1 „Тоа е државата. Една голема дивоградба без лиценца. И најстрашно е што тоа никому не му пречи. А и да ни пречи, кому да се жалиш, кога не им пречи ни на тие на кои им плаќаме да им пречи“.
Ова е поднаслов од мојата колумна објавена пред три години, на 15 април 2022. Повод беше убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред дискотека во Скопје. Истрагата за убиството откри дека клубот работел без лиценца.
Тогаш имавме една жртва пред дискотека што не смеела да работи во Скопје. Три години подоцна имаме 62 жртви во дискотека што не смеела да работи во Кочани.
Дозволете ми уште еден цитат од истата колумна објавена пред три години: „Дали некој верува дека ќе се открие причината за пожарот во кругот на поранешната фабрика за мебел ‘Треска’ во скопската општина Центар? Дали некој верува и дека ќе има некоја истрага од што настанал пожарот? Дури и да има истрага, дури и да се открие некоја банална причина, дали некој ќе верува дека пожарот не бил подметнат за да се намали пазарната вредност на парцелите на кои треба да се градат згради?“
И сега, како да страдаме од колективна амнезија, ни се појавува поранешниот министер за градежништво и транспорт Благој Бочварски на телевизија и зборува нешто за истрагата за трагедијата во Кочани и кажува дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски треба да поднесе оставка. Па и други пратеници на СДСМ имаат нешто да кажат за Кочани.
И Бочварски, и другите од СДСМ, барем тие чиишто имиња уште им ги паметиме како функционери, најдобро е сега да си молчат. Збор да не им чуеме. А ако веќе имаат потреба нешто да кажат, тогаш најдобро е да се извинат. Да се извинат за сите зулуми што ги направија со продажбите на државно земјиште и дооформувањето парцели за урбанистичкото и архитектонското силување низ државата и за сите премолчувања и затворање очи пред тоа силување и неказнивост на силеџиите. И да се извинат дека нѐ лажеа оти ќе го сопрат урбанистичкото дивеење што го правеше ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе ги казнат силеџиите и ќе ги исправат грешките, а не да удрат уште посилно и да го охрабруваат силеџиството.
Тоа што сега СДСМ и ДУИ ни го кажуваат е апсолутно невалидно, оти еве, ги гледаме последиците од тоа што го правеле, или не го правеле кога биле на власт. Сѐ да им се олесни на ајдуците и силеџиите, а да им се искомплицира на граѓаните. Почнувајќи од летните тераси што ги заградија и ги узурпираа и тротоарите и парковите, па до чудовиштата што допрва ќе го задушуваат Скопје кај „Холидеј ин“ и старата железничка станица, станбените блокови во старите фабрики „Треска“ и „Алумина“, комплексот околу болницата „8 Септември“, уништувањето на сите населби за индивидуално домување со зградички од по 20 стана, без паркинзи и гаражи, со што од алчност не оставија ни педа од тротоарот барем нивните деца да одат по коловоз за безбедно да стигнат до школо, па преку уништувањето на Охрид и Струга сосе крајбрежјето, пркосејќи му и на УНЕСКО, заштитената зона Матка, бетонизирањето на Националниот парк Маврово, дивоградбите на Шара…
Како викаше Заев во Охрид, 2019 – Не може да биде „Не“, ќе најдат начин како да биде „Да“! И ги потврди нормите за урбанизам што важат до денеска.
Е па, еве. Бидна „Да“ со 62 жртви. И со Кочани – цел град во црно.
2 Не е дека сме молчеле и дека не сме кажувале. Еве и мојава колумна памти. Едно чудо новинарски награди на мои колеги им беа доделени баш на темата нелегални градби и корупција. Едно чудо протести на граѓани се случија. Џабе. Ќе почекаа темата да замре и ќе си продолжеа по старо.
Малку ми е нелогично на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши да му биде продолжен притворот оти тој од Скопје знаел што се случува во Кочани, а градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов да биде во домашен притвор оти не знаел што му се случува во градот. Ама па, од друга страна, сосема ми е логично истрагата да оди назад до 2012 година кога дискотеката почнала да работи во зграда што претходно била регистрирана како магацин за теписи. Ако ништо друго, можеби тоа што под истрага се поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори, државни службеници и полицајци ќе биде памет и за сегашниве да знаат дека после 10-12 години и тие може да завршат в затвор ако продолжат да ги толерираат силеџиите, ако веќе не работат заедно со нив.
Оти и сега, додека тече истрагата во Кочани и додека интензивно се пуштаат инспекции, уште никнуваат диви тераси, се надградуваат катови, се заградуваат настрешници, се издаваат дозволи за пренамена на дејности, се отвараат бизниси во згради што немаат технички прием и имотни листови…
Башка, не е само до маркичките за градење и комуналиите со кои се храни општинската администрација. Каде се улиците по кои ќе возат новите станари и гости? А паркинзи? А школи? А градинки? А поликлиники? А пристапност до зградите и дуќаните? Паркови веќе одамна не бараме, ама барем жива глава да извадиме. Ни Брза помош ќе те спаси ако ти се слоши, ни Пожарна ќе успее да изгаси пожар.
Тоа ме плаши. Дека и овие 62 жртви ќе бидат залудни. Дека ќе почне голем судски процес за Кочани кој ќе се разводни и ќе трае со години. И сѐ ќе си остане по старо.
3 Еден 57-годишен пациент починал затоа што во државната Клиника за кардиохирургија лекарите не можеле да му направат итна операција.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека лекарите решиле да не го оперираат. А зошто? Затоа што немале ни каде, ни со што да го оперираат. Не работи салата, затоа што се реновира, а немале ни стентови.
Значи, ако сега ви пукне срцева аорта и одите на државна Кардиохирургија, лекарот, што вие го плаќате со парите што државата ви ги зема месечно со придонесот за здравство од секоја плата, ќе ви каже дека не може да ви помогне затоа што државата не му обезбедила ни сала, ни материјали за работа.
Нели е тоа државно убиство?
Ако државната Кардиохирургија нема сала за операции и нема стентови, тогаш зошто оваа институција што е од стратешко значење за државата не ја претворат во рехабилитационен центар? Ако државната Кардиохирургија не може да те спаси кога си во животозагрозувачка состојба, тогаш кој може да те спаси?
Смртта на 62 млади лица во Кочани, од кои 6 деца, е убиство предизвикано од корупција. Ама, зарем не е корупција и убиството на овој 57-годишен скопјанец, а верувам дека не е единствената жртва на државното здравство? Па ако и во животозагрозувачка состојба не те примат во државна болница, туку ти викаат дека за да преживееш, треба да одиш во приватна кардиохирургија да си платиш 1.000 евра ноќевање на интензивна нега, што муабет правиме за други здравствени состојби кои ете, не се животозагрозувачки, ама се животен проблем. Те нема лекови, те нема материјали, те не работи мамографот, те не работи компјутерот, те не работи салата, те нема филмови за рентген, те не работат лифтовите, те поништен е тендерот…
Конечно, ај еднаш гласно да си го поставиме прашањето:
Дали власта со тоа што ти оневозможува да се лекуваш во државните капацитети на јавното здравство, им овозможува богатење на приватните болници?
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST