БРАТСКИ МЕХАНИЗАМ

Сè можев да очекувам на нашиот пат кон ЕУ, ама никогаш не помислив дека Европската унија самата ќе ја загрози безбедноста на цел регион, па и својата безбедност, само поради национализмот на една своја земја-членка.

БРАТСКИ МЕХАНИЗАМ

1 Кога бугарскиот претседател Румен Радев среде Брисел ќе изјави дека на сите треба да им биде јасно оти само од нив зависи европската иднина на Македонија и дека ако Македонците не ги прифатат барањата на Бугарија да кажат дека се Бугари тие ќе продолжат да ја блокираат европската иднина на соседот, тогаш тоа веќе не е ни изживување врз малата балканска држава што сака да стане членка на ЕУ. Тоа е силување што се случува пред очите на цела Европа. Па уште и на крајот на заканата Радев ќе запечати дека тие биле должни да им помагаат на браќата. Каков брат е тој што те силува и силувањето го претставува како помош? И каква фамилија е таа во која сите гледаат како еден од нив силува послаб и понемоќен од него, а тие кревaат раменици и викаат: Што да правиме, Бугарија е една од нас?

Бугарија буквално ја силува малата, кревка Македонија, а цела ЕУ гледа и сите викаат „не е фер“, многу сме разочарани“, „жал ни е“… Ама што да правиме, фамилија ни се и таков ни е механизмот на одлучување. Баш сè може да биде причина за вето.

Тие во ЕУ биле многу разочарани дека не успеале да ги започнат преговорите со Македонија и Албанија. Ние одамна го преминавме прагот на разочараност. Ние веќе не сме разочарани. Ние сме гневни. Бугарија нè мрази. Сака да нè снема. И навистина одбивам да го сметам за брат или сестра некого што ме мрази.

2 Едно чудо услови ни поставија. Задачи ни дадоа. Самите кажаа дека сме ја напишале домашната. Закони сменивме. И името го сменивме. Што уште друго треба да направиме? И тоа само за да почнеме прегивори со ЕУ. Не – да влеземе во ЕУ. Уште Бугари да станеме.

Бугарија не ја казнува Владата на Заев. Ниту пак која било идна влада и политичката и бизнис елита што се врзува за власта. Казнети се македонските граѓанки и граѓани што уште веруваат во Европската унија и во европските вредности. Политичарите ќе си се снајдат убаво да живеат и без ЕУ. На многумина и не им одговараат европските правила.

Тогаш навистина, чуму ни се оние извештаи на Европската комисија што со нетрпение ги чекаме секои шест месеци? И зошто воопшто би ни било важно што пишува во тие извештаи? Што имаме ние од препораките на Европската комисија дека Македонија ги исполнува условите за почеток на преговорите, кога очигледно тие услови не се вистинскиот услов за почеток на преговорите. Условите на Бугарија се услов. Така рече нивниот претседател. Така му одобрија останатите 26 премиери и шефови на држави-членки од ЕУ. На барање на Бугарија ја тргнаа точката од дневниот ред. Да се знае во чии раце е судбината на Македонците. Повеќе пати во историјата не им успеало, ама сега ќе им помогне братскиот механизам на ЕУ.

3 Американскиот претседател Џо Бајден издаде извршна наредба да се санкционираат сите што го попречуваат спроведувањето на Преспанскиот договор. Нели со Преспанскиот договор требаше еднаш засекогаш да се затвори прашањето за Македонци и македонски јазик? Сега Бугарија повторно отвара идентитетски прашања во Европската унија. Па Федерика Могерини и Јоханес Хан сигурно не беа на туристичка прошетка во Преспа кога се потпишуваше Преспанскиот договор. Беа во името на ЕУ како една од гаранторите на тој договор. И – што се случи три години подоцна? Европската унија е таа што го загрозува Преспанскиот договор.

Сè можев да очекувам на нашиот пат кон ЕУ, ама никогаш не помислив дека Европската унија самата ќе ја загрози безбедноста на цел регион, па и својата безбедност, само поради национализмот на една своја земја-членка.

4 Што доживеа моќната и демократска Европска унија? Дојдоа до дереџе Албанија и Србија да им играат мајтап поради ветото на Бугарија. Оти, барем ние на Балканот сите добро знаеме што е Бугарија.

Само ние уште замислуваме иднина во ЕУ, како во нивната реклама што ни ја пуштаа во кампањата по Преспанскиот договор. Кротки сме си и се воздржуваме од коментари. Ако може сами јаже за бесење да си купиме. Ама свилено, да не нè жули многу додека висиме.

5 Преку глава ми е од оправдувањата кој бил надлежен, а кој бил ненадлежен затоа што во земјава нема регистарски таблички, лични карти, пасоши, возачки дозволи, па сè до свидетелства за учениците. Преку глава ми е дека кога ќе се појави проблем сите се занимаваат со тоа како да се прогласат за ненадлежни, а не како да го решат проблемот. Преку глава ми е од оправдувања дека луѓето одеднаш навалиле да вадат лични документи, дека системот треба да се ажурира среде лето во работни денови, дека тендерската постапка била сложена, дека некој вложил жалба, дека течеле роковите и такви биле правилата… И децата ли нагрнаа за свидетелства? Не ги изброија ли во септември колку се запишани?

Мене, како граѓанин, воопшто не ме интересира кој за што е надлежен. Јас како граѓанин имам проблем – не можам да ја регистрирам колата, не можам да земам кредит од банка оти немам лична карта, не можам да одам во странство, не можам да ја возам колата… И од државата барам да ми го реши проблемот затоа што плаќам за таа услуга. Си има министри, си има премиер… Прво нека го решат проблемот. А после нека си ги најдат надлежните и нека си ги казнат. И нека осигураат тоа веќе да не се повтори.

6 „Продолжуваме да работиме за што помалку спакувани куфери, изгубени другари, напуштени домови и изгасени светилки“, напиша на Фејсбук вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски. Ова е неговото толкување на податоците од анкетата со прашањето „Дали член на вашето домаќинство има мигрирано за да живее или работи во странство?“, според која во март 2021 година процентот на отселени е 7%, а во февруари 2020 е 16%.

Дури и да мисли дека ќе успее да даде позитивен спин на податоците, дека еве – се намалило иселувањето – не е така. Па 7 проценти малку ли се кога цела година границите беа затворени и не работеа аеродромите, а многумина што поради ковид кризата ја изгубија работата во странство се вратија дома и останаа заробени тука. Па тие 7 проценти нашинци навистина биле упорни очајници, штом успеале да избегаат од земјава во време кога не можеше ни од дома да се излезе до самопослуга.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира