ГРЕЈАЧИ НА СЕДИШТА

Навистина е неверојатно како во оваа земја, што несопирливо ита кон ЕУ, на прогон се изложуваат тие што ќе укажат на корупција, а не корумпираните.

ГРЕЈАЧИ НА СЕДИШТА

1 Кога претседателка на Врховен суд итно ќе биде повикана на сослушување во Судскиот совет затоа што во интервју изјавила дека има политички притисоци врз врховните судии,  тоа значи дека „навистина е неверојатно она што Северна Македонија досега го има постигнато“, како што би рекла претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Врховната судијка Беса Адеми ќе биде сослушана затоа што изразува сомнеж што случаите за корупција против високи функционери се влечат со години додека не застарат.

Навистина е неверојатно како во оваа земја, што несопирливо ита кон ЕУ, на прогон се изложуваат тие што ќе укажат на корупција, а не корумпираните.

2 Навистина е неверојатно како во име на ЕУ се озаконува и корупцијата и неказнивоста за корупција. Прво, под европско знаменце СДСМ и ДУИ го изгласаа, а ВМРО-ДПМНЕ си го одмолче Кривичниот законик со кој на политичарите побрзо им застаруваат случаите во кои се обвинети за корупција. Најновото европско знаменце, овој пат здружено и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заедно со неизбежната ДУИ, го закачија и на законот за рекламирање на државни кампањи во телевизиите.

Ова нема врска ни со медиуми, ни со новинарство, а најмалку со отчетност и транспарентност со кои власта ја правда потребата од враќањето на законот, со кој Никола Груевски за седум години потроши 38 милиони евра државни пари за да ги поткупи телевизиите.

Кога му ставија европско знаменце и изгласаа потреба за донесување закон за поткуп на телевизиите, ми текна на секвенцата од  прислушуваните разговори што ги објавуваше Зоран Заев. Мартин Протоѓер, првиот човек до Никола Груевски и шеф на идеолошката контрола, му се јавува на газдата на Канал 5 Емил Стојменов и му вика некоја емисија што не им се допаѓа да ја пуштат со пречки во сигналот, а газдава уште порадикален му одговара: „Дури мислев и струјава да ја исклучам во телевизијава, нек си ибе мајката“. Па Мартин, уште и умерен, му сугерира: „Не бе не, нека се пушти со пречки, со лош тон, луѓево да не можат да гледаат и ќе сменат кога ќе видат“.

Се сврте кругот. Тогаш од СДСМ плачеа дека им ја исклучуваат струјата и им прават пречки во програмата. Ветија дека ќе нема државни кампањи по телевизиите и – едно време немаше. Сега се вратија на старо. Двете партии што не можат да се договорат за ништо, се договорија како да ги поткупуваат медиумите кога се на власт. Со наши пари да си ја купат љубовта кај тие што здушно до 2017 учествуваа во злосторствата на вмровската власт, примаа пари од буџетот да водат хајки против неистомислениците, повикуваа со кајрони на мобилизација за одбрана на Груевски и бандата, криеја настани кои власта не сакаше да се објават, лепеа клинци на лицата на политичките противници, се закануваа со надгробни плочи…

Власта на СДСМ сега го прави баш тоа против што ветуваше дека ќе се бори и тоа ветување ја донесе на власт. Откако ги ослободија тие што незаконски нѐ прислушуваа, откако им се придружија во крадењето на тие што нѐ крадеа, откако им ги простија крадењето на избори и зулумите што ги правеа со народни пари, откако продолжија со безмилосна распродажба на државното земјиште за ич пари и урбаното дивеење по принципот „не може да биде – не, мора да биде – да“, им остана уште со европско знаеменце да го легализираат и поткупот на медиумите и загрозување на демократијата.

СДСМ и ДУИ наместо да го спречат, само го финализираа проектот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за претворање на државниот поредок во криминален поредок.

Додека ЕУ и САД ги гледаат што прават и им викаат „супер сте, само уште Бугарите во Уставот да ги ставите“ , а нас нѐ замајуваат со успешните скрининзи на поглавја и кластери, смешни се заканите „ќе видите вие кога ќе се врати ВМРО“.

Па ние сме живееле во заблуда дека ВМРО-ДПМНЕ не е на власт. Нивниот начин на владеење никогаш не исчезнал. СДСМ овие шест години само им ги греел столчињата. Како седиштата со грејачи на луксузните коли кои Бујар Османи ги договорил за Самитот на ОБСЕ, за чие изнајмување ќе платиме три пати поскапо од редовната цена.

3 Првиот вицепремиер Артан Груби предложи да се започне кривична постапка за погрешно проектирање на автопатот Кичево – Охрид, откако и на Владата ѝ стана јасно дека и по десет години кинеската фирма „Синохидро“ нема да го заврши до крајот на годинава. „Дали е изведувачот, дали е проектантот, дали е надзорот, тоа нека го утврди јавното обвинителство, а политичарите да размислат во декември дали ќе го продолжат договорот“, рече Артан Груби.

Туку, ај сега да не се занимаваме со сомнителните зделки на функционерите на ДУИ. Ај да се занимаваме со Кинезите.

Ги слушавме Груевски, Владо Пешевски, Миле Јанакиески, Зоран Ставрески како се планираа договорите со „жутите“. Ги слушавме како се пазарат за процентот – „да не е многу“, „пет од целото“, „дил ориентид“… И? Што се случи? И тој предмет, „Траекторија“, на Специјалното обвинителство, со измените на Кривичниот законик отиде јабана. Оваа Влада во којашто Артан Груби е вицепремиер, и тоа прв, ги ослободи тие што беа обвинети дека зеле мито за проектот и за автопатот. Излезе дека тие не се криви зошто автопатот ни по десет години не може да се изгради, а постојано му расте цената.

Сетики, за криминалите и неспособноста на власта секогаш ќе се најде некој кривец. Сега се криви Кинезите. А кога губат на избори, крив им е народот.

4 Законот за амнестија со којшто требаше да се ослободи место во затворите не помина во Собранието. Министерот за правда Кренар Лога, следниот пат кога ќе предлага ваков закон ќе треба да го прецизира. Да не се ослободуваат сите затвореници. Да се ослободат само крадците. Или, уште попрецизно: да се ослободат крадците што немале државни функции. Бидејќи тие што беа обвинети за вископрофилен криминал веќе се ослободени. А и тие што ќе прават високопрофилен криминал нема да одат во затвор. Зошто, воопшто, би се одело во затвор за крадење?

Пуштете ги од затвор арамиите што не се политичари. Белким додека биле во затвор и тие научиле дека може да се краде и без силеџиство. Нека си се приклонат кон некоја партија, може пратеници да станат, градоначалници, директори на некое јавно претпријатие. Па дури и на оние кои обивале станови, банки и дуќани можеби им дошол памет дека може да се краде и на фин начин.

Еве вака: Добра вечер, ќе ве молам дајте ми ги вашите пари. Ви благодарам што соработувате со мене во криминалот. Баш сте љубезни дека имавте доверба да ми ги дадете вашите ценети пари за јас да се збогатам, а вие да осиромашите. Само, ве молам бидете внимателни, запазете ги строгите процедури и стандардите, ставете ги парите во вреќа, не носам ракавици, не сакам да оставам отисоци.

Сѐ мора да биде по закон на патот кон ЕУ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира