си викнам гости да си се паркираат кај што сакаат. И да си пуштам музика. А другите кај ќе поминуваат и ако не можат да спијат, баш ми е гајле.

Е па, кога и државата не може да те заштити, изгледа дека е дојдено време, како што Ирена Ристиќ со нејзината екипа со герила акции чисти ѓубре, граѓаните со герила акции да си го ослободат јавниот простор. Ако некој ти го украде плочникот и го огради со маси, столици и стакло, ти да си го вратиш назад. Ако некој ти го земе паркот и направи кафеана, ти да му посадиш дрва и цвеќиња.

Ќе ти дојде полиција и ќе те казни, ли!? Зошто? Затоа што не си пријавил дека ќе правиш нешто на јавен простор? Па и кафеанџиите ги извадиле масите, столиците дигнале чадори, стакла, цели дневни соби направиле на јавен простор, па никому не пријавиле што ќе прават. Башка, нели Оливер Спасовски се жали дека нема доволно полицајци за да казнуваат. Па каде ги најде баш овие кај нас што дошле да казнуваат. Да не дојде некој  комунален инспектор да нѐ казни нас граѓанските герилци? Одма му поставуваш прашање за надлежност. Извинете, од која Општина сте вие? Ааа, не… Овој простор е во надлежност на Градот. Имаш ли дозвола за ослободување на тротоарот? Имам. Истата дозвола како што ја има тој што го украл тротоарот. Си платил ли за користење на тротоарот? Да. Сум платил. И данок на имот сум платил, и ДДВ плаќам и паркинг плаќам. А овој другиов што ми го украл тротоарот, платил ли?

Тоа е наш простор. Тој простор со силеџиство ни е одземен. Државата им помага на силеџиите, а некогаш претставници на државата се и во заеднички бизнис со нив. Тогаш, што нѐ спречува да си го одбраниме својот простор? За живот се работи. За квалитет на живот.

4 Туку, со датумот што правиме? И – до датумот што ќе правиме?

Законот за СЈО си стои неизгласан. И, претседателот на Собранието Талат Џафери, сосе еден од потпретседателите, сосе сите координатори на пратеничките групи и сосе генералниот секретар, тргнаа да го бараат датумот за ЕУ. Се потегнаа до Кина. Да учат како да го направат законот за урбанистичко планирање. Во Шангај со 24 милиони жители.

Што да прават, кога македонското Собрание не е надлежно за датумот. Германскиот Бундестаг е надлежен.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира