ДА ОЛАДИМЕ

Ќе чекаме да се појави некој бугарски Ципрас

ДА ОЛАДИМЕ

1 Ај, уште една недела ќе се позанимаваме со Бугарија. Малку Каракачанов за добро утро, Захариева за добар ден и Борисов за добровечер, за мирен сон. Па нека поминат тоа бриселските состаноци и самити, да здивнеме. Да поживееме малку и без Бугарија во нашите животи. Да си гледаме малку во земјата што ни се случува, малку и за нашето здравје да се секираме.

Супер е тоа штo во Бугарија се јавија некои интелектуалци, научници и слободоумни граѓани што ја критикуваат официјална Софија за ветото. Ама тоа за нас нема никакво значење. Нивното влијание е нула за да власта ја смени политиката кон Македонија. Исто како што и влијанието на ЕУ за политиката на владата на Борисов е – нула. Баш ми е гајле дека со ветото Бугарија била неразбрана и си направила проблем меѓу партнерите во ЕУ и ги налутила САД. Можеме ние да си се тешиме колку сакаме дека Бугарија изгубила во очите на ЕУ. Нивното сочувство и нивните симпатии ама баш ништо не ми значат. Тоа не го менува фактот дека ние, баш поради Бугарија не можеме ни да ги отвориме преговорите за влез во ЕУ.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји веќе изјави дека Македонија треба да излезе во пресрет на загриженоста од Бугарија. Толку веќе научивме во изминатите триесет години, дека притисокот секогаш е кон послабиот. И во иднина, целиот притисок ќе биде врз нас. Од нас ќе се бара да ги исполниме барањата на Бугарија, а од Бугарија не се бара ништо. Ние наивни верувавме во европски вредности, па не очекувавме дека за да се посветиме на иднината, треба да преговараме прво за минатото. Ама, ете ни се случи и тоа дека треба да преговараме дали постоиме или не. Бугарија едноставно не може да се помири дека постои Македонија со македонски народ и македонски јазик. Тоа е реалноста во ЕУ. Сѐ друго се кафеански муабети.

Затоа, можеби не е лошо малку да оладиме. Ако цената за почеток на преговори со ЕУ е да се задоволат бугарските барања за непостоење македонски народ и македонски јазик и ако ЕУ тоа го поддржува, тогаш можеме и ние да го замрзнеме нашиот процес на пристапување, па да почнеме да се занимаваме малку со себеси. Ќе чекаме да се појави некој бугарски Ципрас и да се наместат геостратешки коцките, па белким некој Заев во тој момент и ќе нѐ внесе во ЕУ.

А овој, сегашниов Заев, засилен со Владо Бучковски нека си разговара колку сака и до кога сака со ова бугарско раководство. Како што им влегува во муабетот, од Софија уште повеќе му се силат. Колку што е Заев пољубезен, толку „браќата“ му измислуваат нови закачки. Од Бугарија гроб ни копаат, а ние уште и лопатата им ја остриме да нѐ акнат поефикасно по глава.

2 Заев добива меѓународни награди за меѓународни успеси. Како ли дома не ја покажа таа храброст и визија за која го наградуваат? Барем дел од таа решителност за надвор да ја покажеше тука, за да направи коренита промена на системот. Да го смени начинот на владеење базиран на партиски привилегии и кумашински врски. Тоа би било револуционерна промена.  Оти, квалитетот на живот не ми зависи од глупостите на Каракачанов и на Захариева. Животот веќе 30 години ни зависи од партиски апаратчици и нивните размазени деца. Утре, кога ќе излегуваме на избори, нема да гласаме за тоа што кажал Заев за бугарски медиум, туку што направил дома.

Па ако веќе мораме да правиме пауза од бркањето датуми поставени од Брисел, тогаш Заев барем нека ги искористи сите тие што досега напорно работеа за ЕУ, да работат за примена на европските правила дома. И нека ја стегне малку тоа администрацијата што готви онлајн од дома, да поработи и за општо добро. Ако не можеме ние да одиме во ЕУ, тогаш нека ја донесе ЕУ тука. Ама, да видиме дека нешто се движи. Дека има промени. Дека не се сите исти.

Не ме интересира веќе што има да каже секој фрустриран историчар од Софија. Ме интересира дали воздухот ќе биде чист. Дали законот ќе важи за секого неселективно, од сообраќајни прекршоци до организиран криминал. Дали урбанистичките планови не се корумпирани и  обезбедуваат хумано живеење. Дали се мисли на граѓаните, или само на инвеститорите. Дали тендерите се подготвуваат за да ги добие најдобриот. Дали државниот апарат се полни со неработници на кои партијата им е единствениот капацитет, а не знаењето, па добиваат сила на сите да ни се мочаат врз глава. Конечно, дали ќе заврши политиката на казнување на чесните, а наградување на безобразните.

Тоа беа надежите на оние што помогнаа Заев да дојде на власт во 2017. Уште се плашиме дека секое запирање на евроинтеграцијата ќе значи враќање на режим.

3 Толку ли не се најде еден, барем еден пратеник од опозицијата кој ќе се одвои од партиското стадо за да не учествува во блокирањето на Собранието со илјадници бесмислени амандмани среде пандемија, додека луѓе умираат по болниците од ковид-19, медицинските лица се истоштени, работниците остануваат без работа, а стопанството чека помош? Барем еден да се најдеше што нема да ги рецитира насоките од партијата. Барем еден да се запрашаше : Кому правиме штета? На СДСМ? Или на себе и на своите сограѓани?

Пратениците од опозицијата не ни кријат дека не ги интересира квалитетот на законите. Не ги имаат ни прочитано. Мртви ладни кажуваат дека блокадата ја прават само за да докажат оти власта има тенко мнозинство. А луѓето нека умираат по болниците. Таман. После ќе даваат изјави пред истите болници дека системот не чини. И ќе се повозат со колите, демек протестираат.

Не можам ни да помислам дека постојат пратеници на кои им е поважно да собираат лајкови на Фејсбук, отколку да им помогнат на граѓаните што ги гласаа во ненормални услови. Оти и нивните  гласачи се разболуваат, умираат и остануваат без работа.

Викаат дека со поднесувањето амандмани играле мајтап. Многу биле смешни. Да. Стварно е смешно кога некој со 70.000 денари плата, плус патарини и дневници и членување во комисии, му блокира 6.000 денари на некој што чека помош од државата.

Едно е да сакаш да дојдеш на власт, а друго е баш да ти е гајле за граѓаните. Ние од нив бараме да покажат пратеничка свест, а тие ни човечност не покажуваат.

4 Зборуваме за некакви историски комисии, со Самоил се занимаваме, за Гоце Делчев се жестиме,  а забораваме што било речиси вчера. Па ВМРО-ДПМНЕ не се однесува ништо поразлично од пред само четири години, кога протестираа пред ДИК и се закануваа со „ноќи на долги ножеви“. Потоа Груевски повика да не се седи дома по папучи, па го нападнаа Собранието на 27 април 2017. Мицкоски сега го цитира Славко Јаневски, а ВМРО-ДПМНЕ го лустрираше 13 години по смртта. Судија умреа по нарачка за лустрација. Заборавивме дека пратениците им се шетаа со бугарски пасоши и со бугарски таблички на колите. Заборавивме кој го вееше знамето на Вергина на Олимп и кој го омаловажуваше Блаже Конески нарекувајќи го „џуџето од Небрегово“. Ене го. Антонијо Милошоски, агрегаторот за лажни вести во бугарските медиуми, кој сега најгласно ја обвинува власта дека ѝ се предава на Бугарија.

Всушност, целата политика на ВМРО-ДПМНЕ е блокада на државата. Што да очекуваш од Христијан Мицкоски? Откако им избега почесниот, парализирани се и немаат идеја што да прават. Блокадата е сѐ што можат да понудат. И уште триесетина коли за трубење по улици.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира