1 Ниту една земја не се соочувала со нестабилност предизвикана од пристапни преговори со ЕУ. Нашата опсесија со ЕУ, еве веќе триесет години, се должи на нашата верба дека членството во таа заедница на држави ќе ни обезбеди стабилност и просперитет. И што се случи? Наместо да обезбеди стабилизација, ЕУ преку Бугарија ја дестабилизира Македонија.
Тој преседан што го направи ЕУ со Македонија ќе има долгорочни последици не само за нас туку и за нив, оти отвара широка врата за поттикнување на недемократските сили, без оглед дали се сега руски, а утре кинески или којзнае какви. А ЕУ од ароганција тоа не сака да го види.
Не сакам ни да замислам што ќе се случеше ако некој загинеше во тој навидум банален инцидент со пукање на плоштадот Скендербег во Скопје додека минуваше поворката демонстранти против францускиот предлог.
Сега сме со срцето во Македонија, а со умот во ЕУ. И да ја прифатиме и да не ја прифатиме преговарачката рамка ние сме соочени со нестабилност. Не затоа што македонскиот народ не сака во ЕУ, туку затоа што му беа поставени уникатни услови што го навредуваат достоинството. Почнавме со Копенхашки критериуми, продолживме со бенчмаркови, прво вето, второ вето, преговарачка рамка и завршивме со – протоколот. Дојдовме до сознание дека кога на ЕУ ќе ѝ загусти, како што е сега притисната со војната во Украина, енергетската криза и ковид кризата, таа е спремна да ја жртвува и темелната цивилизациска вредност – правото на самоопределување. Колку и да нè убедуваат дека не е така, на крајот на тоа се сведува. На работната тетратка по историја од шесто одделение.
Добредојдовте во реалниот свет во кој изразот „европски вредности“ е фраза без содржина. Тоа што ние сме имале илузии за ЕУ – тоа е наш проблем. Не е проблем на ЕУ. А ние, бидејќи сакаме да бидеме дел од тој клуб, со тоа треба да се помириме.
2 Во секој случај, да не се плашиме дека ќе ни биде досадно. Ако се прифати предлог-преговарачката рамка, допрва нè чека уште една промена на Устав и сите драмолетки што следуваат со тоа – седници до зори, јавни расправи, пребројувања, купување пратеници, ветување директорски места, странски пријателски пораки, протести, блокади …
Историски моменти колку сакаш нè чекаат.
3 И така, Бугарија како најголемиот руски крт во Европската унија успеа да ја дестабилизира Македонија. ЕУ си го бере своето гајле. ВМРО-ДПМНЕ, ваква нереформирана и неисчистена од криминалците, си ја враќа силата со популизам и национализам. Проруската, анти НАТО и анти ЕУ Левица се зајакнува. Корумпираните насилници од ДУИ што никој не смее да ги казни ни солат памет за европски вредности. А кариеристите од СДСМ си ја кријат неспособноста со ароганција и етикетирање.
Ние пак, остануваме лути, незадоволни и навредени што и власта и опозицијата ни ја навредуваат интелигенцијата со катастрофична фантазија за иднината, затоа што гледаме дека нема кадарен да ја одработи ни сегашноста.
Па кога викаат, не е фер, предлогот не е најдобар, ама ќе се бориме, ќе се докажуваме, ќе преговараме, ама ќе бидеме внатре, во рамката, на иста маса, се прашувам – од Марс ли ќе ни ги донесат политичарите за преговарање? Овие, од сите власти досега, со години не можат амбасадори да постават во светските центри оти не знаат како партиски да си ги поделат местата, а ваму ветуваат убедување со 27 земји-членки поддржани од САД. Која администрација ќе ја организирате во процесот? Таа што две години по ред не може на време да обезбеди свидетелства на крај на школската година? Политичарите тука не можат ни тротоарите од коли да ги ослободат, ама со одлучност ќе ги бранат националните интереси во Брисел.
Видете со кои аргументи нè убедува претседателот Стево Пендаровски дека треба да се прифати францускиот предлог. Дека како држава со 1,8 милиони граѓани и 500 евра просечна плата не сме можеле да издејствуваме подобра преговарачка рамка.
Не е така. Претседателот требаше да каже дека толку можеме со овој капацитет на политичари. Со овие политички елити што владеат со земјава последниве триесет години меѓу кои е и тој. Човекот кој на почетокот на мандатот рече дека кога не би бил претседател и тој би се отселил од Македонија. Врховниот командат кој се исплаши од 30 хулигани со камења па не се појави на закажано интервју на телевизија.
Па и Словенија е мала. И Естонија, Латвија, Летонија, Кипар… Малта пак, ептен мала. Ама, тоа е нашиот став кон животот воопшто – чекај сега, мали сме, да не се налути некој, ај не прашувај многу, види дали може некој да помогне, да нè бутне, па ќе се туфкаме, ќе си ги кршиме прстите. И ќе викаме, ќути може да биде и полошо.
И после се чудиме зошто власта повеќе ѝ го бере гајлето на Европска унија, отколку нашето гајле. Ако е очигледно дека на Европјаните сега, со војната во Украина, толку им е важен и Западен Балкан, што не им рекоа нашите: „Дајте подобар предлог!“.
И сега, нема што да се чудиме кога таков дефанзивен став нè доведе до оваа ситуација на избор помеѓу нестабилност со „Да“ за преговарачката рамка и нестабилност со „Не“ за преговарачката рамка. Па единствениот „прагматичен излез“ што се нуди е седнување на преговарачката маса со ЕУ земјите, да ги земеме парите од пристапните фондови и ако 27-те земји продолжат со бугаризација на пристапниот процес да ги напуштиме преговорите.
Тој „прагматичен излез“ има само една мала фалинка – во меѓувреме, помеѓу седнувањето на маса и евентуалното напуштање на масата, мора да се договориме кој ни е државниот интерес. Оти, црвениве линии нешто многу ни се растегнаа.
4 Во целата оваа лутина, фрустрација и разочараност од ЕУ заборавивме да се израдуваме на уште еден историски настан од светско значење. Македонското Собрание треба да го ратификува членството на Финска и Шведска во НАТО.
Гледаш, претседателе, па и не сме биле толку мали.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST