1 Владата го стави во мирување на три години прогресивниот данок на доход. Шуќур им текна. Оти така како што беше смислен, прогресивно ги оданочуваше само тие што имаат поголема плата и хонорари, а не и крупниот капитал. Оданочуваше знаење и труд, а не богатство. Им го зголеми данокот на тие што ионака редовно си плаќаа данок. Ги казни само тие што уредно го пријавуваа секој денар заработен со сопствен труд и знаење, а не ги чепна тие со сметките на Белизе, оти тие знаат како платите да си ги држат на минималец.
А елитистичките дебати за левичарство и социјална правда, тука, во оваа Македонија, три децении заглавена во посткомунистичка транзиција, да ѝ ги оставиме на Норвешка.
2 Овој викенд, дрвокрадците и тие што ги палат шумите може да одмараат. Премиерот Заев најави интегрирана акција против пожарите и загадувањето. Од собраниската говорница објави дека уште од средата,„седум советници од неговиот кабинет работат на координација на сите инспекторати, не само на инспекторатот за животна средина и на МВР“. Сите инспекторати заедно со полицијата ќе бидат на терен, рече Заев. И додаде дека „на дневна основа ревносно ќе се вклучат за дополнително да придонесат во затворањето на проблематиката на отворени огнови на јавни места“.
Во само две реченици, Заев ја прикажа вистинската ситуација. Дека инспекторите и полицијата не се на терен. И дека не си ја вршат „ревносно“ работата „на дневна основа“. Море, не си ја вршат никако. Со оваа изјава, Заев откри дека тие служби не работат ни од понеделник до петок, ни од 8.30 до 16.30, а не пак навечер, или за време на викенди и празници.
А зошто Владата да биде одговорна за тоа што не работат државните служби? Зошто воопшто постојат директори, заменици директори, началници, советници, советници на советниците, постари референти, помлади референти, кога требаат други седум советници на премиерот да ги тераат да го работат тоа за што примаат плата?
Замислете, оваа изјава Заев наместо во Собрание да ја кажеше на состанок на борд на директори на неговата фирма. Замислете да мора тој, како сопственик, да вработи седум советници за да ги координираат сите директори на оддели во фирмата да си ја вршат работата „ревносно“ и „на дневна основа“. Зошто тоа би звучело нелогично за бизнисменот Заев, а сосема е логично за премиерот Заев?
Сѐ би прифатиле само за да не се труеме. Толку сме очајни и од масовните пожари и од загадувањето на воздухот, така што и секој обид за „затворањето на проблематиката на отворени огнови на јавни места“ го есапиме како ронка надеж. Па дури и приказната за Заев и седумте советници.
3 Ај да речеме, дека интегриранава акција на инспекциите и полицијата ќе трае до идниот викенд. Туку, што правиме кога ќе стигне трамвајот на Петре Шилегов во Скопје? Е дури тогаш каква координација ќе биде потребна.
Сега на пример, стои полицаец на тротоар на Партизанска, некаде помеѓу кафеана и кладилница, гледа паркирани коли и пред кафеаната и пред кладилницата, ама не реагира, оти никој не го координирал. Со среќа нека ни е трамвајот на водород, трамвајот без шини, трамвајот со гуми, како и да се вика новото возило, кога ќе мора да се обезбеди една лента по скопските булевари. Па кај ќе паркираат сега тие што пијат кафе и сакаат да си ја гледаат колата? Како ќе уплатиш ливче во кладилница, или да претрчаш за секунда, ако баш по таа лента се движи трамвајот? Страв ме фаќа кога ќе ми текне, како тој долг, двозглобен, трозглобен, автобус ли е, трамвај ли е, ќе заобиколи некоја кола со вклучени четири трепкачи, а да не го блокира цел булевар. Живот ли е тоа? Еден трамвај, цела лента за паркирање да ти земе. Ајде на протести. Нема лента, нема мир.
Дополнителна безбедносна криза се заканува оти трамвајот ќе вози и накај Чаир. Е дури тука отпорот ќе биде жесток. Замислете, да им се одземе правото на слободните граѓани и борци за човекови права да паркираат на булеварот на Бит пазар и во Чаир. Кога е во прашање правото за паркирање на улица, нема само полицајки да се самоповредуваат од пајак. Ако треба и пиштоли ќе се вадат. Прво гумите на трамвајот ќе настрадаат.
Нам едни големи контејнери ни направија хаос во животот, те педалите биле тешки за притискање, те точаците наместо право да возат по патека, ќе морале да ги заобиколуваат, а не па некој автобус долг 24 метри. Дали само седум советници на премиерот ќе бидат доволни за да се координира трамвајот?
4 Бегството на Игор Спасов, осудениот убиец на Мартин Нешковски, е симболично затворање на кругот што почна со бегството на Никола Груевски. Затоа што, Никола Груевски е симболот на еден режим што ја држеше државата заробена 11 години, а симбол на отпорот против тој режим беа токму протестите за убиството на Мартин Нешковски кога се откри дека власта сакаше да го скрие.
Во меѓувреме избегаа и чуварите на режимот, разузнавачите што прислушуваа под команда на Никола Груевски, Горан Грујевски и Никола Бошковски. Избега и Никола Војминовски, осуден за обид за убиство на пратеник во нападот на Собранието на 27 април 2017.
Главното мото „Нема правда нема мир“ сега веќе и дефинитивно е празна фраза. Кругот е затворен. Сѐ било џабе.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST