ЈОВАНО, ЈОВАНКЕ

Америка да нè брани, ама Путин да нè води

ЈОВАНО, ЈОВАНКЕ

1 Не знам од каде потребата да се зазема страна помеѓу Русија и Америка за војната во Украина. Да им се ситиш на Американците затоа што Русите тепаат Украинци. Суверена држава го нападна комшијата – друга суверена држава.  Оправдуваш агресија на голем сосед со империјалистички амбиции, во ситуација кога и дома си опкружен со такви соседи. Русија е во право што изврши агресија на Украина, а Украина е виновна затоа што се брани.

Кој се радува на умрени деца? За какви вредности зборуваме? Вредност ли е да се радуваш на два милиона бегалци, на бомбардирани болници?

Најлесно е да кажеш – мирот да надвладее. И – да запре војната. Имаше еден плакат на протестите за поддршка на Украина, „Ако Путин  престане да напаѓа, ќе запре војната. Ако Украинците престанат да се борат, ќе останат без држава“. Како да надвладее мирот кога некој ти влегува дома и те тепа? А другите во маалото ти викаат „Ај предај се, дај му ја куќата, тој е појак, да не ти страдаат децата“. Па уште и ти попуваат: „А на Петко кога му влегоа дома и му ги силуваа децата, тогаш зошто не се бунеше“.

А никако не можам да ги разберам оние замотани со знамињата од Вергина, кои од Фејсбук советуваат дека украинскиот претседател Зеленски треба да се предаде за да не гинат цивили, оти Русија е појака. Ама, затоа ќе го враќаат името и „наше ќе биде и Солунско Поле“. Особено оние патриоти на далечинско управување што живеат по Америки, Канади, Австралии и најсилните земји-членки на НАТО во Европа. Има нешто чудно во ситуација кога НАТО ти ја гарантира безбедноста, а ја величаш Русија. И уште почудно, да очекуваш Америка да те брани, ама Путин да те води.

2 Која е таа самобендисаност, сезнајство и опседнатост со себеси, за да се сомневаш дека кралска гарда формирана пред пет века што ја чува кралицата во Обединетото Кралство, земја што има кралски протокол, ќе го смени протоколот само за да ја понижи Славјанка Петровска, а со тоа и Македонија. Командирот на гардата ја поздравува министерката за одбрана на македонски јазик, гардискиот оркестар ја преработува македонската народна песна „Јовано, Јованке“ во чекорница, а фејсбук стручњациите за протокол и другите ботови на социјалните мрежи во тоа открија заговор дека Велика Британија ја понижила Македонија. Намерно не ја свиреле химната оти во неа се споменува Гоце Делчев.

Ситуацијата толку ексалираше, што мораше да се јави и Британската амбасада со објаснување – извинете, ние не би сакале да се мешаме во вашата стручна расправа, ама да ви кажеме дека според протокол, државната химна се свири само кога доаѓа претседател или премиер, а обработката на македонската народна песна кралската гарда ја направи во знак на почит кон  министерката.

Не е важно што има да каже Британската амбасада. Стручната јавност ја прошири дебатата со играње мајтап и навреди за физичкиот изглед на министерката.

Замислете па каков заговор ќе беше откриен ако ја свиреа химната. Тогаш ќе прашуваа: А зошто не ја пејат – Гоуси Делсев, Пајту Гали… Оти ние знаеме што е протокол, а кралството не знае. Кралската гарда што ја изведе „Јовано, Јованке“ е формирана во 1650 година. Ама, каде биле тие кога Свети Павле шетал низ Паљурци, меѓу нас Библијците?

3 Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во интервју за Макфакс рече дека за Бесмира Ејупи, која Владата на затворена седница ја предлагала за конзулка во Њујорк „се дигнала хистерија дека таа е млада, жена и Албанка“.

Е ај сега, штом е Албанка, да стрепиме. Да не ги нарушиме меѓунационалните односи ако го поставиме единственото логично прашање: како дошло до тоа Владата на тајна седница да расправа да прати за конзулка во Њујорк 28-годишна ТВ презентерка? Дали затоа што е млада, жена или Албанка?

4 Ај сега, дека се Албанци да не прашуваме и како се случило министерот за финансии Фатмир Бесими да потпише приватизација на државно земјиште во центарот на Скопје за 7 евра квадрат на градежникот Фатмир Етеми.

Сè е по закон. Министерот Бесими вели дека приватизацијата е согласно Уредба донесена во 2011 година од Владата на Никола Груевски.

Од СДСМ велат дека цената на земјиштето спроти „Нова Македонија“ е формирана од Владата на ВМРО-ДПМНЕ со потпис на Никола Груевски и сегашната состојба е последица на нивното долгогодишно узурпирање на Центар. И најавија дека ќе ги сменат сите закони и уредби од ВМРО-ДПМНЕ кои уште предизвикуваат штета.

Ајдееее. Кога? Шест години не ги сменија ни законите ни уредбите. На времето, критикуваа како се распродаваше државното земјиште. Ама кога дојдоа на власт си ги зачуваа истите прописи, оти им требаат. Наша банда – ваша банда. И сите им се криви. И Груевски, и неутралните, и граѓанските здруженија, и зелените и Данела… Никој од тие што сега им се криви што ги изгубија изборите не го спречуваше СДСМ во шесте години власт да ги смени законите и уредбите. И што е најтрагично – уште не им е јасно каде им се изгубија гласовите на последните локални избори. Со овој памет, нема ни да им биде јасно.

Онаа дивоградба што ја загрозува безбедноста на Плоштадот Македонија во Скопје, а која Груевски и Субрата Рој ја промовираа и се крена како споменик на Мајка Тереза, треба да се прогласи за Споменик на неспособноста на СДСМ. Ако околните објекти со лажните барокни фасади се споменик на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш запуштеноста на срцето на главниот град, сосе бетонската грдосија насадена среде улица, ќе сведочи за неодлучноста и некадарноста на СДСМ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира