САГА ЗА ВАКСАЈНОВИ

Малку ни беше чекање датум за ЕУ, сега уште и Кинеска нова година ќе исчекаме

САГА ЗА ВАКСАЈНОВИ

1 Стигна соопштение од Кабинетот на Артан Груби со кое се известуваат медиумите дека „првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците ќе учествува во поставувањето на новите тријазични патокази на македонски, албански и англиски јазик на Коридорот 8 од страна на ЈП ‘Македонија пат’ и Јавното претријатие за државни патишта“.

Мало потсетување за тие што не се од тука. Годината е 2021. Длабоко навлезени во 21 век. Во светот владее пандемија. А вицепремиерот на една европска држава што е членка на НАТО учествува во поставување сообраќајни знаци. И медиумите известуваат за неговото учество. Ај што не ми е јасно на кој начин вицепремиер  „учествува“ во поставување патоказ. Копа ли дупка покрај патот, става столпчиња, пишува ли на таблата, ја брише од прашина…? Туку, не е ни обичен вицепремиер. Прв е.

И после се чудиме зошто никако да стасаат вакцините против ковид-19.  Изгубени се по пат оти досега немаше патокази и на албански јазик.

2 Изминатава недела земјава забележа голем напредок во вакциналниот процес. Покрај фрижидерите и голите надлактици, веќе имаме и список на граѓанки и граѓани со изразена намера за вакцинирање. Исполнети се три од четири елементи потребни за имунизација. За оваа фаза на процесот тоа е сосема океј.

Фалат магнетчиња за фрижидерите, ама тие ќе ги набавиме од Кина во следната фаза кога ќе почнеме да развиваме вакцинален туризам. Бидејќи ние имаме најразвиен угостителски сектор. Хотелиерите бараат тие да бидат во првата група за вакцинација со сестрите и лекарите, кафеанџиите бараат работното време да им биде неограничено… Ако немало свадби ќе ја блокирале државата со протести.

Туку, како тргнала работава, еве ги вакцините, ене ги, утре ќе дојдат, деновиве ќе дојдат, кај и да е и јули- август ќе нѐ фати, па таман во туристичка сезона ќе се вакцинираме. Чекањето е во согласност со нашата традиција. Чекаме датум. И таман ќе стаса датумот, нешто ќе се искомплицира. Па чекаме нов датум. И таман ќе дојде новиот датум, оп – технички детали се во прашање и ете ти нов датум за чекање. Уште Кинеска Нова година ни фалеше. Сега и таа ќе ја чекаме. Што сè не сме дочекале па и таа ќе помине.

Толку е напната приказната за вакциниве и толку непредвидени заплети има, да почне човек сега да пишува роман „Сага за Ваксајнови“ бестселер ќе стане уште во ракопис. Најзадрт антиваксер да си, во ваксер ќе се претвориш. Инает те фаќа. Па криво ти е. Цел свет го чипираа, само нас – не. Ни за едно чипирање не нѐ бива.

3 Многу големо достигнување е ажурирањето на членството на СДСМ. Луѓето си ги ажурираат личните податоци во партискиот список и се отепаа од сликање и фалење на Фејсбук.

За нас што немаме список каде да се ажурираме, малку е чудно зошто вообичаена партиска активност е вест од јавен интерес. Што е тука драматично? Зошто членовите на партијата не би се ажурирале? Зарем во СДСМ очекуваа  членовите да не си си го ажурираат членството сега, кога партијата им е на власт? Демек, изненадени се од лојалноста.

Па уште и фрази ни продаваат – Граѓаните ги препознаваат успешните политики на СДСМ. Абе, ај. Па на власт сте. Не се тоа граѓани. Тоа се партиски членови кои си ги препознаваат привилегиите што може да им ги донесе партијата што е на власт. Што не се ажурираа додека беа опозиција, кога ВМРО-ДПМНЕ си се пребројуваше колку е силна по автобуси, сендвичи и и митинзи?

Не ми пречи нивната партиска активност. Ниту пак ми е гајле. Ама, сепак боде очи таа помпа што ја прават со членувањето во партија оти знаеме дека ова не е нормална држава. Оти знаеме дека кај нас во партија не се влегува оти имаш некаква идеологија. Туку затоа што не можеш да си бркаш работа, ни приватна, а уште помалку државна, ако не си член на партија. Таквото јавно пребројување, сакале или не, ги издвојува како некои што се порамноправни од другите што не се членови на партија.

И затоа што секогаш неажурираните плаќаат за да може ажурираните да земат плата.

4 Лекарка од Србија што немала лиценца за работа во Македонија оперирала во болницата во Битола каде што работел сопругот. Поради овој инцидент двајца други лекари се суспендирани, а уште седуммина се казнети. Колку што се дозна досега, царскиот рез бил успешен.

Директорот на Струшката болница, што за среќа има македонска лиценца за работа, уште е директор, иако инспекцијата откри дека дома има дива ординација во која прегледувал. А пациентка тврди дека покрај царскиот рез ѝ извадил уште три органи. И тој уште оперира. И никој не е ни казнет.

Па ако бара лекаркава од Битола работа во јавно здравство, нека конкурира за директор во Струга. Мала маана е што е од Србија, која не е баш добра референца за членство во ДУИ. Инаку, едно ДУИ ажурирање ќе ги спасеше сите од казна. Кога веќе си решил да се зачлениш во партија, а ионака не се зачленуваш поради идеологија, најисплатливо е да се зачлениш во ДУИ. Ажурирај се таму каде што партијата ти гарантира дека не те фаќа ни Устав ни закон.

АУДИО ВЕРЗИЈА

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира