1 Човек ќе си помисли дека во државава ни тече мед и млеко штом СДСМ толку фокусирано и жестоко се фати за темата за прифаќање на мигрантите на кои ќе им биде одбиен азил во Велика Британија, што ја објавија британските медиуми. Кога се појави Венко Филипче онака речиси избезумено на прес-конференција да најавува социјалдемократска битка против мигранти, некако се најдов во небрано. Море на мобилизација повика, ќе правеле протести, ќе собирале потписи… Поголеми вмровци од вмровците. Повмровски тези потешко ќе смислеа.
Целата оваа приказна и дебата на која власта и опозицијата се натпреваруваат кој повеќе е против мигранти, ми дојде како времеплов. Како да сме се вратиле во 2017 година, кога општинските совети во кои мнозинството беше на ВМРО-ДПМНЕ изгласуваа референдуми за граѓаните да се изјаснат дека во нивните општини не смее да има мигранти. Која паника се ширеше тогаш кога претставници на некоја граѓанска иницијатива „Будење“ собираа потписи против мигрантите на плоштадите во градовите во кои општинската власт беше од ВМРО-ДПМНЕ.
Впрочем, муабетот за мигрантите го отвори ВМРО-ДПМНЕ уште додека беше во опозиција. А СДСМ се фати за приказнава како пијан за плот, па дојдоа и до таму да најавија поднесување резолуција во Собранието против „мигранти за пари“. Демек, со вмровски камен по вмровска глава ќе удрат.
И – каменот им се удри од глава. Што направи ВМРО-ДПМНЕ? Го направи тоа што најдобро го знае. Во Собрание им изгласа контрарезолуција, со која им забрани на пратениците од опозицијата да зборуваат за мигранти. Пратениците од владејачкото мнозинство донесоа Резолуција со која „се повикуваат сите политички субјекти и јавни чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир“.
Можеше власта само да чека СДСМ да ја поднесе резолуцијата. Ќе дојдеше текстот во Собрание, ќе ја ставеа на гласање, немаше да ја изгласаат и ќе ја затвореа темата. Ама не. Мора да се покаже сила.
Добро, не е е баш исто како на 24 декември 2012 кога ВМРО-ДПМНЕ ги исфрли од Собрание на клоци како партали пратениците од СДСМ при гласањето на Буџетот. Скраја да е, не е исто ни како 27 април 2017 при организираниот напад на Собранието кога, како што викаше нивниот почесен лидер Никола Груевски, „да сакаа да ги убијат, ќе ги убиеја“ пратениците на СДСМ. Сега само ќе ги гонат кривично ако мислат поинаку од владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и „Вреди“.
Сега од темата мигранти ќе се пренесеме на темата како да се најде оправдание да се замолчи опозицијата. И тоа во Собрание. Што е вистински континуитет на парламентарната демократска традиција во духот на ВМРО-ДПМНЕ.
2 Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вели дека „не видел повеќе обединети скопјани од вечерта кога ја осветлувавме елката“.
Обединети? Како да не. Испраќаа покани во општините со вмровски градоначалници „со охрабрување да ги поттикнат основните училишта во нивната општина да присуствуваат со што поголем број ученици на свеченото осветлување на новогодишната елка“. За да може новиот градоначалник да објави дека „оваа вечер ќе остане запишана во историјата и ќе прерасне во убава традиција“.
Орце како да не живеел во Скопје штом дури сега видел повеќе обединети скопјани на едно место. Па само во еден дел од секунда ми текна на најмалку десетина настани каде што сум видел повеќе обединети скопјани на Плоштадот Македонија, отколку за елката на Орце, и тоа само во мојот живот. А Скопје постои многу пред мене и пред градоначалникот. Па, независноста на Македонија во 1991 година ја славевме на истото место. И „Кометал шампионе“ во ракомет го славевме со песна. И четврто место на Европско во кошарка. И кандидатски статус за ЕУ додека вееше снег. И Каролина со огромно македонско знаме со кран ја спуштавме од коњот на воинот за 20 годишнината од независноста… Долга е низата.
И не само прослави. И протести на кои имало обединети граѓани. И концерти на отворено и на македонски и на странски ѕвезди.
Четири години Плоштадот Македонија тонеше во мрак со нивната Данела Арсовска и сега одеднаш дојде Орце да ни кажува дека од него почнува историјата.
Светна елката, ете, бидна и таа работа, накитен е и главниот град за Нова година. И прослава ќе има на Плоштадот Македонија. Ама не мора баш сѐ да биде историско, па дури и осветлувањето на елката, а контејнерите со ѓубре уште не се празнат редовно. И автобусите уште не доаѓаат редовно. И не е лошо градоначалникот на Скопје, сосе сите градоначалници на Општините што му дојдоа на осветлувањето на елката, да провери до каде се накотиле глувците од пи-арот што ни го правеа со ѓубрето во предизборната кампања.
Инаку, елка ко елка. Оваа година ваква, вгодина поинаква.
3 Просто ми е неверојатно како власта си создава илузија и после си живее среќно во така создадената илузија и се чуди кога другите не ѝ веруваат на нејзината илузија.
Во таа паралелна реалност не е само воздухот во Скопје почист од Виена. Не само што тие што се иселиле од државата полека почнуваат да се враќаат во земјава, како што вели премиерот Христијан Мицкоски. Туку, ВМРО-ДПМНЕ успеала во праксата да го врати и името на државата. Како? Па така: „Дури и Венко, кому му беше устата полна со Северна, сега користи Македонија“, вели Мицкоски.
Ете, до Венко бил проблемот.
Па поентира: „Во принцип не сум човек што сака цензурирање или закани, така што за мене името Македонија е свето име и моето слободно право на говор е да си кажувам како што јас мислам“.
За премиерот важи: Јас не гласав за „Северна“ и мене не ме фаќа Уставот.
4 Еден поранешен советник во Град Скопје од владејачката ВМРО-ДПМНЕ им се појавил на вработените во Зоолошката градина во Скопје и цела недела им држел состаноци на вработените викајќи им дека тој ќе им биде новиот директор.
Е тоа е реалноста во која живееме. На човек ќе му кажат од партија дека ќе го стават за директор на јавно претпријатие, тој без формален документ дека е именуван си ги вика на состаноци вработените, а тие без да имаат формално известување кој им е директор му одат на тие состаноци.
Каков закон, каква процедура. Партијата е сѐ. На процедура и партија заедничко им е само едно „П“.
АУДИО ПОДКАСТ



