ЗОРТ, А?

Ем одеднаш на ЕУ ѝ станавме интересни. Ем ни викаат дека сме им потребни. Ем пак не ни кажуваат кога ќе нè примат. Ниту пак дали воопшто ќе нè примат.

ЗОРТ, А?

1 Со нетрпение ги чекам изјавите на Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски по лидерската средба што уште не е закажана. Ковачевски на Мицкоски му вели ќе те викнам, иако уште не му испратил покана, а Мицкоски му вели ќе дојдам, ама џабе ме викаш. Ковачевски ќе бара промена на Уставот. Мицкоски ќе бара избори.

Не се знае кога ќе биде средбата, но сепак, возбудата уште отсега расте. Еве, дури и плановите за годишните одмори ќе си ги прилагодиме според средбата. Не смее да се пропушти уште еден дијалог на глуви.

2 Во меѓувреме, возбудата расте и во Европската унија. Додека дваесет години ЕУ го држеше Западниот Балкан што подалеку од Европа, измислувајќи нови методологии, бенчмаркови, посебни пристапи за да си најде илјадници оправданија зошто не може да си ги исполни сопствените ветувања, ѝ влегоа Русија, Кина и Турција, а во случајот со Босна Херцеговина и Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, и Иран, а Путин ѝ затропа на украинската врата, па сега ѝ текна – мора да го внесеме Западен Балкан во ЕУ.

Е ајде, де. Внесете нè. Доста ја тупите.

Многу јасно си кажа министерот за надворешни работи на Австрија Александер Шаленберг на конференцијата „Глобсек“ во Братислава, кога на своите партнери од ЕУ им порача дека „треба да сме луди да им дозволиме на други земји да влезат таму“. Тој се повика на учебниците по историја. „Ако немаме долготрајни стабилност и просперитет во Југоисточна Европа, нема да имаме стабилност во Средна Европа. И ние знаеме од историјата од претходните 200 години што се случува кога нема стабилност во Средна Европа“, рече Шаленберг. За разговорите што се водат во ЕУ, дека прво треба самата ЕУ да се реформира за да може да прима нови членки, рече дека се – ѓубре. „Имаме сè! Ние сме подготвени точно за сценариото за прием на Западниот Балкан во ЕУ“.

Зорт, а? Е па, зорт.

Во Братислава и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претстави некаков нов приод за проширувањето, кажуваше за некои четири столбови. Убаво звучеше тоа што го кажува. Иако, искрено, не знам дали вреди сериозно да се сфаќа. Оти се покажа дека Европската комисија ветува, а земјите-членки не испорачуваат. Зборот на Фон дер Лајен не вреди и не важи во Софија, Ако не важи во Софија, не важи ни во останатите 26 членки. Толку барем научивме и ние, како функционира таа Европска унија. И тоа на многу болен начин. Сите за еден, дури и кога тој едниот е за никаде.

Сè ми се чини дека и овој „моментум“ и соочување со реалноста ќе биде како нашава лидерска средба за која има покана, ама џабе е. Ем одеднаш на ЕУ ѝ станавме интересни. Ем ни викаат дека сме им потребни. Ем пак не ни кажуваат кога ќе нè примат. Ниту пак дали воопшто некогаш ќе нè примат.

3 До пред три години бевме евроентузијасти и наивно мислевме дека ЕУ ќе ни помогне да направиме држава со добро владеење, убаво и здраво место за живеење, дека ќе ни помогне да се бориме против сиромаштија и корупција. Единствената грижа ни беше дека некоја Холандија, Данска, Германија, Италија, Шведска… ќе ни стави вето ако избереме автократска влада, ако не ги почитуваме човековите права, ако задушуваме слобода на мисла и изразување, ако крадеме од европските претпристапни фондови… Ни на крај памет не ни паѓаше дека ќе поддржат вето за измислени и апсурдни билатерални спорови, па уште и ќе нè тераат да преговараме за нашиот идентитет. Сме имале некои поинакви сфаќања за европските вредности. Не сме знаеле дека европска вредност е некому да докажуваш кој си и што си. И не е чудо што се сомневаме дали Европската унија воопшто ги почитува своите вредности.

Така што, не туку нѐ замајувајте дека само од нас зависи дали ќе ги продолжиме преговорите за членство, кога видовме дека не зависи. Договорете се таму во Брисел, дали нашата евроинтеграција зависи од нашите достигнувања? Или зависи од Бугарија?

Едноставно е. Како што промената на Уставот со промената на името гарантираше влез во НАТО, нам сега ни требаат гаранции дека кога ќе ги ставиме Бугарите во Уставот ние ќе влеземе во ЕУ. Ако не можете да ни кажете датум кога ќе нè примите, тогаш барем дајте ни гаранција дека за Македонија веќе нема да има ново вето. Без оглед на која тема би било тоа евентуално ново вето, оти ние досега и не сме имале „нормално“ вето, туку вето од бес и од силеџиство.

Никакво вето. Точка. Да имавте лимит на ветата што смеете да ги искористите, веќе си ги потрошивте на Македонија. И тоа на глупости.

4 Се надевам дека следното вето на ЕУ нема да биде на тема корупција. Оти, на таа тема не можеме да ја стигнеме Бугарија која искраде стотици милиони евра од претпристапните фондови. Верувам дека нашите политичари имаат огромен капацитет за корупција, ама сепак, не можат да се мерат со Бугарија. Сепак, тоа е земја-членка на ЕУ.

Многу е интересно како кај нас не може да биде разрешен ниту еден функционер, дури и ако да речеме Државниот ревизор открие финансиски неправилности во институцијата со која раководи, или пак ако Антикорупциската комисија укаже на коруптивни активности. Тоа што ќе го кажат тие – не важи. Оти Владата почитува презумпција на невиност.

Замислете во некоја приватна компанија, ревизорот да открие дека некој директор работел недомаќински, покажал лош резултат, не може да докаже на што ги трошел парите, а газдата да рече: А не, ќе почитувам презумпција на невиност. Не, бре. Штом 2 + 2 не се 4, одма го менува. Не чека на суд да се докажува.

Не знам чуму ни е Антикорупциска комисија која ја биравме со директни преноси на Собраниски канал, чии извештаи Собранието не ги гледало две години, кога нејзините укажувања за коруптивни зделки не ѝ се важни на Владата. Чуму ни е и Државен ревизор, кога Владата не ги менува тие за кои со математика, дека 2 + 2 не се 4, ќе се открие дека работеле недомаќински и неодговорно? Па не ги бркаме од работа. Само ги менуваме со друг човек и им даваме 78 отсто помала плата оти веќе нема да бидат функционери. Што е толку трагично да се смени некој за којшто државна институција утврдила дека лошо си ја вршел работата? Па борба со корупција не е само ако некој заврши на суд. Борба со корупција е и кога институција на која тоа ѝ е работа ќе ти укаже дека некој е корумпиран. Невладини организации и медиуми прават анализи на извештаите за јавни набавки и на државниот ревизор и наоѓаат едно чудо нелогичности, ама Владата почитува презумпција на невиност.

Значи, функционер или директор на јавно претпријатие може да се смени само ако има судска пресуда за корупција. Што самото по себе значи дека функционер може да се смени само ако дојде нова партија на власт.

Па, да покажеше Владата барем малку политичка волја вистински да се бори против корупцијата, со личен пример, тогаш можеби и обвинителите ќе се охрабреа, па и тие ќе почнеа да ги читаат барем извештаите на Државниот ревизор.

Ова е уникатен начин на владеење кога државата не си ги почитува сопствените државни институции. А притоа имаме и вицепремиер за добро владеење. Владата форсира политичка клима дека никој не одговара за лошо работење.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира