БАНЏИ ЏАМПИНГ

Додека ДУИ се интегрира, системот се дезинтегрира

БАНЏИ ЏАМПИНГ

1 Џабе се бунат овие од  Левица. Се откри дека имаат министерско место. И тоа не било кое. Министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски се претстави како поголем левичар од левичарите. На оние 1.688 вработени по рамковен клуч, што никогаш не оделе на работа, ќе им понуди работа, ама нема да им се лути ако ја одбијат ако не им се работи.

Министерот Манчевски најави дека прво ќе им се понуди работа на тие што можат да ги пополнат испразнетите раководни места. Ама „тоа не значи дека тие конечно ќе почнат да си ја заработуваат платата, бидејќи понудата можат да ја одбијат ако работното место не им се допаѓа. Отказ нема да добијат“, изјави Манчевски.

Сосема е логично. Нема да бидат избркани од работа што никогаш не ја работеле. Ај што нема да бидат избркани, туку како тргнал Манчевски, уште и ќе им се извинува оти им ја расипал комоцијата. На луѓе што биле примени по национален клуч. На списоци за вработување правени во штабот на ДУИ.

А што правиме со невработените што не би одбиле понуда за работа? Сигурно има Албанци што сакаат да работат и се кадарни да бидат на раководни функции, а не се од ДУИ. Ним што ќе им понуди државата? Ним зиплајн им понуди. Да се спуштаат по јаже од Калето накај стадионот во Скопје. И таму некаде над средината на Вардар да им дигне еден ѕид. Да пробаат дали може со глава ѕид да се пробие.

2 Со давањето работа на овие 1.688 што со години примаат државна плата, а не доаѓаат на работа, треба да му се даде смисла на името на вечната владејачка партија на Албанците во Македонија. Тие 1.688 луѓе треба да се вратат од швајцариите, германиите, италиите, или да излезат од дома насабајле и да се отчукаат со картичките за редовност. На тој начин ќе се интегрираат.

Кога еден висок функционер на ДУИ и локален шериф од Чаир може да паркира кај што сака и никој ништо не му може, тогаш зошто и Талат Џафери како претседател на Собранието да не му дава ултиматум на СДСМ за 7 дена да го изгласа Законот за јазици, инаку Собранието нема да работи на ниеден од реформските закони. И што после тие 7 дена? Нема НАТО? Нема ЕУ?

ОК! Нема НАТО, нема ЕУ. Одговорноста кој ќе ја носи?

Нашиот најголем проблем не е тоа што висок функционер на ДУИ продолжува да паркира на погрешно место, туку тоа што полицијата е виновна дека го казнува. Исто како што нашиот најголем проблем не е тоа што учениците Албанци не биле на школо на 7 март оти бил некаков ден на учителот, што не е регистриран како празник и неработен ден, туку тоа што Просветниот инспекторат не се ни обидува никого да казни. Конечно, најголемиот проблем на оваа држава не е тоа што секој месец за овие што не доаѓаат на работа сите мораме да плаќаме речиси 800.000 евра, туку тоа што  додека ДУИ се интегрира, системот се дезинтегрира.

3 Во Собранието ќе се отвори Женска соба, во која пратеничките ќе можат да дебатираат за решавање на проблемите на жените.

Какви се тие глупости? Жените во Собранието ја имаат говорницата во пленарната сала и микрофонот во собраниските комисии. Таму молчат, а ќе зборат само во своја соба? И кои се тие женски теми што не ги засегаат и мажите?

И ако веќе имајќи дневна соба, пратеничките сакаат сами да се затворат во кујна, еве им една женска тема за дебата: Улогата и однесувањето  на пратеничките при организираниот напад на Собранието на 27 април. Ако веќе го имаат заборавено 24 декември 2012.

4 Уште двајца тврдокорни членови на Антикорупциската комисија не даваат оставки. Тие не се препознале во ревизорскиот извештај за 2016 кој откри дупло наплаќање исти сметки, мамење на километража и пријавување трошоци за присуство на три места во исто време.  Едната од тврдокорните членови во 2017 година потрошила 37.641 денар за доаѓање на работа со такси, при што доаѓала на работа само кога требало да вежба аеробик во терминот закупен од Антикорупциската комисија. А другиот не само што не доаѓал на работа, туку не доаѓал ни на седници на комисијата. А кој не работи, не може ни да згреши. Нема грешка – нема оставка.

Откако САКАМДАКАЖАМ.МК од свиркач го доби и објави наоди од  интерниот ревизорски извештај што откри како ловците на корупција злоупотребувале државни пари, првата реакција на претседателот Игор Тантуровски беше дека тоа се само скандалозни наслови и нема намера да даде оставка. Неполна недела подоцна, даде оставка. И тој и уште четворица антикорупционери. Останаа уште двајцата тврдокорни што не се препознале во извештајот.

Супер ликови избрале ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за ловци на корупција. Тие биле окупирани со својот ситен ќар и затоа не можеле да видат крупен криминал во власта.

Сигурно Никола Груевски кога беше премиер не приложувал дупли сметки кога одел на пат. Ниту пак вицепремиерот Владимир Пешевски одел на фитнес со такси на владина сметка. А и Сашо Мијалков немал потреба да лаже дека бил на три места во исто време. Сите знаеја дека не можел кога од едно место контролирал сѐ.

5 Во пет основни училишта ќе се инсталира нов систем за греење и нови проозорци, ќе се замени дограмата, ќе се реновираат прозорци и врати и ќе се реконструира дотраен кров.

На Клиниката за гинекологија во Скопје ќе се купат 40 нови болнички кревети, душеци и основен мебел. Во Здравствениот дом во Делчево ќе се купи апарат за ултразвук. На Клиниката за дигестивна хирургија два ката ќе се молерисаат и ќе се заменат вратите и прозорците. Болницата во Штип ќе добие две нови возила за транспорт на пациенти, а Детската  болница во скопско Козле ќе добие нов апарат за ултразвук и 10 монитори за кислород.

Тоа чини вкупно 428.066 евра. И ќе ги плати јапонската влада.

„Ние, граѓаните на Јапонија како пријатели на Македонија сме многу среќни за сите жени, мажи и деца кои ќе имаат корист од овие проекти“, рече јапонската амбасадорка Кеико Ханеда.

Јапонците ќе бидат среќни. Како може еден Јапонец  да увиди што стварно им треба на македонските граѓани, а нашиве лидери може да видат само како да ќарат со патни налози  и фискални од патарини? Како Холанѓани, Швеѓани, Американци, Германци, Норвежани, Британци … знаат што им треба на македонските граѓани, а македонските лидери знаат само што ним лично им треба?

На Јапонциве ептен многу им треба да бидат среќни. Огромен список вреден 428.066 евра.  На нашиот список има само една причина за среќа. Зиплајн вреден само 30.000 евра. Уште банџи џампинг ни фали и ќе умреме од среќа.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари