МАРГИНАЛЦИ И КРИМИНАЛЦИ

На крајот само ќе остане запишано дека во клучен момент тие го гледале есапот на избеганиот почесен претседател. Не на Македонија.

МАРГИНАЛЦИ И КРИМИНАЛЦИ

1 Видете вака. Ние ќе влеземе во НАТО секако. И со Беса и без Беса. И тоа сосе второто крило. И сосе будалаштината во личната карта да се пишувало и етничкото потекло. Глупости на квадрат. Во НАТО ќе се влезе и сосе штетата што ја прави Христијан Мицкоски, како лидер на најголемата опозициска партија. Секако, во НАТО ќе се влезе без гласот на избеганиот пратеник во Унгарија, осудениот криминалец Никола Груевски, оти тој е веќе во НАТО. И, најважно, во НАТО ќе се влезе и сосе Јанко Бачев и Солза Грчева кои некогаш, кога ќе дојдат на власт, ќе ја извадат Македонија од Алијансата.

Цела година се пимпламе, цел демократски западен свет дојде да нè моли да нè прими во нивното друштво, па сега од Билал Касами ќе зависело дали некој Зендели ќе гласал да станеме членка на НАТО. И од Зијадин Села. Кој барал зборот „граѓани“ да не се појавува два пати, туку само еднаш. Оти, многу го болело во пределот на Преамбулата. Како вицот со кокошката што ја бркал петелот. Па таа свртела уште еден круг, да не помисли петелот дека е лесна женска. Демек, многу биле загрижени за албанските интереси. Ама, грижата им поминува со уште некое директорско, или барем заменик-директорско место со државна плата.

2 И така, додека клоцаа во матното, секој си доби по нешто. Некои од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ добија амнестија за нападот на Собранието на 27 април 2017. Други испазарија ослободување од кривично гонење за злоупотреба на службена положба. Трети ќе добијат државна плата сосе кола и секретарка. Четврти ќе добијат внимание. А и Јанко Бачев си го доби Христијан Мицкоски.

Замислете да беше обратна ситуација. Да требаше некој албански интерес да помине во Собранието. Дали сите партии на Албанците во Македонија сосе сите нивни крила, тетовски, липковски, чаирски, струшки, гостиварски, исламски, либерални, командантски, интелектуални и којзнае уште какви би се карале на улица, или би гласале едногласно? Па после, откако обединети ќе изгласаат, пак ќе продолжат да се убиваат по чајџилници.

Ама, за жал, овој Мицкоски не може ни македонски интерес да препознае, а камоли државен.

3 Се виде тоа кога тврдокорните го молеа Мицкоски да им се обрати на нивниот протест пред Собранието. А тој ги одби. Зошто? Веројатно затоа што уште не беше стигнала дозволата од Будимпешта да држи говор. Па другиот ден самиот си донесе бина. Арно ама, по само два саата преку Фејсбук се јави менторот од Будимпешта со истите фрази од говорот на лидерот.

Мицкоски е лидер на најголемата опозициска партија. Исвиркан од стотина маргиналци, организирани од Јанко Бачев. Па уште и Љубчо Георгиевски, првиот претседател на партијата, што игра и на струја и на батерии, се јави на телевизија да му каже на лидерот да им даде уште два гласа на пратениците од мнозинството за да не им дозволува на пратениците од Беса да уценуваат на штета на македонизмот.

И какви поени собра Мицкоски? Уште ли не му е јасно дека Македонија ќе влезе во НАТО? Уште ли ќе се прави наудрен дека не знае оти за да влезе во НАТО, државата мора да го смени името? Дека 26 години се преговара за промена на име? А не за задржување на името?

И што направи Мицкоски? Наместо тој да стане главен фактор и како нов лидер да ѝ осигура на ВМРО-ДПМНЕ историска улога во зацврстувањето на македонската државност, тој направи фактори од другите. Прво, ги направи историски фактор криминалците од неговата партија. За да на крај го направи историски фактор не само некое движење Беса, туку и таму некоеси крило на Беса.

Се жалеше по улици – се пазареле, ги уценувале, им вршеле притисок… Па, што не се пазареше и тој? Може и ќе испазареше нешто подобро за државата. Поарно тој да се пазареше, отколку Билал Касами и Зијадин Села. Не знам зошто тој самиот се смета за помалку важен од Касами. И зошто ВМРО-ДПМНЕ е помалку важна од Беса? Можеби затоа што им избега почесниот претседател? А за Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ е безвредно без Груевски.

Ај што направи фактор од фолирантите на Беса сосе крилото. Тие барем имаат двајца пратеници. Ама лидерот на ВМРО-ДПМНЕ направи фактор и од Јанко Бачев. Кој нема ниту еден пратеник. Човекот што протестира со руски знамиња и се противи на влезот на Македонија во НАТО.

За да не му се налутат Американците, на Мицкоски отпосле му текна да вика „Не нè карајте со пријателите“. Џабе му е. Маргиналците му ја освоија и улицата. И сега, ако сака пак да ја освои и таа говорница му е зафатена.

4 Со тие што протестираат на улица со руски знамиња барем сме на чисто. По јавувањето на Груевски од Будимпешта со истите зборови, расчистивме и со Мицкоски. Ама, со кој ум избегаа од Собранието и сите оние пратеници што уште мислат дека местото на Македонија е во ЕУ и НАТО, а тие нема да бидат дел од тој историски процес? ВМРО-ДПМНЕ е барем до толку сериозна политичка партија што сè уште контролира сериозен број гласачи. Не ѝ личи на најголемата опозициска партија ставовите да ги изразува на улица, барабар со Бачев и со Солза. Оти, се важи само тоа што се случува во Собранието. Таму се пишува историјата.

Мицкоски и пратениците што избегаа од Собранието пропуштија историска шанса ем да си ја реформираат партијата, ем да учествуваат во реформирањето на државата. И тоа исчистени од криминалците. Толку да се немало осет за политика. На толку глупости што ѝ се случуваат на оваа Влада, на сета ароганција од која не може да се ослободи СДСМ, на сета збунетост со економската програма, зголемените даноци, растечкото незадоволство кај разочараните неопределени гласачи, неказнетото кабадахиско однесување на ДУИ… Мицкоски можеше само да поентира. А пратениците да учествуваат во реформите по ЕУ и НАТО стандарди.

Ама, не. Ним не им се бендисувало името Северна Македонија. А на кого му се бендисува? Не било фер. А кој вели дека кога ќе се најдеш во фокусот на интересите на големите сили, решението ќе биде по твое? Гледаш да извлечеш што е можно пофер решение за себе.

Впрочем, ние веќе и не збориме за тоа. За тоа зборевме 27 години. И не го менуваме името затоа што сакаме да го смениме. Туку за да влеземе во НАТО и да почнеме преговори со ЕУ. Доста веќе со историја. Дај да ја живееме сегашноста. И да почнеме да размислуваме за иднината.

5 Стварно, што ли си мислат пратениците на Мицкоски, колегите на Груевски? Дека Обединетите нации пак ќе ангажираат некој Нимиц и следните 30 години да посредува меѓу Македонија и Грција? Дека нема да биде Северна. Туку ќе биде „Горна, Долна, во заграда, пред Република, по Република“. Слушнавме во бомбите какви предлози даваа самите тие, ај да не се правиме мутави. Или и тие мислат исто како и Мицкоски, дека кога ќе дојдат на власт ќе го поништат Преспанскиот договор? И тоа ќе го направат сами, без партиите на Албанците сосе сите нивни крила и без нивните фолирантски уцени.

Ништо од тоа нема да биде. На крајот само ќе остане запишано дека во клучен момент тие го гледале есапот на избеганиот почесен претседател. Не на Македонија.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира