ДИРЕКТ ЗА КОЧАНИ

Драги Рашкоски - национален координaтор за проверка на приватни биографии

ДИРЕКТ ЗА КОЧАНИ

1 Дојде уште еден петок. Телефонот, барем додека го пишувам овој текст, уште не заѕвонил ни кај Ципрас, ни кај Заев, па си мислам – да не му наштетам на преговарачкиот процес кој е во деликатна фаза, оти темата е чувствителна. Дали да спремам две верзии – една со решено, а друга со нерешено име? Од минатиот петок чекаме повик ко затрескани тинејџери. А телефонот не ѕвони.

Ако го слушаме вицепремиерот Бујар Османи, до договор со Грција нѐ делат часови и минути. Премиерот Заев нешто спласна со оптимизмот. Од „час поскоро“ помина на „ден поскоро“. Денови ли се денови, чекачки маки големи. А министерот за надворешни работи Никола Димитров пак ептен нѐ олади. Не треба толку да се брза. Да не испадне ко преуранетото Илинденско востание 1903. Што резултираше со Крушевската Република која траела само 12 дена. Што сепак е десет дена подолго отколку предлогот за решение „Илинденска Македонија“ што траеше неполни два дена.

Само што, дури и договорот да се случи во моментов додека го читате овој текст, тоа нема да значи крај на исчекувањето на нови рокови во процесот. Допрва ќе си имаме ние рокови за секирање.

Прво, договорот ќе мора да помине на Собрание. Па ќе чекаме директни преноси, па Талат Џафери ќе ги собира пратениците по ходници за да обезбеди кворум, па некој од помалите коалициони партнери на СДСМ ќе глумат принципиелни патриоти…

После, изгласаното ќе треба да помине на потпис кај Ѓорге Иванов. Па по сите телевизии ќе се јават аналитичари и експерти што ќе теоретизираат дали може и како да се избегне потписот на претседателот, па тој ќе дава изјави, ќе чека рокови…

Па после нѐ чека референдум. А Собранието уште нема избрано членови на ДИК. Па, партиите ќе се договараат за членовите, па и за нив ќе треба да се обезбеди кворум да се изгласаат, па треба да се смисли референдумското прашање по урнек на она од 1991 година – дали сакате независна држава, ама и не мора да биде баш толку независна, па пак анализи, па кампањи „за“ и „против“, па  излезност на денот на референдумот…

Потоа доаѓа гласање во Парламентот на Грција. Па ќе чекаме дали партијата „Независни Грци“ што е владејачка сепак ќе го поддржи Ципрас, или пак опозиционата „Потами“ ќе го спасува договорот. Оти веќе и за грчката внатрешна политика станавме експерти.

И, замислете си договорот да биде постигнат, ќе треба да нѐ примат во НАТО. И  пак чекање. Приемот ќе треба да помине на ратификација во парламентите на 29 земји. Кој ќе ги исчека сите тие ратификации. И за нивните датуми ли ќе береме гајле?

И на крај, таму некој политичар во Холандија, Франција, Португалија, Белгија, Малта или Луксембург, ќе се повика на некаков нон-пејпер и ќе рече дека на Македонија не треба да ѝ се одобрат преговори со ЕУ, оти уште не е спремна.

Така што, не е ни „час поскоро“, ни “ден поскоро“.

2 На грижите им нема крај. Затоа, дај да се олабавиме. Да одиме малку на плажа. Роковите за името може да почекаат, ама рокот на администрацијата да ги искористи ланските одмори им истекува до крај на јуни. Време е да ги затвориме фејсбук профилите за патриотски статуси, да се испосликаме по гаќи покрај софра, или во редиците на граница. Па и добрите домаќини од Неа Мудања  и Катерини сигурно ги наместиле креветите и ги поправиле климите во собите за издавање откако се изнавикале на протестите дека „Македонија е грчка“.

Ионака иста мисла нѐ спојува. Имаме заеднички прекуграничен проект. Ние не го даваме името. И тие не го даваат името.

3 И така, додека „се создаваат околности да се случи телефонскиот разговор“, како што кажа Заев, Државниот завод за статистика објави дека домашниот бруто-производ во првиот квартал од оваа година забележал раст од 0,1 проценти.

Добро. Знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ е виновна за стагнацијата во економијата. И дека тоа што Груевски и фамилијата растурале 11 години не може лесно да се поправи. Ама, ме интересира, има ли некој рок кога ВМРО-ДПМНЕ ќе престане да ѝ биде крива на Владата? Оти, во нивно време за сѐ беше крив Бранко. И уште рокот за вина не му е истечен.

Ама, ако е за утеха, според податоците на Државниот завод за статистика, во тие 0,1 процент пораст што е забележан во првите три месеци, најголем пораст од 12,1 отсто има во секторите уметност, забава и рекреација.

Е па стварно дошол животот.

4 Којзнае, можеби „само да помине името“, па и генералниот секретар Драги Рашкоски ќе го одбрани вториот докторат со кој се пофалил во биографијата на официјалната веб страница на Владата. А можеби и ќе го сменат ако веќе самиот не си дава оставка, оти кога ќе ги фатат во лага, во некои земји државните службеници сами си даваат оставка.

Изјавата на портпаролот Миле Бошњаковски дека вистина е оти Рашкоски нема докторат, ама биографијата е точна, е како да ја напишал Трамп во твит по будење. Како биографијата е точна,  кога Рашковски напишал дека „се стекнал“ со два доктората. А ние не знаеме ни дали го напишал трудот, оти на факултет само му ја одобриле тезата. Ако одобрувањето на теза значи „стекнување“, тогаш можеби стварно биографијата не е лажна.

Ама што правиме со изјавата дека биографијата на генералниот секретар на Владата е приватна работа? Значи ли тоа дека сите можеме да лажеме во нашите биографии, затоа што тие податоци се приватна работа?  Ако е приватна, зошто тогаш е ставена на официјален сајт на Владата?

Истиот тој Рашкоски одби да ја објави јавно биографијата и на директорот на државното тело за контрола на лекови Роберт Бекироски оти тоа било задирање во неговата приватност. Стручноста на тој што ни ги контролира лековите што ги примаме е приватна работа? Приватна работа е тоа што тие нѐ лажат за наши пари.

Рашкоски не смее да падне. Заев и да го смени, тој колку може ќе се спаси. Ако не е генерален секретар ќе го постави за национален координатор. За нешто. На пример, национален координатор за проверка на приватните биографии.

5 Со 800.000 евра подарок од Европската унија преку проект на УНДП во Зрновци беше направен мостот на Брегалница што бил урнат во поплавите во февруари 2015 година.

Градоначалникот на Зрновци Блаже Станков се заблагодари и рече дека жителите биле трпеливи, ама тоа се исплатело оти сега, по три години трпение и кружење, ќе можеле да одат директно за Кочани.

Спојувањето на Кочани со Зрновци не е единствениот крупен исчекор што се случи неделава на патот кон ЕУ и НАТО. И МВР освен фиксна линија, отвори и број на мобилен телефон на кој ќе може да се закажува сликање за пасош и лична карта.

Инаку, сега сме јуни 2018 година.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира