1 Во Македонија, во која што Никола Груевски, избеган од правдата, од хотелска соба во Будимпешта уште е моќен да си нарачува интервјуа на национална телевизија, сѐ уште има граѓани што се комотни да речат дека нема да излезат на гласање. Оти – немаат свој кандидат за претседател за кого би гласале.
Едно е да бидеш разочаран. И резигниран. И да си правиш кафеански муабети дека „сите се исти“. Па ете, дури и да сакаш да се одмаздиш на власта оти не ги исполнила твоите очекувања. Ама да го заборавиш масовното прислушување!? Да ги заборавиш сите криминали за кои чувме во бомбите!? Да заборавиш дека судството уште ја попречува правдата!? Да заборавиш дека за претседател на државата го имаме Ѓорге Иванов, од кого до 12 мај ќе стравуваме каква пакост ќе ни смисли!? Да го заборавиш 27 април!?
Не разбирам од која морална височина овие граѓани ја гледаат земјава, за да можат да си дозволат да не гласаат. Може ли да си замислите што ќе беше од Македонија ако успееше пучот на 27 април? Што ќе беше не само со пратениците кои беа нападнати во Собранието? Не само со новинарите кои беа таму да известуваат? Тројца колеги само од нашата редакција таа вечер стравуваа за своите животи само затоа што полицијата ја немаше повеќе од два часа. Зошто? Затоа што и полицијата беше киднапирана од ВМРО-то на Никола Груевски. Што ќе беше ако Зијадин Села навистина беше мртов, како што помислија тие што го оставија во крв? Што ќе беше ако беше убиен Зоран Заев и уште неколку пратеници? Оти, нели, Груевски тогаш рече: „Да сакаа да го убијат, ќе го убиеја“.
Море, што ќе беше со сите нас?
Тој Груевски, што таа вечер даваше команди од Виена, уште е почесен претседател на партијата чијшто лидер ги нарекува патриоти тие што го нападнаа Собранието.
Е па, помислете кога ќе речете: „Не ти гласам веќе!“. Помислете барем само на тоа.
2 Не ти гласам веќе?
Оваа власт можеби не заслужила глас, оти не ги исполнила очекувањата. Оти, Заев успеа да се справи со бандитите и да преживее со скршената глава на 27 април 2017, ама не успева да се справи со своите мрзливци, арогантни манипулатори и опортунисти. Но, зарем сме заслужиле да ни се врати Груевски? Па ние не можеме планови за иднината да правиме сѐ додека Груевски му ги пишува говорите на Мицкоски. Тој во Будимпешта пишува, а Мицкоски тука со врескање го кажува истиот текст. Груевски од Будимпешта бара правда. А професорката по право Гордана Силјановска-Давкова тоа барање најбесрамно го оправдува.
Правда ќе има. Кога Груевски ќе биде испорачан од Будимпешта за да си ја отслужи казната. И кога најбогатата партија во Европа ќе ги врати украдените пари од сите нас. А не уште и кристалните лустери да ги раздава. Од замрзнатиот имот.
3 ВМРО-ДПМНЕ, партијата што прислушуваше над 20.000 луѓе, меѓу кои и своите министри и најблиските од фамилијата, и што ја уништи опремата со која прислушуваше, сега ја измисли аферата „Големото око“. За мобилна апликација на теренските активисти на СДСМ, која никој со сила не може да ти ја стави во телефонот освен ако не ти го украде. И која користи податоци од избирачкиот список што е јавно достапен.
Само да се дига врева. Да се прави паника. Да се влева несигурност. Да се сее омраза.
И да се прави терен да не се признаат изборите, ако се изгубат.
4 Гледај им го само слоганот. Гледај им ги само спотовите од кои блика омраза спакувана во патетичен патриотизам, со Јустиција Македонката правдољубивата. Партијата што го погази и правото и правдата на сите рамништа, што украде низа избори во текот на цела деценија, ќе направи сѐ за докаже дека во државата нема правда.
А зошто нема правда? Затоа што тие не се на власт.
Така што, темата на овие избори не е дали ќе избереме претседател или не. Темата на овие избори е дали ќе го вратиме Груевски на власт или не.
5 Не ти гласам веќе?
Не ти гласам, во земја во која секој ден до 12 мај ќе седиме во страв каков зулум ќе ни соопшти претседателот Иванов во некое вонредно обраќање до јавноста. Претседателот што сакаше со воена состојба да ги спасува Груевски и фамилијата сега ја саботира државата. Како што ја саботираше последните три години. Од аболицијата на 56-те функционери осомничени за криминал, преку одбивањето да му даде мандат на лидерот на парламентарното мнозинство, па до непотпишувањето на уставните измени што го откочија патот кон НАТО и ЕУ.
И таа саботажа, и таа страшна неизвесност што ли ќе ни смисли претседателот во последните денови на својот мандат, Мицкоски ја претставува како патриотизам.
Не ти гласам веќе?
Ти што немаш свој кандидат на овие претседателски избори, каков кандидат ти треба за да не се врати Груевски на власт?
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST