ПЕТ ДЕНА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА ДРЖАВАТА ЈА ЧИНИ 41.250, ВО ДРУГИТЕ БОЛНИЦИ 30.844 ДЕНАРИ, НОВ ЦЕНОВНИК САМО ЗА КОВИД ПАЦИЕНТИ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

    ПЕТ ДЕНА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА ДРЖАВАТА ЈА ЧИНИ 41.250, ВО ДРУГИТЕ БОЛНИЦИ 30.844 ДЕНАРИ, НОВ ЦЕНОВНИК САМО ЗА КОВИД ПАЦИЕНТИ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВООд Фондот за здравство велат дека третманот на пациенти со ковид-19 е многу поразличен, почнувајќи од видот и количината на лекови кои се користат, голем број на дополнителни испитувања, па се до протоколите и опремата за заштита на медицинскиот и немедицинскиот персонал во установата;- Возила на Брзата помош пред болницата „8 Септември“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пет дена лекување на пациенти болни од ковид-19 на Инфективна клиника ја чини државата 41.250 денари, а во во другите болници каде што се лекуваа овие пациенти – 30.844 денари. Цената за лекување на респиратор е од 76.375 до 305.500 денари ако пациентот е приклучен на механичка вентилација повеќе од 15 дена.

    Ова се новите цени кои Фондот за здравствено осигурување ги изработи, со цел реално да се пресметаат трошоците за лекување на пациенти со коронавирус. Бидејќи станува збор за нова болест која ја нема во ценовникот на здравствените услуги, од Фондот велат дека болниците досега нерално ги фактурираа трошоците за лекување на заболените од ковид-19.

    Ковид-19 иако е вирусно заболување, не може да се фактурира според цената што пред коронакризата се пресметуваше за лекување на вирусно заболување. Таа беше 26.601 денар, но сега трошоците се многу поголеми. Земајќи ја во предвид моменталната состојба во државата во однос на пандемијата со коронавирусот и неколкукратно зголемените трошоци за третман на овие пациенти, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби достави барање за зголемување на референтната цена со податоци за реалните трошоци за периодот од започнување на пандемијата.

    „Третманот на пациенти со ковид-19 е многу поразличен, почнувајќи од видот и количината на лекови кои се користат, голем број на дополнителни испитувања, па се до протоколите и опремата за заштита на медицинскиот и немедицинскиот персонал во установата. Сето тоа драстично ги зголемува трошоците на установата за третман на овие пациенти, па се укажа потреба за промена на цената.  При пресметување на референтната цена за лекување на ковид пациенти се пресметуваше трудот на медицинскиот и немедицинскиот персонал, трошоците за потрошени лекови и медицински потрошни материјали, режиските трошоци на работењето и трошоците за тековно одржување на апаратите и инструментите“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Фондот за здравство.

    На крајот сите овие поединечни трошоци биле собрани и е добиен вкупен трошок од 11.750 денари по ден за болнички третман на пациенти заболени со ковид-19. Според податоците за бројот на болнички денови на пациентите добиени од Инфективната клиника, направени се пакети во зависност од бројот на денови а потоа тоа е помножено со цената на болнички ден. Па така лекување на пациент на  Инфективна клиника 5 дена чини 41.125 денари, од 6 до 10 дена 82.250, од 11 до 15 дена 141.000, а над 15 дена 211.500. Во Ковид центарот ГОБ „8 Септември“ во Скопје и во другите болници лекувањето е поевтино, односно по 5 дена 30.844 денари, од 6 до 10 дена 61.688, од 11 до 15 дена 105.750 и над 15 дена 158.625 денари.

    За пациентите за кои е неопходно да се третираат со механичка вентилација, од Клиниката е доставена информација дека трошоците за нив се за 30 отсто повисоки од ден од трошоците за пациентите кои не се приклучени на респиратор.  Во пресметката за овие пакети цената за болничкиот ден е за 30 отсто повисока, па така лекување на респиратор до 5 дена чини 76.375 денари, од 6 д 10 дена 122.200, од 11 до 15 дена 198.575 и над 15 дена цената по пациент е 305.500 денари.

    „Земајќи го предвид фактот дека во болниците низ државата се третираат пациенти со полесна клиничка слика, додека потешките се испраќаат на Инфективната клиника, нивните реални трошоци за третман на ковид пациенти се пониски па затоа беше потребно да се направат посебни пакети за нив со пониска рефернтна цена. Во однос на ГОБ „8 Септември“ која беше национален ковид центар и во која исто така се лекуваа најтешките случаи во државата, исплатени се повеќе пари бидеќи таму имаше поголем број пациенти на респиратори, а цената за нив е повисока“, велат од Фондот за здравство.

    Фондот за здравство исто така донесе и нова референтна цена за ковид тестовите во државните лаборатории. Отсега наместо 3.600 денари ќе им се рефундира по 1.850 денари за направен ковид тест.

    А. АНТЕВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира