1 Дали премиерот Зоран Заев уште спие на тоа уво дека со гушкање ќе ги убеди бугарските политичари да го дигнат ветото за почеток на преговорите со ЕУ? Замислете, и од него дочекавме да изјави дека условите што бугарскиот претседател Румен Радев ги кажал на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија се навредливи за Македонците. Шуќур, му текна, откако претходно се топеше со милозвучни зборови за „браќата“, „пријателите“ и соседите, исфрлаше тези за сличноста на јазикот, какви му биле корените, бараше заедничка историја , ќе го бришеше „бугарски фашисти“ од спомениците на жртвите од бугарскиот фашистички окупатор… Откако си ја презеде улогата на лингвист, историчар и чувар на гробишта и спомен-плочи, отпосле му текна дека тоа што го бараат Бугарите е навредливо.
Само тоа може да биде придобивка од Самитот на Брдо кај Крањ во Словенија, на кој Европската унија донесе исти заклучоци како на Солунскиот самит во Порто Карас пред 18 години. Дека и Заев, по сите понижувања што и самиот ги истрпи во изминативе година и пол од бугарската блокада и по сите пизмења што си ги предизвика дома, конечно се навреди. Се правеше слеп при очи две години и сега одеднаш – Еј, а бе, овој ме навредува. Со пријател како Бугарија, други душмани да не бараме.
Не знам само, зошто уште се занесува дека можеби процесот ќе се одблокира по претседателските и парламентарните избори во Бугарија на 14 ноември. Кој и да дојде за претседател, кој и да формира влада – исто ќе биде. Тоа масовно делење бугарски пасоши на Македонци, за кои Радев вели дека се дискриминирани Бугари во Македонија, не беше само за прибирање мито за сопартијците на Каракачанов. Не ги дели бугарската држава тукутака нивните пасоши за македонските граѓани што бараат работа во ЕУ. Тоа си е бугарска државна политика која допрва ќе ѝ нанесува штета на Македонија. И тоа бугарскиот претседател Радев јасно си го соопшти пред неговите европски партнери во Словенија.
Всушност, Радев со барањето за бугаризација на Македонија јасно си кажа дека Бугарија ѝ е најголем непријател на Македонија. Една ронка од пријателството со кои им се полни устите не покажаа во последниве две години. А сме потпишале Договор за пријателство. Тие го прекршија договорот и сами се прогласија за непријатели. Создадоа уште една генерација што ќе страда од омразата. И што побрзо државниот врв го сфати фактот дека ние си имаме работа со непријател, толку побрзо ќе се консолидираме дека умилкувањето не била добра стратегија. Ни за надвор, а за дома па – ич. Оти, тука не станува збор за политичката кариера на Заев. Тука станува збор за опстанокот на државата.
2 Што е, ако не е непријателство, да измислуваш глупави аргументи за некого да малтретираш и да му го загорчуваш животот, само затоа што си посилен оти си членка на ЕУ. И тоа го правиш најотворено и најбезобразно. Кој, среде Европа во третата деценија на 21 век, би можел да помисли дека некој ќе ти рече – Ти не постоиш и нема да постоиш додека сум јас членка на ЕУ? А Европската унија во 21 век го има истиот одговор како од 19 век – Тие се во нашата империја, а вие не сте.
И што можеме да заклучиме по бесцелниот Самит на ЕУ во Словенија? Дека Бугарија ни е непријател, а на Европската унија баш ѝ е гајле за тоа. Не дека на земјите од ЕУ не им е сеедно што шест земји од Балканот се како црна дупка среде Европа, со секојдневен ризик за нестабилност на нивните граници. Ама, во моментов не им пречи. Изгледа ќе мора нас многу да нè заболи тука, во регионов, за и ним да почне да им пречи. Не дај Боже да се повтори таа балканска историја.
Бугарите се фатиле со нашето минато оти не можат да се справат со сопственото. И сè додека оваа европскава Бугарија не си го отсонува сонот за Санстефанска Бугарија од 1878 година, нашиот сон за Европска унија ќе остане неотсонуван. Ама, животот е јаве. Од соништа не се живее. Чаре мора да се бара.
3 В понеделник е 11 Октомври. Ќе одбележиме 80 години од почетокот на антифашистичката борба. Ќе дебатираме дали од спомениците на жртвите од фашизмот да го бришеме „бугарски фашистички окупатор“. За да влеземе во ЕУ.
4 Првите резултати од истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница покажаа дека причина за трагедијата, во која загинаа 14 луѓе, е искра од краток спој предизвикана од кабел на дефибрилатор приклучен на продолжен кабел. Затоа и премиерот Заев не ги прифати оставките на министерот за здравство Венко Филипче и Илир Хасани. Оти, кабелот е крив.
Божем, кабелот сам се приклучил на дефибрилаторот. Како да нема правила како се употребува дефибрилатор, особено ако пациентот е вклучен на довод за кислород. Како да не се знае дека употреба на продолжен кабел е ризик и за помали апарати.
Ама, што туку правиме муабет за правила и протоколи, кога во болницата, во Ковид-центарот пациентите ги негувале нивни роднини. На Инфективно одделение, среде пандемија влегувал кој како сака, а ние академски дискутираме за сигурноста на продолжениот кабел.
Впрочем, што правиме муабет за правила и протоколи, кога директорот на болницата Флорин Бесими незаконски бил вршител на должноста директор цели 11 години. Никој досега не кажа како можело некој да биде в. д. директор 11 години, па макар бил и од ДУИ, па макар бил брат на министерот за финансии.
Филипче и Хасани не се виновни за пожарот, оти тие не го донеле продолжениот кабел во Тетовската болница. Но, не можат да избегаат од одговорноста како ги раководат политиките во јавното здравство, што доведе до оваа трагедија. Затоа, Заев требаше да им ги прифати оставките.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST