1 Во овие моменти, навистина ни фали Никола Груевски. Да се јави на телефон и да нарача на сите да ни удрат по два-три шамари. Ама од оние појаките. За да нè разбудат од хипнозата во која нè држи ВМРО-ДПМНЕ.
Го гледав пред некоја вечер генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев. Зборуваше нешто дека ова раководство нема ништо со криминалите на Груевски и со неспособноста на претходните раководства на партијата да најде компромис со Грција и да ја внесе Македонија во НАТО и во ЕУ. И рече дека ова раководство е трета генерација на ВМРО-ДПМНЕ.
Кој го зборува тоа? Поранешниот директор на ЈСП, што во негово време ги праќаше градските автобуси да протестираат пред седиштето на СДСМ на Бихаќка. Лицето И.Ј. што е осомничено во една од поновите истраги на СЈО со име „Дизајн“, за злоупотреби при набавката на кинеските двокатни автобуси. Кои му паднаа на памет на осуденото лице Н. Г. ама и си ги замислил по дизајн да бидат заоблени, па си ги нарачал како што го нарачуваше тоа на „М“. А овие наследниците од третата генерација му ја исполниле желбата, трошејќи ги парите на сите граѓани.
Што си мисли Јанушев како претставник на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ? Дека ќе се ребрендира со името „Трета генерација“ и ќе се амнестира од одговорност? И како таков, прочистен од злоделата на првата и втората генерација, ќе прави нов договор со Грција со кој ќе ја внесе Македонија во НАТО и ЕУ?
Око нема да им трепне, додека зад нив одат снимките од нападот на Собранието на 27 април лани и ги гледаме раскрвавените глави и вџашените погледи на пратениците и новинарите, да ви кажуваат „Нема докази“. Па уште и да обвинуваат. Политички прогон било. Нашите браќа лежат по затвори.
И тоа го кажуваат во исто време додека на суд се слушаат сè поневеројатни докази за лажирање избори. Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески разменувале идеи дали да превртат трактор или камион за да спречат гласачи да стасаат на гласање. Тоа само како потсетување на оние легендарни изјави што сите ги слушнавме за „во ендек сосе жена, сосе деца“, „да се сотрат“, „за уши ќе ги влечеме“, „пиштење, вриштење че има“, „дуќанот ќе му го запалиме“. Тие злосторства на „втората генерација на ВМРО-ДПМНЕ“ треба да ги заборавиме нели? Оти „третата генерација“ вика дека „не се памети ваква историска кражба на гласови како на референдумот“.
А ние ги слушаме како хипнотизирани. И им се чудиме: „Па како може да лажат!? Види, види што зборува!? Па како не му е срам!?“ А тие со секое наше исчудување стануваат сè посилни и посилни. Со секое наше исчудување нивната лага станува вистина. Со секое наше исчудување нивната лага станува наш проблем. Тие ти измислуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има 1.200.000 поддржувачи. И одеднаш, излезе дека ВМРО-ДПМНЕ има 1.200.000 поддржувачи.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев ја обвини власта за поткуп на пратеници од неговата партија со 200.000 до 2 милиони евра, ама не кажа кои се тие пратеници. Прво беа жолти комбиња, а сега станаа 2 милиони евра. Во светот на ВМРО-ДПМНЕ само лагата нема цена.
Не, не… Не се тие лудаци. Ние сме лудаци. Влезени се во приказната за негирање на нивните злосторства. И нè внесоа и нас во таа приказна. Ова било режим, не нивниот. Ова било хунта. Политички прогон било, мајката… Од бричени глави се плашеле. Изгледа оти немале качулки. А тие се трета генерација вмровци, невини и чисти бранители на Македонија. Зад кои стојат 1.200.000 граѓани.
2 Не е дека не знаеме кои се и што се и што зулуми правеле. И уште ја држат во заробеништво цела држава само за да се спасат од затвор. Само тоа им остана. Да ги негираат зулумите. Не и дека сме заборавиле што сме слушнале во бомбите. А богами, тоа и сме го чувствувале.
Уморни сме. Резигнирани. Здосадено ни е од чекање чуда. Медиумите се здодевни. Глумат балансираност. Тој кажа. Ама и овој кажа. Како роботи доаѓаат со две-три фрази и викаат: „Да кажам, да кажам…, да повторам…, само ќе повторам тоа што реков…“.
Како бре, никој не им вика: Лажете! Ај што медиумите не им се спротивставуваат на лагите. Ама што прави власта? Вмровциве им се перчат, а овие им ќутат. Демек, им се чудат на глупостите што ги трескаат. Третата генерација ВМРО-ДПМНЕ му се потсмева в лице на СДСМ, а овие им се потсмеваат на Фејсбук и на Твитер. Финти им постираат. Види ги какви се, хахахах…
Ни „Лажеш“ не им викаат. Ех пуста сдсмовска ароганција и мрзеливост. Ни за една дебатна емисија не сакаат да се подготват како што треба.
3 Премиере Заев, биди си ти колку сакаш верник. И давај милост колку што сакаш и кому сакаш. Верувај во чуда. Оти само чудо те спасило кога дошле по тебе на 27 април лани да те убиваат.
Мене воопшто не ме интересира што мисли граѓанинот Зоран Заев за нападот на Собранието и како тој би се однесувал со напаѓачите и со нарачателите на нападот. Ама граѓанинот Зоран Заев кога е премиер Зоран Заев има задача да овозможи спроведување на правдата. Односно, да не се меша во спроведувањето на правдата.
Ни верник ни неверник не смее да попречува правда. Правдата мора да се истера до крај.
Го имавме 24 декември 2012. Го имавме 27 април 2017. Што требаше пострашно да ни се случи? Пратеникот Зијадин Села навистина да го убијат, како што помислиле дека завршиле работа? Да го убијат лидерот на парламентарното мнозинство Зоран Заев? Да убиеја уште некој пратеник или новинар? Да тргнеа Албанците од преку Вардар? Оти слушнавме во бомбите и „… а војна да направиме?“
Следниот пат пред избори ВМРО-ДПМНЕ нема да запре само на „зашуткување“ на авионот да кружи над Охрид. Слушнавме дека идеи не им фалеле.
4 Во паузите на собраниските седници, на Собранискиот канал оди некоја емисија баш за Собранието. Образовна програма. Со историјат за Собранието, со објаснување што значи тоа за демократијата, што е улогата на пратениците и слични поучни работи.
И кога ќе заврши емисијата почнува собраниската седница. Излегуваат некои пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и викаат: „Аман премиере, седнете си вие лидерите на партијата. Зошто нè мачите ние да донесеме одлука. Договорете се, дај да не се малтретираме, ние ќе стиснеме кое копче треба“.
5 Заменик помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер изјави: „Конкретно, го повикуваме раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кое кажа јасно дека е против Договорот со Грција, да ги ослободи своите пратеници да гласаат слободно, без страв од одмазда“.
Всушност, Палмер го кажа истото што пред неколку дена го кажа и помошникот државен секретар Вес Мичел, само со уште малку појасни зборови. САД се пријатели на Македонија. САД се разочарани од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Подобар договор со Грција нема да има.
Толку од третата генерација.