КОФИ ЗА ДАВЕЊЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:69:"Не,нестеВИЕлудаци.НИЕсмелудаци

1 А бе, ние метли сме немале. Македонија, лидерот во регионот и за економски реформи и за странски инвестиции и за дуинг бизнис и за туризам и за физичка култура и спорт, имала потреба од метли, џогери и пластични ракавици. Министерството за надворешни работи, по поплавите во скопскиот регион до амбасадите во Скопје испратило список на желби насловен  – апел за помош. И на списокот од странците се бара да ѝ подарат на Македонија 6.000 кофи, 2.000 метли, 1.000 џогери, 5.000 пешкири, 1.400 гумени ракавици, 1.300 рала гумени чизми, 2.000 лопати, 100 копачи, 500 мотики, 50 клешти, 25 гребла, 1.000 мантили за дожд, 100 црева…

Читајќи го списокот на желби потпишан од министерот за надворешни работи Никола Поповски, сфатив дека Македонија, регионалниот лидер во сè и сешто, всушност немала Центар за кризи. А немала ни Дирекција за спасување. Тоа не ме чуди. Што ќе ни е центар за кризи, кога Македонија во последниве 10 години не знае што е криза? А и нема кого да спасува. Пушти телевизија – врие од задоволни граѓани.

2 И носилки за ранети сме немале. Изгледа скапало платното од времето на Тито. Тоа ЦУК и ДЗС имале ли некаков магацин? Ако имале, што чувале во него? Што се тие институции? За што служат? За обезбедување  државна плата за партиски кадри и за утешни вдомувања на помали коалициони партнери?  Единствениот ангажман им бил дека оделе на состаноци. И кога се случи поплавата, први доаѓале и последни си оделе.

Кога министерот и вицепремиер Поповски го правел списокот на желби, сигурно се консултирал со неговиот лидер Никола Груевски.  Оти кога побарал 24 џипови, не побарал штогоде, туку побарал од најскапите. Го специфицирал брендот. На лидери во регионот не им личи ништо под „лендровер дифендер“.  Не може лидерот на партијата што го одобрува списокот како премиер да се вози во мерцедес од 560.000 евра, а ваму за возење низ калта на задоволните граѓани да се користат некои безвезни џипови, за кои не следуваат ни мајбах очила за возачите, ни екранчиња за децата да гледаат цртани.

Побарале и гумени чамци и глисери. Се воздржале, па не побарале и јахта. Сигурно планираат да ѝ ја конфискуваат на Рада. Оти тие свои немаат. Во македонските пристаништа.

3 Тоа што најмногу ме зачуди не е што сме немале Центар за кризи, ниту Дирекција за спасување. Ме зачуди што партијата на власт, која е народна партија сместена во бел дворец што е најчувана зграда во државата, почувана и од Владата и од Собранието заедно, останала без метли. Па самовили ли чистат во оној велелепен дворец?

А, 6.000 кофи што побарале? Веројатно сите кофи што ги има во државата се зафатени во затворите. За самоубивање затвореници.

На списокот има и три моторни пили. Тие веројатно ќе му ги ги дадат како хуманитарна помош на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски. Оти, изгледа на тие што ги има им се затапени сечилата. Овие новите ќе му требаат да досече што останало од парковите низ Скопје.

4 И по оваа трагедија од летниот порој што однесе 22 живота, повторно во ушите ми одѕвонуваат зборовите на поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески. Ние сме лудаци.

Па си викам, не, не сте ВИЕ лудаци. НИЕ сме лудаци.

5 Во сиот овој хаос по тричасовниот дожд на 6 август, единствено беспрекорно функционира пропагандното одделение на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Прво, цела недела нè убедуваа дека поплавите биле божја волја. И дека несреќата на граѓаните не треба да се политизира. И особено, не смее да се бара одговорност од власта.

Откако пропагандата ги прикажапоплавените задоволни граѓани, а СЈО се врати од одмор и почна да потсетува што сè слушнавме во прислушуваните разговори, Центарот за комуникации се јави со подготвена апсолутна вистина. Дека СЈО ја почнало предизборната кампања на СДСМ.

За одговорноста на власта и партиските функционери на владејачката партија не смее да се прашува никако. Мора да се молчи. И да се слуша Груевски што сè му текнува и како дава наредби по телефон.

Па нели СЈО баш за тоа беше формирано? Да истражи токму што сè му текнувало на Груевски и како тоа го остварувал со наредбите што ги давал по телефон.

6 На 3 јуни оваа година на сите куртон вести беше објавен истиот наслов: Македонија лидер на регионот по развојот на физичката култура и спортот.

На 5 август почна Олимпијадата во Рио. Во недела ќе заврши. Хрватска веќе освои седум медали, од кои пет златни. Србија освои четири, од кои еден златен. И Словенија исто. Косово освои еден златен. Бугарија освои еден бронзен.

Македонија учествуваше на Олимпијадата. И остана лидер на регионот во физичката култура и спортот. И остана неприкосновен лидер во куртон вестите.

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира