1 Односите со Бугарија влегуваат во нова фаза – поетско романтична. Посетата на новиот бугарски премиер Кирил Петков почна со изјавата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски дека ова е „првиот голем исчекор“, а заврши со еуфоричната фејсбук објава на новиот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ „со цврсто подадена рака и срдечен поздрав…“
Од толку поезија до ова дереџе дојдовме. И Заев така беше еуфоричен уште од 2017. Се гушкаше со Борисов, се сликаа пред споменици, пробуваше да зборува бугарски по нивните телевизии, им се умилкуваше со „браќа, сестри, пријатели, комшии…“. Е, ете – на крај Бугарија му ја запечати политичката кариера.
Дека браќа не сме – не сме. Тури му пепел на тоа братство. Брат на брат не му го прави тоа што Бугарија ни го прави нам. Најмногу што можеме сега е да пробаме да бидеме пријатели.
И премиерот Ковачевски зборуваше за Петков како пријател. Од каде пријатели, кога првпат во животот се гледаат? Тоа што бугарски премиер ќе дојде насмеан и ќе се гушка без маска, не значи пријателство сè додека доаѓа да го реализира тоа што му е напишано во националистичкиот документ на нивното Собрание и умешно избегнува да спомене „македонски јазик“.
Ќе бевме пријатели ако веќе беа почнати преговорите со ЕУ уште пред една година и ако во рамките на отварањата на поглавјата пуштавме и авионски линии, отваравме нови гранични премини, лесно минувавме граница, ќе градевме железници… Ќе преговаравме во Брисел, а не да се фалиме дека сме формирале работни групи што ќе се рашетуваат преку Деве Баир секоја недела. Ќе немаше потреба ни да трескаме глупости дека нема да ја нападнеме Бугарија – нота до ОН, краткото име, долгото име, и тоа да го претставуваме како огромен успех на патот кон ЕУ.
Ќе бевме пријатели ако заедно веќе ги користевме пристапните фондови за ЕУ, а не вака со уцени да разговараме.
Го испофалија Петков дека како нов бугарски премиер „праќа добри сигнали“. Не се мамиме ние веќе на сигнали. Само еден е добриот сигнал – нека го симне ветото за Македонија. А исчекорот за кој зборува Ковачевски ќе биде вистински кога Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ.
Ковачевски за себе вика дека е реален оптимист. Јас не би бил ни претпазлив оптимист. Би бил само претпазлив.
2 Албанскиот премиер Еди Рама тоа што им се случува на неговата и на нашата земја го срочи во една реченица во интервју за „Фајненшел тајмс“: „Денес, проблемот не е балканскиот национализам, туку национализмите на ЕУ“.
Ние тука, на Балканот, триесет години зборуваме за европски вредности. Ги слушавме дисциплинирано. Правевме сè што ќе ни кажеа. Им постилавме црвени теписи, им подарувавме сребрени пеперутки, тие ни раскажуваа вицови за Сибелиус, ни го враќаа саатот назад, нè малтретираа пред конзулатите и на граничните премини…
Каде се тие што триесет години ни викаа да гледаме во иднината, а сега нè тераат иднината да ја проектираме врз вредности од деветнаесеттиот век? Збунети сме. Кои се сега европските вредности? Бугарските ли се европски вредности, унгарските ли се, полските ли се… Многу се.
Федерика Могерини и Јоханес Хан кога се сликаа на потпишувањето на Преспанскиот договор беа дојдени приватно на прошетка или ја претставуваа Европската унија? Таа ЕУ сега ги погазува сопствените вредности и тоа врз една исклучително ранлива земја, а се правда дека „такви им биле правилата за одлучување“. А што, да не не ги знаеја правилата кога го лажеа Заев дека ќе добиеме датум?
Промената на името на државата не беше ли доволно понижување? Колку понижувања во единица време може да издржи еден народ?
3 Новиот вицепремиер Бојан Маричиќ нека продолжи со изјавите дека не било наша работа да кажуваме дали има македонско малцинство во Бугарија. Петков и Радев нека продолжат да даваат изјави дека македонско малцинство во Бугарија нема. Али Ахмети нека продолжи да изјавува дека не гледа ништо лошо да се стават и Бугарите во Преамбулата на Уставот. Европските партнери на Бугарија нека продолжат да наоѓаат оправдувања кога една земја на ЕУ не признава пресуди на Европскиот суд за човекови права и националистички се изживува врз друга земја што сака да стане членка на ЕУ.
Така што, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски може слободно уште веднаш да престане да бара предвремени избори. Нека си пешачи секој ден на Водно и спокојно од високо нека гледа сеир што сработиле работните групи во Софија и Скопје. Нека потрае ова со Бугарија, сигурно ќе победи. Па ќе може и Влада со Апасиев да си направи, па ќе ги видиме и нивните работни групи.
И – ќе почнеме одново. Ќе ни доаѓаат европските чувари на вредностите и ќе нè обвинуваат дека сме избрале националисти. Ќе викаат: „Што да правиме? Сами си ги избравте!“.
А бе, сами си ги избравме. Ама, вие од ЕУ, кампањата им ја водевте.
4 Потсетувајќи се на сите романтики на патот за ЕУ, се навратив на моја колумна од 12 ноември 1994 година, кога сум забележал дека шефот на набљудувачката мисија на КЕБС (сегашно ОБСЕ) Ламберт Келштермантс изјави дека ја гледа Македонија со романтична иднина, „како излезот на сонцето во Колорадо и залезот на сонцето на вашето езеро”. Тогаш, вознемирен од европската романтика, сум напишал: „Излез, залез… Црвено. Крваво црвено. Или, како што би рекол еден друг поет: ‘Сонце да зајдвит, ја да умирам…’ Апсолутно романтично! Не дај боже“.
28 години подоцна, веќе не се ни вознемирувам од европската романтика, а камо ли да се возбудам како Бојан Маричиќ.
5 Тоа што верниците кои скокаа по крстот во Вардар го исмеаја премиерот Димитар Ковачевски викајќи „Никогаш Северна…“ можеше да се очекува. Тоа што им влезе во јадрото на најтврдите националисти, можеби е пркос. Ама, што туку се пика таму кај што не му е место? Што бара премиер на верски обреди? Пушти честитка и бркај си работа.
Па, токму на примерот на Заев се виде дека популизмот не пали кај гласачите од кои зависи дали СДСМ ќе дојде (и остане) на власт. Остави го Мицкоски кој на Водици отиде и во Охрид на пристаниште да дава изјави за предремени избори. Со ништо Ковачевски не може да ги придобие гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, особено оние што му викаат „Никогаш Северна… Нека гледа да не ги разочарува оние чии што гласови секојпат биле клучни за СДСМ да победи на избори.
6 До премиерот и до поглаварот на МПЦ-ОА г. г. Стефан стоеше и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. На Водици гледавме директни јавувања на јавниот сервис од повеќе градови, а новинарите им земаа изјави на градоначалниците. Што има политичар да соопшти по повод јавувањето на Господ?
Политичарите, особено оние што се избрани од народот, си имаат други, тешки крстови за носење. Никој од нив не е избран да дава мислење за Божјото крштевање. Се знае на верски настан кој зборува – попот, или оџата. Што има градоначалник да изјави по повод настан што се случил пред две илјади и дваесет и две години?
7 Новата германска влада сака да привлекува по 400.000 луѓе годишно за да не ѝ страда економијата во периодот на закрепнување по пандемијата.
Па нека нè префрлат во три-четири тури. Ќе биде тоа трансфер на заедничко задоволство. Ниту ние ќе страдаме, да се понижуваме за бугарски пасоши за да им се иселиме во ЕУ, ниту ќе страда германската економија. Сосе поколенија ќе им отидеме. И нашата иднина и нивната ќе ја обезбедиме. Без да влеземе во ЕУ.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST