ИСТОРИСКИ ДЕН

Во земја во која граѓаните имаат слабо памтење, нормално е секој нов ден да е историски.

    ИСТОРИСКИ ДЕН

    1 Да си направиме пуканки, да си наточиме едно пивце и да се опуштиме.

    И Илон Маск и Доналд Трамп почнаа јавно меѓусебно да си ги вадат сите валкани работи кои си ги знаат еден за друг, како што си ги вадат нашата Данела Аровска, „Вреди“ и ДУИ.  Па откако градоначалничката на Скопје го обвини градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, кој е од „Вреди“, дека незаконски и со фалсификат легализирал 150 дивоградби, од таму ја обвинија дека таа не ги гледа дивоградбите во Општина Сарај од каде што е пратеникот Блерим Беџети од ДУИ, кој претходно беше градоначалник.

    Да уживаме во натпреварот. Натпреварувачите не докажуваат кој работел по закон, а кој градел незаконски и кој незаконски ги легализирал дивоградбите, туку кој повеќе пати го прекршил законот.

    А самиот збор е јасен – диви градби. Значи, нелегални. Без дозвола. Изградени без почитување на урбанистички план. Без почитување на безбедносни стандарди. Го загрозуваат живеењето на другите граѓани. Ја загрозуваат животната средина. Некои се изградени во национални паркови и заштитени подрачја. На украдено државно земјиште. И на сето кршење на законите, нема казнети.

    Директорот на Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво Зухејр Реџепи за весникот „Лајм” изјави дека Општина Чаир се рангира на 19-тото место на републичко ниво, со вкупно 3.158 бесправни објекти, додека во рамките на Град Скопје, таа е на 6-тото место од вкупно 10 Општини.

    Супер. Го вадиш шестиот криминалец од списокот и после тој ги вади петтемина што се поуспешни од него. А згора на тоа статистички додаваш и етнички предзнак во натпреварот: Што сте запнале само за општините во кои владеат партиите на Албанците?

    Во натпреварот од ранг-листата на криминалците не навиваме за добриот или лошиот. Избираме помеѓу две зла. Дали сме за помалото, или поголемото зло.

    2 Според податоците на Државниот завод за статистика, растот на БДП за првиот квартал оваа година е 3,2 проценти. Владата вели дека Македонија е четврта најбрзорастечка економија во Европа. Пред нас се Ирска, Данска и Полска.

    Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт секој ден ни е историски. Соопштенијата од владината веб страница пукаат од историја. Имаме историски стратешки договор со Велика Британија што ќе донесе историски најголемо задолжување. Имаме историски најдобар план за вработување на младите. Историски највисока исплата на субвенции за тутунарите. Историски напредок во решавањето на проблемот со лицата кои се без државјанство. Историски најголема инвестиција на Владата во општините со кредитот од Унгарија. Историски договор со синдикатите на здравството. Историски раст на странските инвестиции. Историски највисока цена за тутун и оризова арпа.

    Вицепремиерот Александар Николоски вели дека „историски ден за Македонија е почнување на работите на автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево“. Министерот за одбрана Владо Мисајловски зборува за „историски најниско рекордно ниво на корупција досега“. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска споменува „историски најниска каматна стапка“. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за предметите за кланот Беланоца-Барони и групата на Раде Штекли вели дека „се само едни од оние предмети кои даваат историски резултати“. Министерот за култура Зоран Љутков напиша дека неговата посета на Осака е историска оти потпишал Меморандум за културна соработка со Јапонија. Министерот за спорт Борко Ристовски вели дека „историски момент за македонскиот спорт е што за прв пат во историјата Македонија ќе има свои претставници на легендарната трка ‘24 часа Ле Ман’”.

    Сѐ е историско, па ете дури и  Македонскиот народен театар, кој во минатото има добивано многу награди на меѓународни тетарски манифестации, имал историски ден оти добил награда на Стериино позорје во Србија. И Општините што си слават родендени ги рекламираат концертите како најголеми забави во историјата. Па и приватните бизниси, зафатени од историска еуфорија почнаа да рекламираат услуги и производи со историски најголеми попусти.

    Кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање сѐ мора да е или најголемо, или историско. Трето нема.

    3 Што е за право, и во Кочани имавме историски најголема трагедија. Во пожар во импровизирана дискотека гинат 62 главно млади луѓе и над 200 се повредени. Ама дури и по таков тектонски потрес за државата, не следи историска ефикасност за искоренување на корупцијата што ја предизвика таа трагедија. Притоа, не зборуваме за бројот на осомничени, упасени и обвинети и за историски судски процес што несомнено ќе следи. Туку, за тоа дека по таква историска трагедија треба и историско менување на навиките за почитување на законите. А тоа – го нема.

    Ама пак, во земја во која граѓаните имаат слабо памтење, нормално е секој нов ден да е историски.

    4 Откако паметам, од дете ги слушам приказните за преминот Маркова Нога во Преспа кој е затворен 58 години. За време на мојата новинарска кариера, повеќе од 30 години, редовно се отвора муабетот за Маркова Нога. Едно чудо репортажи се напишани. Како кој министер за надворешни работи стапуваше на функција, така ја отвораше темата за Маркова Нога. И Грција одвреме навреме го споменуваше преминот, ама срамежливо, сѐ до потпишувањето на Преспанскиот договор кога почна отворено и зачестено да се зборува за него и од таа страна на границата. Едноставно, Маркова Нога е нешто како митска приказна.

    Затоа, некако ми дојде пријатно веста за почнување на градење на преминот и од грчка страна. Со пари од Европската унија преминот Маркова Нога-Лемос треба да биде повторно отворен до лето 2026 година.

    Со сите разочарувања и фрустрации што ги доживеаја македонските граѓани, Македонија немала на многу што да се радува во овие 34 години на патот кон ЕУ.  Си велам, ако и овојпат ЕУ не нѐ зафркне, можеби митот ќе стане реалност. Конечно. И тоа ќе биде навистина историски ден.

    Ех… Уште само повторно да свирне и локомотивата на возот од Битола за Лерин.

    5 Не било баш толку сѐ лошо и катастрофално во времето на СДСМ. Владата прифати една добра пракса за јакнење на демократијата со проширување на слободата на информирање и организира трибини со своите функционери, како оние што ги организираше тогашниот координатор за комуникации во Владата на Зоран Заев, Марјан Забрчанец. Си седнуваат во Владата министри, директори и други избрани владини функционери и одговараат на прашања од – Владата.

    Последната трибина беше на тема „Кочани е наш приоритет“. Ги гледаш, седнале тројца директори, Сашо Клековски од Фондот за здравство, Ивица Томовски од владината Служба за општи и заеднички работи и Саит Саити од Црвениот крст, и одговараат на „незгодните“ прашања на строгата портпаролка на Владата Марија Митева. Просто да ти е непријатно.

    Што ја мачат портпаролката? Наместо да одговара на новинарски прашања, што ѝ е работа, таа мора да поставува прашања и да изигрува новинарка.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира